1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Роди се во Македонија - и биди пензионер!

Катерина Блажевска10 август 2015

Новото зголемување на пензиите, го отвори прашањето за стабилноста на пензиската каса, но и за одвојувањето на државата од партијата, односно обврската за „исто ниво на игра за сите“, предвидена со Договорот од 2 јуни.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Најавата за ново зголемување на пензиите викендов ги вжешти социјалните мрежи: „Почна изборната кампања“, „Иднината на земјата е во младите, а на власта - во пензионерите!“, „Роди се - и биди пензионер“, „А, кој ќе ја полни пензиската каса?“. Ова се само дел од коментарите, откако премиерот Никола Груевски, најави покачување на септемвриската пензија за 5 проценти.

,,Предвидено е и во буџетот е програмирано, септемвриската пензија што се зема во октомври, да биде повисока за 5 проценти. Се уште не сме донеле одлука, но најверојатно тоа ќе биде линеарно зголемување, од 600 до 630 денари за секој пензионер“, најави премиерот.

Информацијата не е нова. Уште на 15 март, на големиот партиски собир на владејачката партија одржан во спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје, ова беше една од т.н. „позитивни бомби“ со кои ВМРО-ДПМНЕ се обиде да го намали шетниот ефект од „негативните бомби“ што од февруари почна да ги објавува опозицијата.

„Пензиите во просек се зголемени за 62%, а најниските пензии се зголемени за 76%. Следно покачување е во октомври, согласно со ветеното. Покрај ова за пензионерите се обезбедија многу други бенефиции меѓу кои и тоа што 25.000 пензионери отидоа на бесплатна бања, а оваа година уште ќе одат 5.000“, беше соопштено на партискиот собир.

Нови импликации

Во изминатите години ревизорски извештаи обелоденуваа загрижувачки податоци дека дупката во буџетската каса на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување (ПИОМ) секоја година се повеќе се продлабочува. Токму еден од мотивите за воведување придонеси од хонорарите, беше делумно пополнување на таа „дупка“. Во Фондот за ПИОМ поради летните одмори и отсуство на раководни лица, не може да се добие податок за сегашната финансиска кондиција на пензиската каса, ниту за импликациите од новото зголемување на пензиите.

Линеарното зголемување на пензиите е спротивно на Законот за пензиско и инвалидско осигурување, реагираше професорот Тито Беличанец.

Никола ГруевскиФотографија: picture alliance/epa/N. Batev

„Со линеарното зголемување на пензиите Груевски го урна пензискиот систем заснован на години на стаж и пензиска основица, која зависи од издвојувањето од платата за време на годините на работа, односно работниот стаж! Каква е смислата на пензиската основа, односно годините на работен стаж, ако со линеарно зголемување пензиите се изедначуваат. Највисоката пензија од 1:3 се сведе на 1: 1,5. ДПМНЕ, прокламирана како десна партија, одлучи да практикува комунистичка урамниловка. За Груевски битен е бројот на гласовите на избори, поточно да остане на власт. Цената на неговата антипензиска политика, на крајот, како во Србија ќе ја платат пензионерите со намалување на пензиите. Крајно е неморално со парите на пензионерите да води и предизборна кампања“, оцени Беличанец.

Највисок просек во регионот!

Додека едни ги анализираат законските аспекти и политичките мотиви, пензионерите пресметуваат кој колку ќе добие. Претседателот на Сојузот здруженијата на пензионерите на Македонија, Драги Аргировски, според направената анализа, вели најмногу ќе добијат оние кои имаат помали пензии.

„Добро е да има линеарно зголемување, што значи дека најмногу ќе добијат оние кои имаат помали пензии. Во моментов има 23 илјади корисници на пензија во висина од 8 илјади денари, кои ќе добијат зголемување од 8 отсто. Оние кои земаат по 9.500 денари, а тие се најмногу - 82 илјади пензионери, ќе добијат зголемување од 7 отсто. Оние со пензија од 12.470 денари ќе добијат зголемување од 5 отсто. Три отсто ќе добијат овие што земаат пензија во висина околу 20.000 денари, а најмало зголемување ќе имаат оние пензија над 35 илјади денари - 1,8 отсто“, објаснува Аргировски.

Фотографија: DW/P. Stojanovski

Според него, ова покачување ќе значи и зголемување на просечната пензија во Македонија, која сега ќе изнесува 13.050 денари, односно 213 евра, што е повисок просек од оној што го имаат земјите во регионот - Бугарија, Албанија, Србија и Косово.

Аргировски не стравува за стабилноста на пензинскиот систем.

„Толку години не се урнал, нема да се урне ни сега. Зголемен е бројот на вработувања за околу десет отсто, кои заедно со другите вработени ја полнат пензиската каса. Има средства пензионерите да бидат помогнати“, вели претседателот на Сојузот со најголемо членство во Македонија - 250.000 пензионери. Во зголемувањето на пензиите не гледа политички и изборни мотиви, туку реална грижа за стандардот на највозрасната популација во земјата.

Спротивно на духот на Договорот

Сето ова ставено во контекст на спроведувањето на договорот од 2 јуни, според аналитичарите укажува дека најтешко ќе биде остварувањето на стандардот - одвојување на државата од партијата. Според нив, власта до последен момент ќе ги употребува сите можности што и стојат на располагање, со цел преку планирани и непланирани бенефициии да претвори различни социјални категории во нејзини гласачи. Кампањите за нови вработувања, зголемувањето на пензиите, намалувањето на казните за фирмите, укинување на законот за хонорарците, се само почеток на тој тренд кој ќе расте до крајот на годината. Бидејќи тој не навестува реализирање на обврската (од точка 6) за обезбедување „на исто ниво на игра за сите партии“, односно исти стартни позиции за сите партии учесници во изборниот процес, се очекува медијаторите на преговарачкиот процес во наредниве денови да разговараат со потписниците на Договорот од 2 јуни.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми