1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Родендените, шифрите на животната радост и благодарност

23 мај 2022

Славењето на роденденот во Европа до 20 век било обичај само во повисоките општествени слоеви. На Балканот, во Македонија, дури и во 20 век долго не се славеше роденденот, туку само именденот. Пишува Кица Колбе.

Кица Колбе, авторка на колумната
Кица Колбе, авторка на колумнатаФотографија: Privat

Ова е првата колумна  што ќе биде објавена на мојот роденден. Затоа  таа ќе биде многу лична. Јас сум од тие луѓе кои и на постара возраст секој  роденден го очекуваат со радосен трепет и чувство на длабока благодарност. Уште во роденденското утро се будам со чувството што го имаат децата за животот. Имено, чувството дека животот е чудо и дека најскапоцениот  и најубавиот подарок е  самиот живот. Децата ни ја покажуваат во најчистата форма радоста за својот роденден. Небаре шифра за таа бескрајна радост која, всушност, е благодараност за  тоа  што постоиме, Германците славеникот го нарекуваат  Geburtstagskind. Навистина, секој е повторно дете кога го слави   роденденот, бил тој, притоа, стар, уште млад или малечко дете.

Секако, социологијата сведочи дека честитањето и славењето на роденденот во Европа до деветнаесеттиот век било обичај само во повисоките општествени слоеви. На Балканот, во Македонија, дури и во дваесеттиот век долго не се славеше роденденот, туку само именденот. Притоа паметам дека во моето детство именденот им се честиташе само на мажите во фамилијата. Моите баби не   го славеа именденот, а уште помалку роденденот. Кога се преселив во Германија  дознав дека во католичкиот Келн  речиси се‘ до војната се славел само именденот, но не и роденденот. Фамилијата, пак, на мојот свекор и свекрва, Германци протерани од Шлезија, го славеа уште пред војната роденденот и на децата и на возрасните. Денес не е замисливо за просечниот германски, но и македонски граѓанин, особено во големите градови, да не  го слави роденденот. Тој е значаен датум не само за секој од нас, туку и за нашиот поширок круг од роднини и пријатели.

Фотографија: picture-alliance/chromorange/Spa

Родендените се  значајни мигови во нашиот модерен социјален живот. Тие не‘ учат на внимание едни кон други, на дарување и на  благодарност за другите, за ближните. Тие се ритуали  кои го облагородуваат секојдневието. Дури и да не го слави роденденот,  ако е корисник на Фејсбук и ако го навел датумот на раѓање во своите лични податоци,  денес секој може да биде сигурен дека многумина ќе му го честитаат роденденот. Покрај сета анонимност на виртуелната комуникација на социјалните мрежи,  тие за многу луѓе го збогатуваат бројот на  роденденските честитки.

Повеќе од авторката: Кое е заедничкото македонско граѓанско „ние”?

Секој роденден се будам со чувство  дека сиот ден е исполнет со блесок, кој продолжува да трае и во  роденденската недела. Тој миг во роденденското утро ме потсетува дека секој ден е особен, неповторлив ден. И дека секој ден, секое утро треба да го започнувам со роденденска радост. И да го завршувам денот со длабока благодарност. Затоа што секој ден е моето животно време кое истекува неповратно. Додека го паметиме тоа, ние сме способни  и како возрасни да се радуваме на мигот, како што чинат децата, затоа што тие немаат  чувство дека времето истекува. Затоа детството е вечност. Тоа е затоа рајот, по кој копнееме во староста.

Единственото роденденско утро  во кое се разбудив со тага беше пред шест години, кога со ќерка ми на мојот роденден  допатувавме со авион во Скопје, на погребот на мајка ми. Оттогаш, мојот роденден е уште подлабоко поврзан со паметењето и благодарноста кон мајка ми. Додека беше жива, таа  беше првата што ми се јавуваше рано наутро во Германија да ми го честита роденденот. Кусо по неа следеше телефонската честитка од свекрва ми. Мајка ми беше позната пејачка, меѓутоа никогаш не ми испеа  роденденска песна. Свекрва ми, пак, ми посакуваше  среќен роденден, пеејќи ми  го рефренот: „Zum Geburtstag viel Glück!" Сега и  двете се починати. И, сепак, напати ми се чини дека го слушам во роденденското утро радосниот глас на мајка ми и песната на свекрва ми.

Повеќе од авторката: Треба да се бдее врз мирот пред варварството на војната

Некои од моите германски пријатели имаа голема дарба во создавњето ритуали на внимание и љубов. Една пријателка, теоретичарка на литературата која многу го сакаше Хелдерлин и Моцарт, на својот роденден на крајот  на прославата танцуваше (на осумдесет години)  со брзото темпо на прочуеното дивертименто 136  на  Моцарт. Таа имаше роденден два дена пред мене. Затоа што нашите родендени ги делеше само еден ден, таа доаѓаше еден ден пред мојот роденден со букет момини солзи од нејзината градина. За да ми посака спокоен сон спроти мојот роденден. Со нетрпение ги чекам и денес писмата со роденденските честитки  од една друга германска пријателка, која ги украсува со нејзините оригинални цртежи пликовите  однадвор, а не само долгото писмо, напишано со совршен ракопис во боја. Честитката од еден друг пријател стигнуваше секоја година еден ден пред мојот роденден, во која тој роденденските желби ги пишуваше со  ситен, многу редуциран  ракопис. Никогаш не му кажав дека  не успевав да го разгатнам неговиот ракопис, колку и да се трудев. Доволно ми беше да знам дека  не ме заборавил и ми напишал за роденденот. Нечитливоста на неговите честитки беше станала за мене  таинствена шифра, на која и‘ се радував, секогаш одново. Од пред десетина години тој ми ги испраќа честитките по имеил. Сепак, магијата на неговите честитки остана да трепери меѓу редовите и врз белиот монитор.

Фотографија: picture-alliance/blickwinkel/McPHOTO/M. Gann

Особено додека беа живи роднините од генерацијата што ја беа преживеале војната и прогонството од дома, во Шлезија, во мојата голема германска фамилија родендените се  славеа многу интензивно. Започнуваа  попладне, со  пенливо вино (Sekt), со многу кафе (со млеко) и со неколку  торти и  колачи, а завршуваа со  богата вечера. Помеѓу тортите и вечерата се  развиткуваа подароците и со песни се чествуваше славеникот. Мај беше месецот во кој во фамилијата секоја недела се славеше нечиј роденден, небаре беше некој роденденски маратон. На многумина од нас, помладите членови, тогаш често ни се чинеше дека интензивното славење на секој роденден, особено во мај, е претерано. Еден месец пред почетокот на пандемијата во 2020-та почина свекрва ми, последната од постарата генерација.

Повеќе од авторката: Одат ли македонските писател(к)и често во училиштата?

Пандемијата ненадејно го блокираше стариот, вообичаен ред на нештата во фамилиите. Собирите, семејните слави и прослави не беа дозволени. А ние набрзо почнавме се‘ повеќе да  копнееме  по времето кога во мај во фамилијата се славеа осум родендени!  Завчера  имавме  среќа фамилијата да се собере на голема прослава. Во радосниот џагор во  градината полна со гости, јас го слушав и гласот на тие членови на фамилијата што веќе заминаа во вечноста. Сите беа со нас во тој миг, затоа што ние се радувавме  на средбата и во разговорот  еден со друг. Затоа што го славевме животот, со радост и благодарност за секој ден. Сфативме дека сите не‘ преобрази времето на пандемијата. Се радувавме што се гледаме повторно по   две години, здрави и живи! Сите поминавме низ стравот од заразата со Корона-вирусот и  сознавме  што е најдрагоценото – фамилијата, најближните и нивното здравје. И си ветивме дека ќе ги славиме во иднина родендените во фамилијата со истата радост  како што чинеа нашите  родители, дедовци и баби кои ја беа доживеале  војната. Секој ден би требало да го доживуваме како празник, како роденден. Секој ден е, всушност, ново раѓање, нов почеток. Така треба да се живее секој ден во животот, си велам, очекувајќи го со детски трепет мојот роденден.  

 

Кица Колбе Филозофина и македонска и германска писателка.
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми