1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Решението за коронавирусот зависи од сите нас!

13 март 2020

Оваа криза која сега не погодува, иако далеку од својот максимален удар, но сепак, како здравствена, политичка и економска криза која ќе биде, треба да се разбере како огромна можност, малку системски да се консолидираме

Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Евентуално ќе мораме да разбереме дека вирусот ја напаѓа и ја погодува нашата слобода. Таков е случајот кога здравствените мерки не се доволни, односно, кога за нивно ефективно спроведување се потреби и општествени мерки. Од науката и здравството преминуваме на политиката и владините мерки, на нашата индивидуална одговорност пред колективните проблеми.

Бидејќи светот се уште е неспособен да пронајде лек, бидејќи не можеме директно да го победиме злото кое не напаѓа, се обидуваме да го ограничиме, да го изолираме, да го намалиме колку што можеме.

Но, бидејќи ние луѓето и нашите тела сме носители и придвижувачи на вирусот, всушност тоа ограничување, изолирање и секакво намалување мораме да го примениме на нас и врз нас самите. Ние мораме да се оддалечиме од нашите блиски, ние да се воздржиме од дружбите и контактите кои живот ни значат, ние да се откажеме од нашите секојдневни приватни и професионални навики и обврски.

Ако не го направиме тоа сега, во најголем дел самосвесно, утре ќе мораме да го направиме под многу поригорозни мерки.

Општествена дисциплина и послушност

Единствениот лек кој денес Европа го познава е отстранување на човекот од јавната сцена, негово изолирање, ставање на индивидуата под интересот на колективитетот. Единствено решение испаѓа дека е општественото разделување.

Да се отстрани „телото“ пред вирусот кој делува како да има стратешка интелигенција, и дека се адаптира на секоја мерка, колку и да била ригорозна.

Во Кина пак гледаме како слават победа над вирусот. Но, Европа не е Кина, и европјаните не се Кинези.

Коронавирус: Колку е пореална заканата, толку повеќе панично купување

01:33

This browser does not support the video element.

Европскиот човек има сосема поинаков однос помеѓу народот и авторитетот. Кинезите ја сметаат индивидуата како дел од се останато. Од заедницата потекнува и постоењето на поединецот.

Ние пак сметаме дека целината е сума на сите поедини членки. Нашата идеја за заедница се базира на поединецот, исто важи и за народот, кој е продукт на сите наши поединости.

Во Кина кога се издадоа ригорозни наредби, не препораки, немаше како во Европа бегства со возови и коли во други делови. Немаше одење на 8 март или на скијање во Алта Бадиа. Ретките случаи на непослушност веднаш беа казнувани. 

Претходни колумни од авторот: 

- Мигрантската криза ја потопи обединета Европа

- Македонија во време на коронавирусот

Со други зборови, два милениуми конфучијанизам, културен систем кој се надоврзува со комунистичкиот систем, филозофската перцепција на човекот како мал шраф во системот, создал кај Кинезите неверојатна општествена дисциплина и послушност. Европа тоа го нема, и затоа подолго ќе се мачи со вирусот.

Ќе мора да измислиме свој начин, како во една поинаква култура, како во демократски општества, да најдеме начин на самограничување од материјалното и од духовно созреаното чувство на поединечна слобода.

Што кажува дека ние не сме психолошки докрај подготвени да се соочиме со премногу драстични мерки, па затоа и верувам дека властите градуално ги затегнуваат. И ако малку не почнеме да се воздржуваме и самодисиплинираме, тогаш бидете сигурни дека ќе мора да се воведат многу построги мерки. Би било добро доколку помогнеме во тој процес.

Егзистенцијална промена

Не очекува една многу сериозна егзистенцијална промена, и би било убаво во деновиве кога од нас се бара малку да се воздржиме и успориме, да поразмислиме на таа тема.

Во мракот сме за премногу аспекти од овој вирус и науката нема одговори на многу важни прашања. Пример, зошто во Италија прогресијата на заразеност и смртност беше толку повисока од соседните земји, слични по многу демографски аспекти. Не го знаеме докрај потеклото на патогенот и не сме во состојба да го измериме бројот на тивко заразените околу нас. Некои велат дека тоа е затоа што во некои земји процесот тргнал порано, други научници тврдат дека е неизбежно мнозинството од светската популација да се зарази. Како и да е, отворени прашања има, но постојат и некои јасни очигледности кои светските научници и здравствени работници веќе ги имаат разбрано.

Прво, вирусот покажува дека е „лош“, ако може така да се каже, односно дека е полош од обичниот грип. Тука и јас самиот во напор да се избегнува паника бев лаички редукционист. Но таа теза или мит е веќе надминат. Второ, од овој вирус се умира, и неговиот капацитет брзо и интензивно да се шири е прилично алармантен. Трето, вирусот кој е особено опасен за 80+ возрасните со постоечки патологии, градуално напаѓа се пониски категории на возрасти и се поздрави категории на пациенти. Тука поентата не е да се бараат грешки меѓу почетната банализација или наглата драматизација, најмалку од се да се шири некаква паника или патетика, туку да се обидеме да бидеме колку што можеме подобро информирани, со цел тоа да влијае отрезнувачки на нашата свест и на нашата ранлива психолошка состојба. Затоа и го повторувам тоа што насекаде го читам и приметувам, односно, дека општественото разделување засега е единствениот противлек на оваа заразна тактика.

Живееме тешки моменти на дестабилизираната модерност, каде глобализираниот свет создава чудна хибридизација со примитивното. Во такви едни услови одново ќе ја откриеме сета метафизичка сила на нашите стравови од злото, ќе расте нашата нерационалност која ќе преоѓа во психози и паники. Во дигиталната и постматеријална ера мислевме дека сме ослободени од врските со минатото, кога одеднаш гледаме дека зависиме премногу од производите, храната, лековите, кои некои луѓе почнуваат себично да ги складираат, правејќи големи проблеми за производителите, но и за останатите конзументи.

Одговорни граѓани

Допрва ќе откриме некаква празнина во нас самите и околу нас, далеку поголема од оние метар до два кои ни ги советуваат како мерка и дистанца помеѓу заразата и безбедноста. Дури и политиката која е навикната да резонира низ процеси, да се бави со права, субјекти, личности, одеднаш разбира дека се соочува со „тела", со човечки тела и физичката дистанца меѓу нив. Целиот овој, воопшто не едноставен процес, суштински се сведува на отстранување на човекот од јавната сцена. Таа постои и е создадена само за човекот, но сега профано гледано, од човекот е заразена.

Но, ако сакаме да ја извртиме повторно логиката, и од ставени во ситуација да бидеме само обични тела, ако сакаме да си ја повратиме човечноста, јавната грижа и свест, колективната одговорност, тогаш решението е пред нас: повикани сме како граѓани да бидеме одговорни.

Сите сме во истиот чамец, прашањето на поголема зараза и криза или превентивно ограничување на заразата е во нашите раце. Свесно ќе ја ограничиме нашата слобода, за утре сите да бидеме ослободени од заразата. Државата го прави својот дел, голем број на професионалци и лекари исто така, сега е и до нас граѓаните да се самодисциплинираме и да ја подигнеме нашата општествена и граѓанска свест.

Мораме да разбереме дека во една демократија, или ако аспирираме тоа да бидеме, одговорноста на поединецот е клучна за функционирањето на нејзините норми. Нашата одговорност е клучна и незаменлива, особено во времиња на криза. Во вакви ситуации, власта не е врвниот авторитет, туку тоа сме ние. Веќе објаснив каква е нашата разлика со Кина и нејзиниот културен, но и политички авторитарен систем и зошто за нив е полесно да го решат овој проблем. И самите гледаме дека во демократските земји многу поголеми се ограничувањата на моќта која ја има власта и формите преку кои таа моќ ја спроведува. Затоа треба да разбереме дека демократскиот суверен всушност сме ние – граѓаните. Тоа е голема моќ која бара голема одговорност. Таа одговорност кај нас не може, како што и не смее, да се наметнува со сила, но тоа не значи дека мерките не можат да станат многу подрастични.

Ниедна препорака, ниедна наредба, ниедна норма не може да биде ефикасна, доколку изостане нашиот волонтаристички и секојдневен напор во насока на нивно остварување. Токму тоа и не прави различни од авторитарните режими.

И затоа сум убеден во нешто што е многу важно за нас и нашата земја. Оваа криза или потешкотија, може да ни помогне да станеме подобри и поодговорни и со тоа да претендираме да живееме во подобра и понапредна држава, да бидеме двигатели на промените, да влијаеме повторно врз политиката.

Можност за преиспитување

Македонија во својата кратка историја на независност, од ниедна криза не излегла системски подобрена, зајакната, туку напротив, само се таложеле контрадикциите и злоупотребите. Некаде се ублажувале, некаде растеле до диспропорција, но никогаш не се напуштале целосно.

Оваа криза која сега не погодува, иако далеку од својот максимален удар, но сепак, како здравствена, психолошка, политичка, економска и системска криза која ќе биде, можеби треба да се разбере како огромна можност, малку системски да се консолидираме.

Токму затоа што се бараат и допрва ќе се бараат заложби и жртви од сите, кризата е можност за преиспитување, за промена на политиките, за квалитетно или срамно истакнување на поединци, за пронаоѓање енергија за системски реформи и подигнување на граѓанската свест и политичката одговорност.

Сега кога вистината е нужна како прецизна информација, како одговорна акција, но и како реални политики и промени, тој што глуми лесно ќе се издаде, исто како што и тој кој што е неозбилен и кој шири невистини или пак е деструктивен, утре лошо ќе си помине.

Ќе се извлечат големи поуки и се надевам ќе се разбере дека ни требаат нови модели на развој, дека ни требаат сериозни инвестиции, системски реформи, поголема грижа за луѓето и за природата и многу други работи. Ќе треба да се потрошат многу пари и многу енергија да се помине тоа што следува.

Се надевам ќе се разбуди една нова ера за нашата свест и за тоа како една држава и нејзините граѓани треба да се грижат и да влијаат на промените. Има тука една голема лекција, ако уште повеќе се поделиме или се парализираме, ќе испаднеме само огромни лузери. Решението е во нас самите, и зависи од сите нас.

Во „Чумата„ Ками на крајот од книгата, преку своето алтер его и главен лик, Бернард Рије откако ќе ни се издаде како авторот, ќе ја објасни суштината на човековото соочување со слични кризи, напоменувајќи ни дека кај луѓето има примери достојни за почит, како и примери за презир. „Јас се чувствувам повеќе солидарен со победените, отколку со светците. Немам инклинација, така барем верувам, кон хероизмот и кон светоста. Да бидам човек – тоа ми е најважно“.

Кризата ќе не допре сите, невозможно е да останеме недопрени од лошите промени. Но, идејата е во целиот тој процес, да останеме хумани.

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми