1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рибокрадците или државата – кој ќе стигне прв?!

27 ноември 2011

Со години Охридското Езеро, реките и акумулациите во Македонија се без стопан. Развлечениот избор на концесионери, според експерите им овозможи на рибокрадците да го сотрат рибниот фонд.Многу зафати без јасна стратегија.

Охридски пастрмки од Албанија стигнуваат и во Охрид и СтругаФотографија: cc-by-sa-Rob-Hogeslag

Многу често медиумите во Македонија пласираат теми поврзани со заштитата на водените басени. Текстовите најчесто започнуваат со описите на нов помор на риби, еколошко загадување на водата, запленети мрежи и друг риболовен алат и големи количини риба која тајно завршува во нечии кујни и трпези. И покрај постојаните обиди со закон и со други правни дејствија да се воспостави ред во оваа област, резултатите речиси и да ги нема. Ниту мораториумот за лов на пример на надалеку прочуената охридска пастрмка не ја спаси оваа ендемична риба која според стручњаците е пред исчезнување. Напротив, желбата на рибокрадците за нејзин улов како трофеј, како да стана поголема. И додека Македонија стави забрана за улов од другата страна на Езерото во Албанија, пастрмката се продава на пазарите и во рестораните, па дури и се препродава во Охрид и Струга. Таа стана можност за голем профит. И додека државата размислува на кој начин да стави ред, македонските езера, реки и вештачки акумулации од ден на ден стануваат се‘ посиромашни. Се добива впечаток дека и покрај многуте акции на еколозите, експертите и надлежните државни органи, работата како да се врти во круг.

Фотографија: DW

Конечно делумно концесионерство на Охридско Езеро ?!

Деновиве Владата на Република Македонија на седница донесла одлука концесијата за користење на рибниот фонд за рекреативен риболов и риболовните ревири, реките во општините Охрид и Дебарца да и‘ ја додели на Здружението на рекреативните риболовци, спортскиот клуб „Свети Апостол Петар “ од Охрид. Претседателот на здружението Радован Димитриески , вели дека сега чекаат одлуката да излезе во Службен весник за да се официјализира:

„Ова одолговлекување му оди на рака на луѓето кои на еден или друг начин го уништуваат рибниот фонд не само во Охридско Езеро,туку и во сите реки и акумулации во Македонија. Концесиите мируваат од февруари годинава. Во тој период од март до мај се мрестеа дивите видови риби: крапот, мрената, кленот, скобустот. Така врз незаштитените водени ресурси, односно врз рибниот фонд беше извршен невиден масакар, кој со ништо не ќе може да се надпополни следните петнаесет години. Во мигов се мрести речната пастрмка, а и белвицата во Охридското Езеро како и други видови пастрмка во акумулациите. За жал без концесионери и нивната судбина е слична низ цела Македонија. Под итно апелираме да се доделат концесиите за да можеме да преземеме мерки за реанимација на рибниот фонд“, апелира Димитриески.

Радован ДимитриескиФотографија: DW

И по евентуалната одлука за концесионер, Охридското Езеро на пример нема целосно да е заштитено, открива Димитриески:

„За Охридското Езеро е распишана концесија само за рекреативна зона по брегот. Не ќе можеме да го контролираме нашето членство како лови. Езерската шир останува незаштитена и за неа и натаму треба да се грижи Министерството за земјоделство и шумарство бидејќи не е дадена под концесија и е риболовна зона. Треба да се активираат државните инспектори кои се премалку и за жал се насочени кон други дејности, а речиси и да ги нема по езерата, реките и акумулациите.“

Државата со различен аршин кон езерата

Димитриоски вели дека државата, како да нема ист аршин за сите водени ресурси:

„Ние работиме според риболовните основи кои ги изработи Хидробилошкиот институт од Охрид со кого потполно не се сложуваме. Дозволен ни е риболов од брегот, но не и со кајче.Така единствено е во Охрид со образложение дека ќе сме фрлале мрежи. Риболов со кајче е дозволен и на Преспанско и на Дојранско Езеро. Што значи тоа дека ние во Охрид сме шизофреничари и дека само ние ќе фрламе мрежи, а другите не ?!“

Фотографија: DW

Прво во сите земји се врши заштита, а потоа порибување.Тоа мораме да го сфатиме и ние како спортски риболовци и надлежните институции. Како Здружение на рекреативни риболовци, а не има околу осумнаесет илјади лица во Македонија, бараме да се формира рибарска полиција, објаснува Димитриески:

„Нашиот став е јасен и стар неколку години: не смееме Охридското Езеро да го користиме како акумулација. Ќе се бориме на хидроцентралите да се прават и испусти за рибата од акумулациите. Сега во Македонија се градат 400 мини хидроцентрали,а нашите сознанија се дека засега нема ниту една патека за миграција на рибата, особено за време на мрест:“

Токму на оваа тема во Тирана деновиве ( 25 – 11 – 2011 ) расправаа ресорните министри од пет земји во регионот вклучени во прекуграничниот проект за заштита на реката Дрим. Сите се надеваат на успешна борба против сушите и поплавите и еколошко – туристичка валорзација на регионот.

Автор: Милчо Јованоски

Редактор: Ж. Ацеска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми