Омикрон се шири побрзо, со помала стапка на хоспитализација
23 декември 2021Две нови студии ги потврдија првичните сознанија дека сојот Омикрон на Ковид-19 предизвикува помала стапка на хоспитализација од претходниот-Делта, но научниците и натаму се претпазливи. Тие велат дека доколку се потврдат на долг рок ваквите сознанија, намалената стапка на хоспитализација треба да се спореди со фактот дека Омикрон се шири далеку побрзо и ги заобиколува вакцините. Огромниот број на новозаразени може да ги оптовари болниците.
„Претпазливиот оптимизам е најдобриот став“, вели биохемичарот Мануел Аскано од Универзитетот Вандербилт.
Анализа на тимот за проучување на Ковид-19 на Кралскиот колеџ во Лондон проценува дека ризикот за хоспитализација со варијантата Омикрон е за околу 20% помала во однос на Делта-варијантата, а за 40% се помали шансите пациент да мора да мине една или повеќе ноќи во болница. Во таа анализа биле вклучени 56.000 откриени случаи на Омикрон и 269.000 случаи на Делта во Обединетото кралство во првата половина од декември.
Охрабрувачки резултати
Во одделна студија во Шкотска, од научници на Универзитетот во Единбург, е утврдено дека ризикот од хоспитализација со новиот сој на коронавирусот е за две-третини помал од претходниот. Но, таа студија посочува дека речиси 24.000 Омикрон случаи во Шкотска се јавиле кај претежно млади луѓе на возраст меѓу 20 и 39 години.
„Ова национално истражување е меѓу првите кое покажува дека хоспитализацијата со Омикрон е помалку веројатна одошто со Делта“, соопштија авторите на студијата дополнувајќи дека таквите резултати „се охрабрувачки“.
Научници кои не биле вклучени во студијата оценуваат дека поголемиот број на млади луѓе вклучени во анализата во Шкотска би можеле да ги релативизираат заклучоците. Метју Биникер, директор за клиничка вирологија на Клиниката Мејо во Минесота, САД вели дека податоците би можеле да водат до заклучок дека Омикрон не предизвикува тешко заболување, но и предупредува:
„Важно е да се потенцира дека доколку Омикрон имала поголема стапка на трансмисија во однос на делта, апсолутната бројка на луѓе на кои ќе им биде потребна хоспитализација ќе се зголеми, и покрај полесниот тек на болеста“.
Податоците од Јужна Африка, каде за првпат беше откриена варијантата, укажуваат на истиот заклучок. Тамошниот епидемиолог Салим Абдул Карим вели дека стапката на хоспитализации е значително намалена.
„Генералната стапка на хоспитализации е меѓу 2% и 4%, за разлика од претходно кога достигнуваше 20%. Оттука, иако има голем број случаи, малкумина се хоспитализирани“, вели Карим.