1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Родителите на децата со инвалидитет го зазедоа Сејмот

Моника Ширацка
28 април 2018

Родителите на деца со инвалидитет во Полска добиваат мала поддршка од државата, која завршува кога детето ќе наполни 18 години. Тоа е противуставно. Родителите сега протестираат во и надвор од парламентот во Варшава.

Polen Proteste vor dem Parlament
Фотографија: Katarzyna Pierzchala

Зградата на парламентот (Сејмот) во Варшава е забарикадирана и опколена со полиција. Во ходниците на парламентот повеќе од една недела седат деца со инвалидитет и нивните родители. Тие не сакаат да го напуштат парламентот сѐ додека не бидат слушнати нивните барања за поголема поддршка од државата. Спијат на подот и мора секојдневно да се грижат за своите деца. Веќе имаше случаи физиотерапевти на децата да не бидат пуштени во зградата на Сејмот. На улиците пред парламентот има други родители со деца. Тие веќе не смеат да влезат во зградата.

Кшиштоф Марцињак стои зад инвалидската количка на својот син Гжесјак. 42-годишниот Гжесјак има Даунов синдром и епилепсија. Тој се насмевнува радосно, ја крева раката и го покажува знакот за победа „V". Татко му е помал оптимист. „Мојот Гжесјак секогаш одеше во дневниот центар, кој му е единствена шанса за социјален живот. Ваквиот центар по 25 години постоење беше затворен во нашиот дел од градот. Никој не се интересира за луѓето како нас“, вели тој огорчено.

Неодамна морал од сопствен џеб да плати за инвалидската количка на синот, затоа што за Дауновиот синдром и епилепсијата не е предвидена државно финансирање на инвалидски колички. Тоа што на Гжесјак му е понекогаш тешко да оди, за државата не е доволно лошо за да ѝ дава финансиска поддршка на фамилијата. Марцињак со години раководел со здружението во Варшава кое се залага за правата на лицата со инвалидитет. Сега, кога ќе ја види масата на луѓе што протестираат, се чувствува поразен. „Ништо не е постигнато. Борбата мора да се почнува секогаш одново.“

Татко и син: И покрај Дауновиот синдром и епилепсијата, Гжесјак нема право на државна помош за инвалидска количкаФотографија: (c) DW/M. Sieradzka

Слично се чувствуваат и другите демонстранти. „Ова не е протест, едноставно продлжуваме со стариот“, вели портпаролката на демонстрантите, Ивона Хартвих. Пред точно 4 години родителите на деца со инвалидитет веќе го имаа заземено парламентот. Нивните барања тогаш и денешните се речиси исти.

Противуставен систем

Оној кој во Полска мора да се откаже од работа за да може да го негува своето дете со инвалидитет, месечно добива 350 евра. Но, само ако не остварува никакви други приходи. Значи, работење по некој ден во месецот не е дозволено. Од моментот кога детето ќе стане возрасно, ваквата, и онака мала, месечна поддршка сосема отпаѓа. Според одлука на Уставниот суд од 2014 година ваквото правило е спротивно на Уставот, но тоа досега се игнорираше како од претходната власт, така и од сегашната влада на ПиС.

Тоа значи дека родителите кои се откажале од работа од денес до утре ја губат поддршката само затоа што детето наполнило 18 години. Родителите кои се дојдени на протест во Варшава велат дека веќе самиот овој факт е доволен за протести. Тие, покрај тоа, бараат и воведување месечна поддршка за нега во висина од 130 евра и зголемување на социјалната пензија за инвалидите, која сега изнесува 170 евра месечно.

Владата има намера да попушти само во врска со последното барање и да ја зголеми социјалната пензија од 170 на 260 евра. Тоа за демонстрантите е премалку.

Каде е срцето за лицата со инвалидитет? Родителите кои се откажале од работа од денес до утре ја губат финансиската поддршка само затоа што детето наполнило 18 годиниФотографија: Katarzyna Pierzchala

1.000 евра за дете со инвалидитет

Многу родители сметаат дека е циничен начинот на кој ПиС ја претставува државната помош за децата со инвалидитет и нивните родители. Во 2016 година владиното мнозинство во парламентот донесе закон кој предвидува еднократна исплата од 1.000 евра за раѓање на дете со инвалидитет. „Но, што ќе се случува потоа со тоа дете во текот на животот и со неговите родители, веќе не е предмет на интерес на владејачката партија“, се лути една мајка која протестира со својот син пред парламентот. На нејзиниот транспарент стои: „Човечноста се мери со тоа колкава е грижата за најслабите“.

Повеќе: Како да се вработат повеќе инвалиди?

На повидок нема решение

Родителите кои го зазедоа парламентот добиваат посети од политичари, но решение за нивните проблеми на повидок - нема. Кога претседателот Дуда дојде да ги посети и ги охрабри на натамошна борба, тие како одговор му ја покажаа видео-снимката од неговата изборна кампања кога се залагаше за правата на лицата со инвалидитет. По изборот, меѓутоа, не стори ништо околу тоа. Премиерот Моравјецки на демонстрантите им вети „Патоказ“, но истовремено зборуваше и за недоволно средства во буџетот.

Сепак, родителите не сакаат да се предадат. Тие продолжуваат да протестираат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми