1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Фудбал

Речиси гротескната фудбалска тајна на Хрватска

Фолкер Вагенер
13 јули 2018

Хрватска е во финалето на Мундијалот. Тоа е феномен. Феномен за кој е неопходно објаснување. Оваа мала земја е фудбалски џин. Џин кој сериски произведува, како фудбалски ѕвезди така и скандали...

WM Russland 2018 l Halbfinale l Kroatien vs England - Ivan Rakitic und Mario Mandzukic feiern mit einem Fotografen
Фотографија: Reuters/C. Recine

Оној кој е на прагот на освојување на титулата светски шампион, мора да правел сѐ како што треба. Но, во случајот со Хрватска, сѐ е всушност спротивно. Нема таков фудбалски сојуз кој е во раскол сам со себе, со клубовите во лигата и со сопствените навивачи како што е Хрватскиот фудбалски сојуз. Дотолку повеќе зачудува овој јуриш на мажите во карирани дресови на светскиот фудбалски престол.

Оној кој сака да го разбере хрватскиот фудбал, не може да го заобиколи загрепски Динамо. Овој клуб е некој вид установа во која се креваат вредностите на играчите. „Меѓународниот центар за спортски студии“ во Швајцарија пронајде дека Динамо се наоѓа на четвртото место за „произведување“ прволигашки фудбалери во Европа. И тоа во најдобрите европски лиги!- Тоа е Мека за скаутите и машина за правење пари.

Светски шампион во трговија со играчи

Така загрепски Динамо е редовен кандидат за Лигата на шампиони, но во ова натпреварување тој во најдобар случај стигнува до групната фаза на натпревари, а најчесто е и последен. Причината може лесно да се претпостави: првиот тим ретко кога е заедно подолго од половина сезона во ист состав. Бидејќи, Динамо е еден вид берза на европскиот фудбал. Играчи доаѓаат, играчи заминуваат.

Повеќе:

-Хрватска- убава, луда приказна

-Фотографија на денот: Хрватска во финале!

-Хрватската летна бајка во сенка на фудбалскиот скандал

Хрватска во фудбалска славеничка еуфорија

01:09

This browser does not support the video element.

Веќе и „златната генерација“ со Бобан, Шукер и Бокшиќ од доцните 90-ти години, која со третото место на Мундијалот предизвика вонредна емотивна состојба, е создадена од тројството „откри-позлати-продади“. Динамо рано открива млади фудбалери од провинција, ги школува, им ја подига цената, а потоа по можност ги „паркира“ во Бундеслигата. Оттаму тие го продолжуваат патот кон Англија, Шпанија или Италија, а за нив не се плаќаат троцифрени милионски суми.

Мамиќ и културата на измама во хрватскиот фудбал

„Кум“ на целиот систем е Здравко Мамиќ со својот семеен клан. Поранешниот претседател на Динамо пред овој Мундијал побегна во Босна и Херцеговина. Суд во Хрватска го осуди- поради богатење, затајување данок и други криминални дејствија. Велат дека е човек кој порано продавал стадионски перничиња за седење од стиропор, под рака земал 20 и повеќе отсто од платата на своите штитеници продадени во странство, и тоа не еднократно, туку секоја година, додека дотичниот играч е активен. Модриќ, Манџукуќ, Ловрен или поранешниот  репрезентативец Ивица Олиќ спаѓаат во таквите играчи. Лука Модриќ за тоа даде противречни искази пред судот. Најпрво призна дека постои провизија за Мамиќ, а подоцна го негираше тоа. Оттогаш капитенот на репрезентацијата е под сомнеж дека ја погазил судската заклетва.

Здравко МамиќФотографија: picture-alliance/Jurica Galoic/PIXSELL

Таквата состојба во Хрватскиот фудбалски сојуз има подолга традиција. Незаборавна е епизодата за време на Европското првенство пред 2 години, кога претседателот на Сојузот за време на натпреварот од трибините му наредуваше на селекторот кого да го стави во игра и со каква тактика да се служи.

Криминалните махинации на Сојузот се причина за поделбата и меѓу навивачите. Така хрватските навивачи за време на натпреварот на ЕП против Чешка во 2016 година меѓусебно се тепаа. А во лигата одамна владее незадоволство. Клубовите од Сплит, Ријека или од Осијек не гледаат шанса за себе во борбата против „моделот на Динамо“. Дури и озлогласените навивачи „Бед бојс“ го бојкотираат сопствениот тим од протест поради криминалот на раководството. Кога се игра дома, нивната трибина е главно празна.

Успесите во спортот важни за нацијата

И покрај  тоа, нацијата е собрана околу својата фудбалска екипа. Фрањо Туѓман, првиот претседател на независна Хрватска, рано виде шанса младата држава да ја направи видлива во светот преку спортските успеси. Тој многу полагаше на фудбалот „Made in Croatia“. Комплексот на мала нација се најде во симбиоза со желбата новата држава да се докаже и тоа беше фактор за емотивна мобилизација која ги запали масите.

Фотографија: Reuters/C. Recine

Во хрватскиот фудбал во игра се големи пари. Ретки се неизвесните првенства. Другите екипи од хрватската лига со 12 клуба можат да го стигнат Динамо, можеби, еднаш во 25 години- меѓу останатото, и затоа што овој клуб го „лови“ секој перспективен играч од провинција. На тоа треба да се додаде и лобирањето за Динамо, кое за времето на Туѓман беше безмалку национален интерес.

Дотолку повеќе шокира овој успех на Хрватска на Мундијалот. Златко Делиќ, непознат тренер со речиси срамежлива насмевка, од печалбарите „тешки“ милиони евра направи екипа. Ако сега успее сензацијата, Хрватска- ако не се смета Уругвај во 30-тите години- би била најмала земја која станала светски шампион. И покрај хаосот во сопствениот двор.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми