1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Oслободување на Европа низ проширување

Тони Поповски
12 март 2022

Нема посоодветен историски момент за обединување на Западниот Балкан и за негов обединет влез во Унијата на кус рок. Пишува Тони Поповски.

Frankreich Russland-Ukraine-Krieg EU-Gipfel Schloss Versailles
Самит на лидерите на ЕУ во ВерсајФотографија: Michel Euler/AP/picture alliance

Петтото проширување на Европската Унија се случи на 1-ви мај, 2004 година со десет држави членки: Кипар, Чешката Република, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Малта, Полска, Словачка и Словенија. Седум од овие држави беа дел од поранешниот Источен блок, а три од нив му припаѓаа на поранешниот Советски Сојуз. 

Оваа одлука беше типично геополитичка и заснована на идејата водилка, за обединување на демократска Европа како мировен и безбедносен проект. Како дел од истиот бран на проширување, три години подоцна, на Унијата и пристапија Бугарија и Романија. Од овој бран изостанаа сите поранешни југословенски републики со исклучок на Словенија, плус Албанија.  Ова непријатно сознание за засегнатите, беше ублажено на Солунскиот самит од 2003 година кога Унијата изрази подготвеност да се прошири со држави членки од Западниот Балкан. Оттогаш изминаа 19 години. Хрватска обезбеди прием во 2013 година, а останатите се преселивме во сѐ  повеќе задушливата и тешко поднослива чекална. 

Низа причини за запоставување дадоа и даваат државите во чекалната, но подобрите познавачи на приликите во Брисел, се сеќаваат на сосема отворено искажаното и во основа конформистичко предупредување, дека наспроти групно проширување, во иднина определба на Унијата е да се проширува низ индивидуален пристап. 

Трагичниве денови низ кои минува Украина, потврдуваат дека оваа определба на Унијата беше целосно погрешна, од геополитички, но и социо-економски аспект и дека придонесе за голема ранливост на Западна Европа. Сосема доволен доказ би требало да биде бранот од над 2 милиони украински бегалци, кој од ден во ден се зголемува, надоврзан и со реални и непосредни безбедносни закани по соседи на Украина кои се членки на Унијата или други држави кои се во нејзиното соседство и во заборавениот Западен Балкан. 

Версајски разговори на спротивставени кампови 

Политиката за проширување, долго време е предмет на кусогледи внатрешни политички пресметки, особено кај старите држави членки, и овој тренд за жал сеуште трае и во основа го компромитира моделот на западната, било нагласено парламентарна или претседателска демократија. Внатрешните изборни циклуси ги детерминираат геополитичките одлуки на Унијата, а последица е нејзината маргинализација во мултиполарниот свет.  

ЕУ и Украина: Поддршка - да, но не и брз прием во членство

Јавноста во државите членки на Унијата деновиве започна да ја согледува не само безбедносната туку и економската цена на овие  стратешки потфрлања. Златната ера на високиот стандард си замина во историјата. Влегуваме во нова ера на немир и тензија на европските граници. Но и оваа нова реалност, на многумина лидери во европските престолнини не им е јасна или е сознание кое тешко се дигестира а уште потешко, поради личната одговорност, преџвакано се пласира кај својата јавност. 

Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

Доволно е само да се прочитаат официјалните изјави и рефлексиите од Версајскиот самит (одржан пред неколку дена) во европските медиуми, да се заклучи дека Унијата е поделена во два кампа. Еден кој се крие зад процедурите од во основа себични и конформистички побуди, и друг кој се залага за навремено напуштање на зоната на комфор и носење на храбри геополитички одлуки, додека не биде предоцна. Вториве се барем засега 11 гласни држави, од централна и југоисточна Европа. Овие држави се глас на разумот. Нивните заложби се Унијата да биде силна и обединета, бидејќи само таква Унија, може да го сочува она што преостана од глобалниот еквилибриум. 

Тивкиот и подзагубен Западен Балкан 

Дури и овие парцијални, но гласни и аргументирани повици за носење на Западен Балкан на брза лента во ЕУ, наидуваат на една своевидна парализа во балканските престолнини. Нема посоодветен историски момент за обединување на Западниот Балкан и за негов обединет влез во Унијата на кус рок. Потребата од историска средба на лидерите на нашите народи и нации е повеќе од неопходна. 

Нашиот претседател Пендаровски, со својата репутација на демократ, но и поради конструктивната улога која нашата Република во континуитет ја има, како и поради начинот на кој ја зачувавме унитарноста и нашиот територијален интегритет, е во одлична позиција да ги свика своите колеги и колешки, да ги донесе на маса премиерите и претставниците на опозициите, но и на други засегнати страни во западно-балканските општества. 

Убавите балкански села гореа, додека старата дама се чешлаше

Потребен е договор на сите држави од Западниот Балкан за решително справување со корупцијата и значајно унапредување на сите аспекти на функционирање како правни држави со слободен пазар. Мора да создадеме вистински заеднички политики за јакнење на инфраструктурните врски и економската соработка во рамки на регионот но и со соседите, кои се држави членки на Унијата. Мора да покажеме дека ако не сме подобри, дека сме барем еднакво добри како нив. 

Колку што имаме оправдани очекувања, исто толку па и повеќе треба да покажеме посветеност и да демонстрираме висок стандард на однесување. Западен Балкан тоа го може ако сака. Ако не сакаат политичарите, треба да им соопштиме дека тоа ни е важно и дека го очекуваме од нив.

На тој начин нема да им даваме изговор на конформистите, и ќе поттикнеме свеж пристап на новите европските лидери, меѓу кои и Аналена Баербок, германскиот МНР, која неодамна изјави дека на ист начин како што Германија најде мир исклучиво во Европската унија по 1945 година, „така и нам ни требаат сите шест земји од Западен Балкан да бидат во ЕУ за траен мир на нашиот континент”, пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија сега мора конечно да се реализираат!  

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми