Не е пропуштен рокот од 18 месеци за поднесување обвиненија, велат за ДВ правни експерти. Ако СЈО на 4 декември 2015 година ги добило предметите, а на 30 декември материјалите, тогаш рокот истекува на 30 јуни.
Реклама
Вчера не истече крајниот рокот од 18 месеци, како што објавија повеќе медиуми, во кој СЈО требало да покрене обвиненија или да ја запре истражната постапка за првите предмети што ги презеде во негова надлежност. Според правни експери, тој рок за СЈО истекува точно на 30 јуни.
„Се работи за рок кој започнува да тече од исполнувањето на два услова - добивањето на предметите, но и добивањето на материјалите. Првиот услов беше исполнет на 4 декември 2015 година, кога СЈО од Јавното обвинителство презеде 34 предмети. Во нив ги имаше кривичните пријави и дотогашното постапување на обвинителите, но ги немаше материјалите, односно снимките, врз основа на кои требаше да постапува СЈО - да гони кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите. Вториот услов беше исполнет три недели подоцна, на 30 декември 2015 година, кога лидерот на СДСМ ги предаде материјалите од незаконското следење на комуникациите во СЈО. Со оглед дека 30 декември е денот на кој СЈО го добил комплетниот материјал (и предмети и снимки) тогаш рокот од 18 месеци во кој оваа институција може да поднесе обвиненија или да запре истрага истекува на 30 јуни 2017“, објаснува правен експерт.
На 30 декември 2015, спакувани во шест кутии, Заев ѝ ги предаде на специјалната обвинителка Катица Јанева снимките од незаконското следење на комуникациите, како што изјави „веднаш, откако од СЈО добил информација дека во обвинителството конечно се создадени услови за безбедно чување на материјалите“.
Известие за завршени истраги
Од СЈО до вчера не се изјаснија за прашањето за роковите. Ако крајниот рок за првите предмети истекува на 30 јуни, тогаш, според правниците кои ги консултираше ДВ, процесот би течел по следниот редослед. Доколку СЈО решило да покрене обвиненија, тогаш во следните денови треба да прати известување дека се завршени истрагите, бидејќи обвинетите имаат рок од 15 дена да се запознаат со наодите, и евентуално да дадат свој предлог во контекст на истрагата. Имајќи го предвид ова, СЈО најдоцна до 10 јуни би требало да испрати такви известија, за по рокот од 15 дена, односно пред 30 јуни да ги покрене обвиненијата и да ја информира јавноста за тоа.
Но, без оглед што на СЈО му остануваат 25 дена до крајниот рок, според правните експерти, законски определениот рок од 18 месеци ја доведува оваа институција во нерамноправен однос со Јавното обвинителство, кое нема таков рок за покренување обвиненија. Од СЈО неколку пати побараа измени во законот околу рокот за поднесување обвиненија, за што е потребно двотретинско собраниско мнозинство. Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека предвидениот рок е веќе договорен, доволен и нема причини да се менува.
Специјално судско одделение
Но, според правни експерти, ваквата нееднаквост меѓу СЈО и ЈО може да се реши и со иницијатива до Уставниот суд.
Членот 22 од Законот за СЈО, за кој се бара изменување или укинување, гласи: „Јавниот обвинител кој раководи со јавното обвинителство може да покрене обвинение или да нареди запирање на истражна постапка во период не подолг од 18 месеци од денот на преземањето на предметите и материјалите во негова надлежност“.
Специјалната јавна обвинителка на прес-конференцијата на 22 мај побара од новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за СЈО.
Јанева за ДВ: ВМРО-ДПМНЕ владеело со криминал и уцени
03:46
„Имајќи предвид дека ова јавно обвинителство покажа дека е на вистинскиот пат кон ефикасно справување со криминалот што спаѓа во негова надлежност, а за во полн капацитет да ја покаже истрајноста во борбата против криминалот и неправдата, бараме новото парламентарно мнозинство да го избрише, измени или укине членот 22 од Законот за ова јавно обвинителство, што ќе овозможи ова јавно обвинителство докрај да ги истражи кривичните дела содржани во доставените разговори од незаконски следените комуникации“ рече Јанева.
Но, сѐ поизвесно е дека во рамките на реформите во правосудството ќе се решаваат и многу аспекти кои ја лимитираат работата на СЈО.
Таргет, Титаник, Тортура, ТНТ, Транспортер, Тврдина, Трезор, Топлик, Тендери, Тарифа и Тенк се 11-те случаи кои досега ги отвори СЈО. Осомничени или обвинети се многу актуелни и поранешни државни и локални функционери.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Катица Јанева
Катица Јанева беше избрана за Специјален Јавен обвинител на 15 септември 2015 година од страна на Советот на јавните обвинители, а нејзиниот тим се комплетираше со уште 12 обвинители на 4 ноември лани. Нејзиниот избор беше дел од Договорот од Пржино за што согласност дадоа сите лидери на политички партии и големо мнозинство пратеници во Собранието.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
Од шионажа до злосторничко здружување
Заклучно со март годинава, во првиот шестмесечен период од работењето, СЈО отворило вкупно 30 предмети против 80 лица. Кривичните дела кои им се ставаат на товар на осомничените и обвинетите се движат од Повреда на избирачко право, Злоупотреба на службена положба до Насилство, Шпионажа и Злосторничко здружување.
Фотографија: MIA
Обработка на прислушуваните материјали
Во септември годинава, СЈО го претстави и вториот шестмесечен извештај за својата работа. Во меѓувреме, ова обвинителство брои 74 вработени. Во тој период, обвинителите преслушале и обработиле 55.240 аудио фајлови, односно 12 проценти од вкупно добиените прислушкувани материјали.
Фотографија: picture-alliance/dpa/C. Charisius
Насилство и фалсификат
Паралелно со поднесениот втор Извештај за својата работа, СЈО ги обелодени и првите две обвиненија. Во првиот предмет, обвинети се седум лица - службеници на УБК кои го уништиле доказниот материјал за неовластеното прислушување. Во вториот, обвинети се 14 лица кои го поттикнувале или извршиле насилство при протестите пред општина Центар во јуни 2013 година. Меѓу нив е и експремиерот Груевски.
Фотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski
Меѓународна поддршка
СЈО во меѓувреме добива отворена поддршка од претставниците на меѓународната заедница. Шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмајер на 1 септември годинава порача дека е важно „СЈО да може непречено да продолжи со својата работа за разјаснување на обвинувањата за злоупотреба на моќта, за повторно да се засили довербата на македонското население во демократските институции на земјата“.
Фотографија: Reuters/I. Kalnins
Титаник- број 1.
Во февруари 2016, СЈО го обзнани својот прв случај, за изборни измами за кои постои сомнеж дека ги извршувала група која ја предводеле ексминистерката Јанкулоска, ексминистерот за транспорт Јанакиески и секретарот на Владата, Божиновски. Осомничени се за криминализација на изборниот процес со незаконско издавање лични карти и вметнување во избирачкиот список на лица, како и насилство, поткуп...
Фотографија: Petr Stojanovski
ТНТ- Како се уриваше Космос
Во април 2016 година беше отворен случајот за незаконското уривање на комлексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Иако првично не беа опфатени во истражната постапка, поради аболицијата од претседателот Ѓорге Иванов, осомничени во случајот „ТНТ“ се и експремиерот Груевски, ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, и актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски.
Фотографија: Petr Stojanovski
Транспортер- Битола како Токио
Случајот во април 2016, обвинителката Фатиме Фетаи го најави како „веројатно најскапиот превоз за ученици во светот“, кој го плаќал градот Битола. Градоначалникот на Битола Владимир Талески и претседателот на комисијата за јавни набавки на општината, според СЈО, нанеле штета на буџетот од околу 360.000 евра. На Талески му беше одреден и домашен притвор, но во меѓувреме е пуштен на слобода.
Фотографија: DW/Z.Purkovic
Тврдина- уништување на доказите
Во предметот Тврдина кој на јавноста и беше претставен во март 2016 година, осомничени се двајца началници на УБК и ексминистерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска. Тие во 2015 година противзаконски уништиле системи за следење на комуникации, при што е нанесена штета на државата во висина од околу 10 милиони евра. Истите системи претходно биле користени за незаконско следење и прислушкување
Фотографија: MIA
Тортура- изживувањето врз Љубе Бошкоски
На 28 март 2016, СЈО објави дека започнува нова истрага под името „Тортура“, која се однесува на апсењето на лидерот на партијата Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски. Поднесени се кривични пријави против седум лица, меѓу нив шестмина припадници на полициската единица Алфи, а како првоосомничен е тогашниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Фотографија: DW/P. Stojanov
Трезор- Финзи и УБК
„Трезор“ е кодното име на последниот предмет на СЈО, и прв што се однесува на економски криминал, а произлегува од незаконското следење на комуникациите. Како што рече обвинителката Фатиме Фетаи, предметот се однесува на груба злоупотреба на средствата од буџетот на Република Македонија од страна на три раководни лица во УБК и едно раководно лице во Министерството за внатрешни работи.
Фотографија: picture-alliance/dpa
„Топлик“ и „Тендери“
Во предметот „Топлик“ се осомничени шест лица, кои преку злоупотреба на службената должност и кршење Законот за јавни набавки сториле кривични дела со кои го оштетиле буџетот во висина од 1 милион и 44.000 евра. Во „Тендери“ првоосомничено е раководно лице од Министерството за култура, поради фаворизирање на компанијата „Бетон - Штип“ при изградбата на Музејот на македонската борба.
Фотографија: DW/P. Stojanovski
„Таргет“- масовно прислушување
СЈО соопшти дека илјадници луѓе биле незаконски следени во периодот од 2008 до 2015 година од страна на Управата за безбедност и контраразузнавање. Вкупно десет лица, дел од кои поранешни високи функционери се осомничени дека го организирале и го координарале незаконското прислушување. Незаконски била следена комуникација на најмалку 4.286 телефонски броеви без судски наредби
Фотографија: picture-alliance/dpa/J. Pape
„Тенк“ и „Тарифа“
СЈО сомничи седум лица дека ја злоупотребиле службената положба во случајот „Тарифа“ кој се однесува на постапка за јавна набавка на софтвер за потребите на АД ЕЛЕМ. Истрага е отворена и против две лица кои учествувале во набавката на службениот „Мерцедес“ на екс-премиерот Никола Груевски кој државниот буџет го чинеше 572 илјади евра.