1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Романија во потрага по нормалноста

Роберт Шварц
23 ноември 2019

Романскиот претседател Клаус Јоханис се стреми кон втор мандат. В недела ќе се покаже дали неговите напори за „нормална Романија" и натаму ќе бидат успешни.

Rumänien Präsidentschaftswahl
Фотографија: picture-alliance/AA/M. Barbu

Сибиу во ноември 2019. Живописното гратче во Трансилванија од средниот век е во божиќно руво. Таму го има најубавиот од сите божиќни пазари во земјата, сметаат Романците. Претседателот Клаус Јоханис може да се гордее со „неговото“ гратче. Тука како градоначалник беше зачетокот на неговиот политички подем. Градот во 14-те години со него стана пример за успешна локална политика во земја која благодарение на непотизмот и корупцијата тешко се простува од своето комунистичко минато. Со голема предност Клаус Јоахнис беше избран за претседател на земјата пред 5 години. Неговото мото беше Романија „чекор по чекор" да ја менува и со тоа го убеди мнозинството. Сепак, Јоханис кој беше кандидат на Либерално конзервативната ПНЛ, набргу мораше да увиди дека Букурешт е сосем друга приказна за разлика од неговото гратче. Неговите политички опоненти, особено посткомунистичката социјалдемократска партија ПСД, брзо ги открија неговите слаби точки и национално-популистички ги искористија до крај. Јоханис е дел од германско малцинство и за разлика од другите Романци не е православен, туку протестант. Тој е Европеец по убедување, зборува многу јазици. Повеќето Романци и натаму нема да имаат проблеми со тоа. Но, за левичарско-националистичката пропагандна машинерија тоа се токму состојките кои беа потребни да се почне перманентна кампања на клеветење: Јоханис не бил „вистински" Романец, не можел земјата да ја сака како „вистински" патриот, ќе си ја „продадел” земјата во Брисел и Берлин – и тоа на германски, или англиски.

Романскиот претседател Клаус ЈоханисФотографија: picture-alliance /AA/M. Barbu

Јоханис и` отвори војна на посткомунистичката ПСД

Тоа не е единствената причина што во оваа кампања Клаус Јоханис одби ТВ дебата со неговата опонентка Виорика Данчила, која е претседател на ПСД и до пред неколку недели омразена премиерка. Не сакал на противниците да им даде простор за лични дисквалификации, рече претседателот. ПСД била сила која во последните три години водела „војна” против сопствената земја и сопствените граѓани. Со таква партија не можело да се води нормалмна дебата, објасни претседателот.

Повеќе: 

Нова промена на власта во Букурешт

ЕК: Пофалби за Софија, критики за Букурешт

Владина криза во Романија - социјалдемократите на пат кон дното

Романија останува, Романците си одат

Јоханис на посткомунистичката ПСД отворено и` отвори војна. Донеодамна владата на ПСД спроведуваше редуцирање на правната држава, кое беше остро критикувано во повеќе наврати не само од Јоханис, туку и од Европската комисија и Европскиот парламент. На почетокот на 2017 година обидите на ПСД да ја ослабат борбата против корупцијата и да го стават судството под своја контрола, предизвикаа масовни протести во Букурешт и целата земја. Претседателот тогаш го следеше барањето на граѓанското општество и се придружи на демонстрантите пред владината палата. Подоцна мораше да попушти на притискот на владата и на Уставниот суд под контрола на ПСД и да прифати дел од спорната „реформа на судството". Тој на крајот беше немоќен да ја спречи и промената на меѓународно ценетата претседателка на Антикорупциското обвинителство, Лаура Ковеси. Од друга страна пак, благодарение на неговиот јасен став за независно судство и за правна држава, можеше да сопре барем дел од плановите со кои ќе им беше гарантирана слобода од гонење на некои корумпирани политичари.

Виорика Данчила во првиот круг од изборите заостана далеку зад ЈоханисФотографија: picture-alliance/AP Photo/A. Dobre

Многу Романци сакаат промена на естаблишментот

На Јоханис му се префрла претерано почитување на уставниот поредок, особено од страна на помладите Романци, кои во голем број ја напуштаат земјата бидејќи немаат доверба во политиката. Многу Романци сакаат автентична промена, нов, демократски Устав и отфрлање на естаблишментот, кој и 30 години по комунизмот и натаму ги држи сите конци в рака. Има добри изгледи да се случи таква промена. На изборите за Европскиот парламент во мај годинава проевропските сили, ПНЛ и Алијансата УСР-ПЛУС, добија мнозинство од гласовите. ПСД се соочи со најлошиот резултат од нејзиното основање. Само ден подоцна семоќниот шеф на ПСД, Ливиу Драгнеа беше осуден на повеќегодишна затворска казна поради злоупотреба на службената положба. Околу половина година подоцна ново мнозинство во парламентот ја одзеде власта од рацете на Данчила преку гласање недоверба, а ПНЛ со претседателот Лудовик Орбан ја презема власта. Владата до душа е зависна од не секогаш пријателски настроеното мнозинство, но заедно со Јоханис може да се погрижи за враќање на нормалноста, која си ја посакува претседателот за својот втор мандат. Ако се точни анкетите, на изборите в недела треба да дојде чекор поблиску до целта.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми