Романците не попуштаат
3 февруари 2017Десетици илјади луѓе низ цела Романија трет ден по ред протестираатпротив социјално-либералната влада и нејзиниот декрет за декриминализирање на злоупотребата на службена положба. Без оглед и на критиката од сопствените редови, премиерот Сорин Гриндеану одбива повлекување на указот. Романскиот претседател Клаус Јоханис побара од Уставниот суд укинување на декретот, со кој се ублажуваат прописите за сузбивање на корупцијата, опоменувајќи ја владата да не врши опструкции врз судството.„Рацете настрана од ДНА“, предупреди Јоханис по извештаите, според кои владата планира укинување на антикорупциското одделение на Државното обвинителство, ДНА.
Безредијата на протестите од претходната вечер не ги поколебаа демонстрантите во главниот град Букурешт повторно да го наполнат плоштадот пред владиното седиште. Полицијата не изнесе податоци за бројноста на протестите, кои синоќа останаа мирни, откако претходната вечер мала група насилници ја нападна букурешката полиција, фрлајќи камења, шишиња и пиротехника, на што беше одговорено со солзавец. Повеќе полицајци и демонстранти биле полесно повредени.
Освен во романската престолнина, протести беа одржани и повеќе други градови.
Критичарите ја обвинуваат владатадека со нејзиниот декрет, донесен во вторникот, со кој се декриминализирани некои корупциски прекршоци, а злоупотребата на службената должност стана казнива со затвор само во случај на финансиска загуба поголема од 44 илјади евра, се врши заштита на лидерот на Социјалдемократите, Ливиу Драгнеа. Тој е обвинет за злоупотреба на службена положба. Покрај од опозицијата, критиката станува сѐ погласна и во редовите на самата влада. Министерот за трговија Флорин Жиану во знак на протест вчера поднесе оставка, исто како и двајца државни секретари.