Ризикот за Германците поради коронавирусот е висок
ЕМФ | агенции
17 март 2020
Поради рапидното ширење на инфекцијата со коронавирус во Германија, институтот „Роберт Кох“ го подигна степенот на ризик на „висок“. Со коронавирус е заразен и противникот на Меркел, Фридрих Мерц.
Реклама
Бројот на пријавени инфекции со коронавирус кој доаѓа од болниците и здравствените власти претставува аларм поради кој институтот „Роберт Кох“ (РКИ) го подигна степенот на ризик за населението на „висок“. Претседателот на РКИ, Лотар Вилер, изјави дека ризикот варира од регион до регион и во одделни региони, како Хајнзберг во покраината Северна Рајна Вестфалија, тој е „многу висок“. Вилер признава и дека мора да се смета со значително повисок број заболени од КОВИД-19 од она што досега му е пријавено на РКИ.
Досега степенот на ризик во Германија важеше за „умерен“. Но, бројот на инфицирани се зголемува рапидно. До вчеравечер беа потврдени 6012 инфицирани лица, односно 1100 случаи повеќе од денот претходно. Официјално досега има 13 смртни случаи поради коронавирусот. Универзитетот „Џон Хопкинс“ во САД, пак, објави дека до денеска напладне во Германија имало 7600 инифицирани лица.
Овде можете да ја најдете интерактивната карта на универзитетот „Џон Хопкинс“ која го прикажува ширењето на вирусот во светот:
Меѓу инфицираните е и поранешниот шеф на пратеничката група на ЦДУ, Фридрих Мерц. „Корона-тестот на кој бев подложен во неделата е позитивен. Ќе бидам во карантин дома до крајот на наредната недела“, изјави Мерц денеска за агенцијата ДПА. Мерц, кој важи за еден од тројцата кандидати со најголеми изгледи за наследник на лидерката на ЦДУ, Анегрет Крамп-Каренбауер и со тоа како можен кандидат за канцелар. Тој додава и дека „за среќа“ има само „лесни до умерени смиптоми“ и дека „стриктно ги следи упатствата од институтот за здравје.
Германија вчера драстично ги заостри мерките во борбата против коронавирусот. Затворени се баровите, клубовите, дискотеките, кафулињата, театрите, оперите, музеите. Нема да има саеми, изложби, кино претстави, а да затворат се бара и од парковите за слободно време и за животни, како и борделите, кладилниците и коцкарниците. Нема ниту спортување во спортски објекти, затворени се базените, фитнес студијата и слично, како и игралиштата за деца. Се забрануваат и собири во здруженија и верски заедници. За мензите, рестораните и хотелите ризикот од инфекции мора да се намали со посебни прописи за оддалеченост на масите и намалување на бројот на гости. Освен тоа, на граничните премини кон Австрија, Франција, Луксембург и Данска, како и кон Швајцарија, вчера се почна со строги контроли.
Во изолација поради коронавирус? Нема проблем
Со малку креативност можете да ја претворите изолацијата во инспирација. Еве неколку идеи како да го искористите времето во карантин, и да продолжите нормално да живеете дури и затворени во четири ѕида.
Фотографија: picture-alliance/dpa/P. Schickert
Бидете креативни со конзервираната храна
Претворањето на конзервираната храна во нешто вкусно можеби бара малку магија, но сигурно не е невозможно. На пример, експериментирајте со лакса која ги прочистува синусите или пак измешајте конзерва туна со малку пченка и свеж ѓумбир за да го зајакнете вашиот имунолошки систем.
Фотографија: Miguel Medina/AFP/Getty Images
Затворената вежбална не е изговор
Имате доволно начини да ја одржите добрата форма на вашето тело дури и ако не можете да ја посетите вашата вежбална. Загрејте го телото со фитнес вежби или јога со онлајн упатства, а доколку ви е многу здодевно искористете ги и конзервите со храна во вашиот магацин за да ги развиете вашите бицепси и трицепси.
Фотографија: picture-alliance/dpa/K.-D. Gabbert
Време е за пролетно чистење
Искористете ја можноста, засукајте ги ракавите и употребете го вишокот енергија за да го светнете секое ќоше во домот. Ова може да биде најдобриот момент за расчитување на нередот. Можете дури и да ослободите место во плакарите и да зачистите во подрумот.
Целодневното гледање на ТВ серии е гарантиран начин за опуштање на умот и телото. Можеби мини-серијата „Чернобил“ и не е најдобриот избор доколку сте во мрачно расположение. Алтернативата би било нешто полесно, како „Пријатели“. Доколку секој ден потрошите 6 часа и 20 минути на оваа серија, ќе ги изгледате сите 236 епизоди за 14 дена.
Покрај сето слободно време можеби е добар момент да ја избришете прашината од некои постари игри и да се забавувате со оние со кои го споделувате карантинот. Доколку сте сами во изолација, повеќе класични игри денес имаат и онлајн верзии па можете да играте со пријателите преку интернет.
Фотографија: picture-alliance/dpa/S. Stache
Научете нешто ново
Во денешно време можете да научите речиси се онлајн. Можеби секогаш сте сакале да научите некоја нова вештина или дури и јазик. Германски можеби? На интернет ќе најдете многу можности и за бесплатно изучување јазици, па со оглед на слободното време, нема никаков изговор зошто тоа да не го сторите.
Фотографија: Colourbox
Јавете и се на бабата
Вашите роднини секогаш се жалат дека ве гледаат само за празници. Сега е добар момент да им се јавите. Иако веројатноста дека ќе заглавите на телефон 1-2 часа е голема, сепак ќе ви се израдуваат. Притоа, ќе покажете грижа и за нив и за нивното здравје во оваа тешка ситуација, особено за постарите луѓе.
Фотографија: Heike Brauer/Fotolia
Планирајте го следниот одмор
Планирањето одмор е добар начин да избегате од вашата соба, макар и само во мислите. Исполнете го денот замислувајќи си како се релаксирате на Бали или уживате во чистиот планински воздух некаде на Алпите. Само не заборавајте да си купите и патничко осигурување бидејќи никогаш не се знае кога ќе дојде следната криза.