1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ризичниот сон за Голема Албанија

ЕМФ
24 јуни 2017

На еден ден пред изборите во Албанија, весникот „Велт“ пишува за зајакнувањето на националистичката реторика на Балканот.

UEFA EURO 2016 Schweiz - Albanien Fans
Фотографија: Getty Images/P. Gilham

Во текстот со наслов „Ризичниот сон за Голема Албанија“, авторот Борис Калноки наведува дека „политичките успеси на радикалните партии“ на Балканот се множат и дека така може да биде и на утрешните избори во Албанија:

„Последица од тоа се хаос и неможност за владеење - и нов лет на искри во бурето барут со име Балкан. Во Албанија и во двете други земји со висок процент на албанско население - Косово и Македонија - се засилува една нагласено национална реторика, која гласно или премолчено се ориентира според стариот сон за политичко поврзување на сите албански територии. Така, кризата која траеше во Македонија доведе до национални тонови кај славјанските 'конзервативци', но и кај албанските малцински партии. Основниот став за заедничка припадност и за самоопределување на својата судбина е нешто што кај Албанците во сите три држави е разбирливо само по себе. Само односот на политичките сили е тој што спречува ваквите позиции и отворено да се формулираат - ЕУ и САД во таков случај би им завртеле грб на Албанците. Со тоа, тие би загубиле нешто драгоцено. Америка и НАТО изборија слобода за Косово, ЕУ ја спречува Србија да мисли на реванш: помирување со Србија за двете земји е основен предуслов за приклучување кон ЕУ. Сега, меѓутоа, како во Косово, така и во Македонија, се зајакнуваат нови, порадикални партии, кои се помалку подготвени на компромис. На изборите во Косово на 11 јуни гравитациски центар на политиката стана силата со име Самоопределување... И таму (во Македонија, н.з.) сега се појавува нова сила која има радикален, национален тон и која ја тематизира корупцијата. Партијата се вика Беса... Самото нејзино егзистирање ги принудува етаблираните партии на Албанците да настапуваат поостро и да бараат поголеми права за Албанците во Македонија. Најрадо би сакале широка автономија во подрачјата каде се населени во мнозинство, долж границата со Албанија и со Косово. Во албанската татковина големоалбанскиот сон е исто така тема. Тука (во Албанија, н.з.) по изборите на 25 јуни се заканува неможност за владеење. Четврт век по пресвртот, бледее надежта за брзо приклучување кон ЕУ. Така, политичарите, кои ниту можат да зборуваат за големи достигнувања во минатото ниту да даваат големи ветувања за иднината, посегнуваат по национални пароли. Особено социјалистичкиот премиер Еди Рама ги притискаше албанските политичари во Македонија да поставуваат постојано нови барања по прашањето на малцинските права. Тој неуморно зборува за обединета, голема Албанија, како европска визија: кога сите земји во кои живеат Албанци би припаѓале на ЕУ, тогаш сите би биле обединети. Но, и без Европа - во таков случај, вели тој, ќе се најдат 'други патишта'. Тоа е и средство за вршење притисок врз Европската Унија: јасно речено, тоа значи - примете нѐ конечно, или ќе има проблеми. Сигурно е дека интеграциската сила на ЕУ е најважниот елемент за спречување нова Балканска војна“, пишува, меѓу другото, весникот „Велт“.

Со политиката на Албанија се занимава и „Нојес Дојчланд“. Предвидувајќи добри изгледи за продолжение на социјал-либералниот курс по утрешните парламентарни избори во оваа земја, весникот оценува дека „германската и европската политика кон Западен Балкан во последните години стана малку пореална“ и дека „стабилноста на регионот и продолжението на интеграцискиот процес кон ЕУ“ се приоритетите кои се ставени во преден план.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми