1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите од Босилеград не сакаат да бидат Бугари

21 мај 2022

Во општина Босилеград најбројно е бугарското национално малцинство. Во таа статистика спаѓаат и Роми кои живеат таму, но не сакаат веќе да бидат Бугари. Населбата Лалош ја посети репортерка на ДВ.

Serbien | Lalos | Roma-Siedlung nahe Bosilegrad
Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

Низ планините и езерата на пат кон Босилеград на крајниот југ на Србија, на границата со Бугарија. Мало место, тесни улички, неколку кафулиња, неколку продавници и општински згради. Околу ридовите расфрлани села. На два километри оддалеченост е населбата Лалош. Според мештаните, тоа е најголемото гето на југот на Србија. Тука живеат Роми.

Единствената асфалтирана улица во населбата ја најдовме исчистена, бидејќи како што велат, од општината биле известени дека доаѓаат новинари. Во околината е поинаку - расфрлано ѓубре и чад, како и испреплетени кабли со кои некои од мештаните сами си „спровеле“ струја. Децата си играат наоколу.

Некои од 300-те жители на Лалош живеат во лимени контејнери, а некои во куќи, но без вода, бањи и канализација, многумина и без струја. Во секоја куќа сликата е иста - куп работи и дотраен мебел под дупките на таванот, понекогаш и на подот.

„Никој од нас нема приход, сите семејства се главно шестчлени, а гледате како живееме без вода“, вели Сунчица Алексов додека се обидува да ја затвори чешмата во дворот. „Никогаш ништо не добивме, куќите ни се стари, повеќето од нас цел живот сме гладни. Ромите обично умираат болни веднаш по четириесеттата година“.

Таа вели дека се надевале на помош од општина Босилеград, кога нејзини претставници ја посетиле населбата за да наведат на кого какви материјали му требаат од реновирањето на куќата. Сепак, тие тврдат дека овој материјал никогаш не стигнал до нив. 

Главната улица е расчистена... за новинарите Фотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Донесени се и блокови, цемент и плочки, сѐ е донесено. Но, Захариев до денес не дал материјал на ниту еден Ром. А, каде е, не знам. А, знаеме дека има“, вели Сунчица. Таа за најголем дел од проблемите што ги имаат жителите на Лалош го обвинува претседателот на општината Владимир Захариев. Тврди дека многупати ги измамил, а најмногу ја боли што побарал да ја префрли средната ќерка во училиште во село оддалечено 17 километри за да не се затвори училиштето. Нејзината ќерка, објаснува таа, била единствената ученичка таму со години и секојдневно патува по селски и планински патишта до училиштето и назад. 

Тензии 

На ова место има одредени тензии меѓу дел од мештаните и претседателот на општина Босилеград, Владимир Захариев.

Нашите соговорници во Лалош велат дека градоначалникот го користи тоа што се необразовани и неписмени за да ги измами за тоа што му треба. Една од таквите измами, како што вели Сунчица за ДВ, е дека на последниот попис сите во соседството биле попишани како Бугари, а не како Роми. Таа вели дека се пријавиле за пакетите на Црвениот крст со храна и хемикалии за домаќинство, а подоцна дознале дека всушност биле попишани како Бугари. 

„Никогаш ништо не сме добиле“, вели Сунчица АлексовФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Кога слушнав дека сме Бугари прашав зошто немаме бугарска документација, зошто немаме пасоши, зошто децата не одат на училиште во Бугарија, зошто го немаме тоа што го имаат нивните деца“, вели Сунчица Алексов. 

„Можеа да се изјаснат и како Ескими“ 

Босилеград има околу 7.000 жители, главно бугарското национално малцинство. Со Димитровград, кој има сличен број жители и сличен број на луѓе кои се декларираат како Бугари, тој е центар на бугарското малцинство во Србија.

Еден од нив е Владимир Захариев, претседател на општина Босилеград. Иако беше работен ден, го најдовме на излет со вработени во општината во блиското село кон границата. Тој вели дека не гледа дека има проблем со жителите на Лалош и набројува сѐ што направила општината за населбата.

За пописот вели дека мештаните на Лалош дури го прашале како тој ќе се изјасни: „Можеа да се изјаснат како сакаат. Во Босилеград има дури седум-осум Ескими. Тоа значи дека и тие би можеле да се изјаснат како сакаат. Ме прашаа: „Како ќе се изјасните Претседателе?“, а јас им реков: „Јас сум Бугарин, сите мои прабаба и прадедо се Бугари“. Потоа тие извикуваа: „И ние сме Бугари“, вели Захариев. 

Владимир Захариев, претседател на општина БосилеградФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

А, потоа додава поофицијално: „На следниот попис би било добро нашите соседи, со кои живееме сите овие години, да се изјаснат како Роми, како што ние се декларираме како Бугари. Нека се изјаснат, ама буквално секој ако сака како Ром. Заедно со нив, како што живеевме досега, ќе живееме уште подобро. Заедно ќе работиме на проекти и ќе имаме поголеми шанси да добиеме проекти во Европа доколку се изјаснат како Роми“, сигурен е Захариев. 

Манипулации  

Претседателот на Бугарскиот национален совет во Србија, Стефан Стојков, за ДВ наведува дека во посебниот избирачки список во 2014 година имало околу 14.000 Бугари. Сега, вели, ги има уште повеќе: „Сите овие години додека претседателот на општината Владимир Захариев беше и претседател на Националниот совет, од 2014 до 2018 година, а како што продолжив и јас потоа, во Србија во моментов има 21.000 Бугари“, вели Стојков. Ова големо несовпаѓање во бројките тој ја објаснува со разговор со луѓе кои претходно не сакале да се декларираат како Бугари.

Осман Балиќ, претседател на Лигата на Ромите, најголемата асоцијација на ромски организации, тврди дека во Србија Ромите се користат за разни манипулации. Во прилог на тоа наведува дека, според податоците, во Србија има меѓу 400.000 и 500.000 Роми, додека официјално во Заводот за статистика пишува: 148.000 Роми. Според Балиќ, оваа разлика е последица на бројни манипулации, меѓу кои го наведува и спречувањето на затворање училишта во селата, но и многу посериозни работи. 

Осман Балиќ, претседател на Лигата на РомитеФотографија: Jelena Djukic Pejic/DW

„Ова со пописот има политичка тежина, бидејќи се фалсификува вистинската демографска состојба во Србија. Овој проблем го знаеме последниве дваесет години. Ова е последица на разни манипулации. Една е ова што се случува во општина Босилеград, но не е изолиран пример. За тие политички пописни манири знаеме во времето на пописот, тоа се прави и во Војводина, се прави во другите погранични области каде што се населени Роми“, вели Осман Балиќ.

Тој смета дека на државата ѝ одговара да ги држи Ромите во неизвесност и страв за полесно да бидат манипулирани. Тој посочува дека кршењето на правото на слобода на изразување, како што се случува во Босилеград, и дискриминацијата на Ромите се вообичаени политички манири - но и кривично дело за кое треба да се одговара пред законот.

„Тешко е да се даде точен одговор кое е решението, но ако неколку од нив завршеа во затвор поради ваквите појави, тогаш веројатно ќе се вразумат. Поминаа 10 години откако го донесовме законот за дискриминација, а никој досега не одговорак, колку што знам“, заклучува Балиќ.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми