Романскиот премиер Бок поднесе оставка
6 февруари 2012Романскиот премиер Емил Бок си поднесе оставка, за како што рече, да ги намали политичките и социјалните тензии во оваа земја. Оставката на Бок доаѓа по повеќенеделните протести на илјадници демонстранти во Букурешт и во други романски градови, на кои се демонстрираше против владините мерки за штедење.
Се очекува предвремените парламентарни избори во земјата да се одржат наесен, а најголем фаворит е левичарската опозициска коалиција која според анкетите ја ужива поддршката на речиси 50 отсто од анкетираните граѓани. Десноцентристичката ПДЛ на Бок заостанува во анкетите со околу 20-процентна поддршка.
Бок, кој стана премиер во 2008. година, ги повика разединетите политичари во земјата да покажат зрелост и што е можно побрзо да гласаат за нова влада, која се очекува да биде од технички карактер и да биде предводена од некој од водечките економисти во земјата.
Бок презеде серија тешки реформи, најголемиот дел од нив заради остварување на барањата на ММФ и Светската банка кои во 2009 година и одобрија кредит на земјата од 20 милијарди евра. Во 2010. романската влада го зголеми данокот од 19 на 24 проценти и ги намали платите на вработените во јавниот сектор за речиси една четвртина, за да го намали буџетскиот дефицит.
„Знам дека донесов тешки одлуки, но плодовите почнаа да се појавуваат. Најважна е економската стабилност на земјата. Во време на криза Владата не е во избор на популарност, туку за спас на земјата“, соопшти Бок.
Автор: БГ/АТ/дпа
Редактор: Б. Георгиевски