1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роденденски честитки до Кастро на баксузен ден

23 август 2011

Кубанскиот диктатор Фидел Кастро на 13 август славеше 85-ти роденден, по тој повод доби писмо од Партијата на левите во Германија, полно со пофалби. Текстот кој излезе на виделина предизвика бурни дискусии меѓу партиите.

84. Geburtstag von Fidel Castro Kuba
Фидел КастроФотографија: AP

Да ги срочуваше и самиот Ерих Хонекер, во 1989 година соборениот претседател на ГДР и партиски шеф, желбите до „драгиот другар Кастро“ немаше да бидат подобро формулирани. Писмото кое го испратила претседателската двојка на Партијата на левите, Гезине Леч и Клаус Ернст до кубанскиот револуционерен водач содржи толку невообичаено признание од антикапиталистичка партија од една капиталистичка земја, што кубанската амбасада во Берлин го поставила на својата интернет страница. Така, јавноста е запозната со писмото полно величање, по што следеше остра критика.

Гезине Леч и Клаус ЕрнстФотографија: AP

Се‘ поскандалозни изјави на левите

Генералниот секретар на владајачката Христијанско-демократска унија, Херман Грее, за весникот „Ди велт“ оцени дека изјавите на левите стануваат се‘ поскандалозни. Неговиот сопартиец Штефан Милер беше уште поостар: партија која пишува вакви писма до еден диктатор, очигледно има поделен однос кон демократијата. Тој предложи Службата за заштита на уставноста да се зафати со засилено следење на оваа партија.

Партијата на левите со години се бори против надзор од Службата за заштита на уставноста, делумно и со правни средства. Службата за заштита на уставноста пак врши набљудување на левите, но потенцира-само од јавно достапни извори. Притоа, на службата за безбедност и‘ е одамна позната симпатијата во рамките на левите кон Куба и Фидел Кастро, која носи корени уште од ГДР.

Ко-претседателот на Партијата на левите Гезине Леч Куба ја велича како „пример и ориентација за многу земји во светот“. Според неа, и други земји во Латинска Америка во меѓувреме „ја зедоа својата судбина во сопствени раце“ и одат по пат кој е „во нивен сопствен интерес, а не на меѓународниот капитал“. Леч и Ернст го уверуваат Кастро во писмото во „поддршка на кубанската независност и нивно нескршливо пријателство и солидарност со кубанскиот народ“.

Грегор ГизиФотографија: dapd

Изостана критика од сопствените редови

Раководството на Партијата на левите остана поштедено од критика од редовите во сопствената партија за содржината на писмото. Шефот на пратеничката група на партијата Грегор Гизи, истакна дека писмотo не одговара на неговиот стил, но во обраќање до некој 85-годишен човек ни тој не би редел само критики. Инаку, според Гизи, на Куба и‘ се потребни промени, што би значеле подобрување на човековите права, посебно правото на слободно изразување мислење и патување.

На почетокот на оваа година Гезине Леч предизвика иритации со своите спорни изјави за „Патиштата кон комунизам“. На 50 годишнината од изградбата на Берлинскиот ѕид, таа Ѕидот го стави во контекст на последица од Втората светска војна. Иронија на судбината: роденденот на Фидел Кастро беше на 13 август, на истиот ден и почетокот на изградбата на Берлинскиот ѕид. Се чини, овој датум не и‘ носи среќа на Партијата на левите...

Автор: Марсел Фирстенау/ Жана Ацеска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми

Повеќе теми