Како да му се даде поддршка на Ципрас поради договорот со Македонија, а да не се избламира Мицотакис? Со оваа дилема со која е соочена германската канцеларка Меркел во Грција, денеска се занимава германскиот печат.
Реклама
Германската канцеларка и грчкиот премиер ги поврзува прагматизам. Притоа, идеолошката верност е помалку важна од одржувањето на власт, пишува денеска „Зиддојче цајтунг“, анализирајќи го патувањето на Меркел во Атина, каде таа треба да го „пофали Ципрас за историскиот пробив“ во спорот за името со Македонија. Во текстот со наслов „Ризично патување“, меѓу другото се вели:
„Тоа што Меркел уште на почетокот на годината патува во студената Атина, би требало да биде израз на признание за она што е направено. Притоа, веројатно ќе биде изразена и благодарност што Грција до денес го носи најголемиот товар од европскиот договор со Турција за бегалците... На Ципрас токму сега му е неопходна поддршка, зашто неговата владеачка коалиција е на чекор до распад. Нови избори, кои првично беа планирани за наесен, би можеле да се одржат мнгу порано. Тоа ја прави посетата на Меркел чувствителна, дотолку повеќе што најважната нејзина порака во Атина недвосмислено може да биде сфатена како предизборна помош. Имено, канцеларката ќе го пофали Ципрас за еден историски пробив - за договорот кој премиерот го постигна со македонскиот колега Зоран Заев. На грчките влади 26 години им недостигаше храброст да го пресечат јазолот околу спорот за името, додека политичарите во Скопје се цементираа во опасни митови. Договорот од Преспа, како што е наречена спогодбата, е надворешнополитички скапоцен камен, за кој Ципрас и Заев - двајцата на возраст од 44 години - сега се дури предложени и за Нобеловата награда за мир. Меѓутоа, недостига благословот од грчкиот парламент. Него не го дава помалиот деснопопулистички коалиционен партнер на Ципрас, Независни Грци. А, гласовите кои недостигаат за историскиот договор не сака да ги даде ниту големата конзервативна опозициска партија Неа Демократија. Наместо тоа, конзервативците - кои ви вид го имаат својот добар рејтинг во анкетите - пливаат во националистички води и спречувањето на договорот го прогласија за 'патриотска обврска“. Така во Грција, четврт век по Балканските војни, националистичката хистерија се предава на наредната генерација. Меркел сака да направи нешто против тоа, да му даде поддршка на Ципрас тогаш, кога другите сакаат да го соборат. Тоа до пред некоја година се сметаше за невозможно. на конзервативците, кои се всушност партнерот на Меркелината ЦДУ, тоа нема да им се допадне. Само, дали смелиот ангажман на канцеларката на лице место, во Атина, ќе биде од некаква полза? Грчките односи се повторно непредвидливи. Во петок длабоко раскараните коалициони партнери имаат уште една средба во Атина, каде можеби ќе се водат дури и разговори за развод. Меркел тогаш ќе биде штотуку отпатувана. Можеби и ова ризично патување на југ подоцна ќе најде место во мемоарите на Меркел под насловот: Јануари 2019, повторно проблеми со Грците.“
Договор за решавање на спорот за името
Договорот за решавање на спорот за името меѓу Македонија и Грција беше потпишан на 17 јуни 2018. Тој би требало да му стави крај на спорот кој трае четврт век. Но, до неговото конечно спроведување има уште работа.
Договорот за решавање на спорот за името во Псарадес, на грчката страна од Преспанското Езеро, го потпишаа министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас. „Горди сме затоа што избравме решение што нѐ обединува“, оцени македонскиот премиер Заев. Неговиот грчки колега Ципрас рече: „Овде сме да ги залечиме раните што ги остави времето, да отвориме пат за мир, братство и пораст“.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Роденден
Потпис на договорот стави и долгогодишниот посредник на Обединетите Нации во спорот за името, Метју Нимиц. Потпишувањето се падна токму на неговиот 79-ти роденден. „На членовите на моето семејството им реков дека не сакам подароци за овој роденден, зашто двајца премиери ќе ми дадат еден голем подарок“, рече Нимиц на церемонијата во Псарадес.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Вратоврска
Кога по потпишувањето на договорот требаше да се направи семејна фотографија од настанот, македонскиот премиер Зоран Заев, веројатно не сакајќи да се разликува од Алексис Ципрас, кој е познат по тоа што не носи вратоврски, ја извади својата црвена вратоврска и му ја подари на својот грчки колега. Тоа беше поздравено со широки насмевки и громогласен аплауз од присутните.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Договорот зачинет со македонска храна и вино
Официјалната средба по потпишувањето во Псарадес се префрли на македонскиот брег на Преспанското Езеро. Двете делегации до Отешево стигнаа по воден пат, со чамци. Во Отешево се водеа билатерални разговори и имаше свечен ручек. На заедничкиот ручек присуствуваа и претставниците на Европската Унија и Обединетите Нации – Федерика Могерини, Јоханес Хан, Метју Нимиц и Розмари Ди Карло.
Фотографија: Reuters/A. Konstantinidis
Протести во Скопје
Потпишувањето на договорот за решавање на спорот за името предизвика протести во Македонија. Демонстрантите пред Собранието на 17.06.2018 се судрија со полицијата. Во безредијата имаше повредени и приведени лица. Според полициски наводи, има неколку повредени полицајци, како и над 25 уапсени учесници на протестите. Официјален организатор на протестите нема.
Во Грција исто така се протестира. Противниците на договорот за решавање на спорот за името во Атина за време на расправата за доверба на владата на Ципрас се судрија со полицијата пред парламентарната зграда (фото: 16.06.2018). Полицијата мораше да употреби солзавец за да ја разбие толпата која се обиде да влезе во парламентарната зграда. Владата го преживеа гласањето.
Фотографија: Reuters/C. Baltas
Уште многу работа
Ставањето потпис на Конечната спогодба за решавање на спорот за името е само еден од чекорите кои следуваат во наредните месеци до конечно решение. Следува ратификација во македонското Собрание, референдум на кој македонските граѓани ќе се изјаснат за договорот, а потоа и ратификација во грчкиот парламент.
„Франкфуртер Рундшау“ исто така оценува дека мисијата на Меркел во Атина е чувствителна и дека на Ципрас му е потребна поддршка од Меркел, меѓу другото и за претстојното гласање во грчкиот парламент околу договорот со Македонија:
„Меркел за време на посетата на Атина ќе се заложи веројатно отворено за договорот (од Преспа, н.з.). Со тоа, меѓутоа, ќе се најде во дилема. На Меркел може да ѝ биде сеедно поради можниот семеен судир со Неа Демократија (и ЦДУ на Меркел и Неа Демократија се дел од Европската народна партија, н.з.). Конечно прашањето на Македонија е геополитичко. Тука семејните чувствителности мора да се потиснат. Но, грчките конзервативци важат за фаворити на претстојните парламентарни избори. Во анкетите Неа Демократија води со 10 проценти пред левичарскиот сојуз на Ципрас, СИРИЗА. Опозицискиот шеф Мицотакис, со кого Меркел има средба во петок, би можел да седне на премиерската фотелја на Ципрас. Ваквата констелација ја прави посетата на Меркел 'чувствителна мисија' - таа сака да се изјасни 'за' договорот со Македонија, меѓутоа не смее да го избламира идниот премиер Мицотакис.“
Од провинциска девојка до канцеларка
Ангела Меркел е прва жена - канцелар во историјата на Сојузна Реублика Германија. Во четвртокот (17.7.2014) ,,„Мајката на нацијата“ , како што од милост ја нарекуваат Германците, го прослави 60-от роденден.
Фотографија: Reuters
Се појави одненадеж...
... и веднаш прекрши многу стереотипи. Жена од источна Германија без политички „врски“ која прво се проби на чело на Христијанско-демократската унија (ЦДУ) а потоа стана канцеларка. Оттогаш двапати по ред беше повторно избрана на функцијата. Германската писателка Јули Цех дури и посвети и една театарска претстава под наслов „Мама“
Фотографија: Reuters
Додека „мама“ сѐ уште беше „Енџи“
Кој тогаш би помислил дека Ангела Доротеа Казнер еднаш ќе стане најмоќна жена во светот? Грижливост, содржајност, воздржаност, со двете нозе на земја- малата Ангела израсна во протестантско семејство во градот Темплин во покраината Бранденбург. Нејзиниот татко е пастор а мајката дома ги чува Ангела и двете помлади деца.
Фотографија: imago
Драго семејство
Бабата Грета и дедото Лудвиг со нивниот син Хорст Казмирчак- таткото на Ангела. Да, не е грешка: Казмирчак. Семејството живее во Познањ, а подоцна се сели во Берлин и дури во 1930. година го менува името во Казнер. Кога во 2013. година се прошири глас за полските корени на германската канцеларка тоа предизвика големо внимание, посебно во Полска.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Тогаш на летување
Ангела одеше на училиште во Бранденбург. Кампувањето и одморот во Химелфорт во 1973. година навистина го заслужи бидејжи во сведителството имаше само најдобри оценки. Посебно се истакнуваше во предметите -руски јазик и математика. За време на школувањето била и членка на тогашната социјалистичка младина ФДЈ.
Фотографија: picture-alliance/dpa
70-ти: наука наместо Рокенрол
Меркел започна студии по физика во Лајпциг а потоа работи во Академијата за науки на ГДР во одделението за хемија каде положи и докторски испит. Тогаш го запозна и својот прв сопруг Улрих Меркел. Тој деенс се сежава на Ангела која ја запамтил како „срдечна, отворена и природна девојка“, Ангела со задоволство патува, како тука ( на фотографијата) во Прага.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Нов човек во нејзиниот живот
„ Еден ден се спакува и се исели од нашата соба голема 10 квадратни метри. Ја зеде машината за перење алишта а јас го задржав мебелот“, раскажуваше нејзиниот поранешен сопруг. Потоа стана политички активна, прво како членка на „Демократското будење“ а потоа и на ЦДУ. Со тоа во нејзиниот живот влегува нов човек, шефот на партијата и нејзин ментор Хелмут Кол.
Фотографија: Reuters
Против сите ветришта
Меркел добро го подготви својот пат: Во 1990. станува пратеничка во Бундестагот. Канцеларот Хелмут Кол ја поставува за министерка за жени и млади, иако некогашната граѓанка на ГДР нема добри врски во ЦДУ и нема ни искуство. Четири години подоцна во новиот кабинет на Кол станува министерка за животна средина, задолжена и за безбедноста на атомските реактори.
Фотографија: Reuters
Терминаторот на Христијанските-демократи
На предлог на новиот претседател на ЦДУ , Волфганг Шојбле, Меркел во 2001. стана генерален секретар на партијата а четири години подоцна во 2005. и претседателка. Во 2009. ЦДУ победи на изборите и Меркел стана прва жена канцеларка- на големо жалење на Герхард Шредер кој сакаше да остане на должноста.Под нејзино раководство ЦДУ силно се помести кон политичкиот центар и стана помалку конзервативна.
Фотографија: Reuters
Таа сака добро да се насмее
Политичкиот свет на мажите го држи добро на око. Како лидер на европската „економска локомотива“ за време на финансиската криза го крена гласот и се заложи за германските интереси. критичарите во земјата и приговорија дека премногу тактизира и оти и недостасуваат јасни зборови , особено кога станува збор за аферата со американската тајна служба, НСА.
Фотографија: Reuters
Со кого таа е „под исто ќебе“?
Со Путин не е. Односите меѓу Ангела Меркел и Владимир Путин и пред кризата во Украина не беа најдобри, како што беше случај меѓу нејзиниот претходник Герхард Шредер и рускиот претседател. Но Путин и оддава големо признание и двајцата мжат добро да разговараат и на германски и на руски јазик. Но дали притоа и се разбираат?
Фотографија: picture-alliance/dpa
Женска вечер со шприцер
Светската политика во сигурни раце на неговата сопруга, а Јоахим Зауер може да ги исполни своите обврски како „прва дама“. Со вториот сопруг Меркел се венчаше во 1989. година, уште пред нејзиниот политички подем. Тој е професор по физичка и теоретска хемија и има два сина од првиот брак. Зауер инаку се труди да избегнува настапи во јавноста.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Германски одговор за Белата куќа
Она што за други е Белата куќа или Елисејската палата за брачната двојка Меркел-Зауер е стан во центарот на Берлин. На Енџи не ѝ е потребно многу. Соседите ја сретнуваат во продавница на каса, бидејќи и натаму пазари сама. И му готви на сопругот, како што правела и порано.
Фотографија: picture-alliance/dpa
Мала морска сирена
Годишните одмори со задоволство ги минува на италијанскиот остров Ишија. Таму со сопругот оди на пешачење и на пливање. А како љубителка на скијачкото трчање, редовно може да се види и на скијачките патеки.
Фотографија: Reuters
Уверлива, не само политички
Меркел ретко може да се види во издание како ова на опера во Осло. На тогашниот премиер на Норвешка, Јенс Столтенберг очигледно му се допадна нејзиниот изглед. како љубителка на класична музика, често може да се види на Вагнеровите свечености во Бајројт.
Фотографија: Bjorn Sigurdson/AFP/Getty Images
Знае и што е офсајд
На важните натпревари на германската репрезентација со задоволство присуствува на стадионите и навива. Потоа смее да го направи она за што многу можат само да сонуваат: да ги посети играчите во соблекувалната и, на пример, да направи еден „селфи“ со Лукас Подолски. Според последните анкети, 70 насто од Германците се задоволни или многу задоволни од својата канцеларка.