1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ромите со отворено писмо до премиерот Заев

15 јуни 2017

Граѓански активисти и интелектуалци од ромската заедница бараат премиерот Заев да ја преиспита одлуката за распределба на функциите во државата, и да овозможи поголема партиципативност на Ромите во државните институции

Roma Mazedonien
Фотографија: DW/P. Stojanovski

Ромски невладини огранизации, активисти и интелектуалци преку отворено писмо ги изразија нивното незадоволство до премиерот Зоран Заев, затоа што меѓу предложените заменици-министри нема ниту еден припадник на ромската заедница.

„Сметаме дека ваквата одлука директно ја доведува во прашање заложбата на оваа Влада за интеграција на ромската заедница во општеството и можноста Ромите директно да учествуваат во одлучувачките процеси и да придонесуваат  во развојот на демократијата во нашата земја. Бараме претседателот на Владата да ја преиспита својата одлука во однос на распределбата на функциите во државата. Се надеваме дека во плановите за инклузија на Ромите во општеството и во јавните институции, се предвидува назначување на Роми/ки на раководни функции во државните институции кои се од витално значење за унапредување на положбата на Ромите“, се вели во отвореното писмо, зад кое стојат 79 потписници.

Очекуваат нивните претставници во извршната власт и законодавна власт - пратеникот Курто Дудуш и министерот без ресор Самка Ибраимовски да  реагираат на ваквата одлука и јавно да ги застапат интересите на Ромите.

Акиф Кариман од невладината организација „Романо авази“ вели дека до крајот на неделава очекуваат одговор од премиерот Заев и се надеваат на средба со него. Ако тоа не се случи, имаат стратегија и ќе продолжат со притисокот во истата насока.

„Иако оваа Влада за време на кампањата отворено искажа заложби за унапредување на состојбата на Ромите, и поради тоа доби силна поддршка од страна на ромската заедница, во практика именувањето само на еден министер без ресор, креира чувство кај ромската заедница дека состојбата на Ромите во Македонија се уназадува, односно се влошува. Веруваме дека искрениот дијалог и учество на сите заедници во одлучувачките процеси се приоритет на новата Влада“, вели Кариман.

Една ластовичка не ја прави пролетта

„Една ластовичка (министер без ресор) не ја прави пролетта, барем не инклузивната пролет за ромската заедница“, илустративно објаснуваат нашите соговорници, потписници на писмото. Тие се особено загрижени што немаат претставник во ресорот труд и социјална политика, кој е директен потписник на програмата за инклузија на Ромите, а со оглед на бројните проблеми во сферата на обрзованието, домувањето и пристапот до здравствени услуги, сметаат дека е крајно време да бидат вклучени и во други ресори.

„Разочарани сме. Очекуваваме да имаме поголема партиципативност“, вели  Љатифе Шиковска од невладината организација „Амбрела“.

„Во сите министерства на одредени позиции, (не мора сите да се раководни), треба да има Роми кои би придонеле за решавање на проблемите. Имаме образувани Роми, кои се компетентни и квалитетни кадри да извршуваат такви обврски. Не знам, можеби нашите претставници не испреговарале ништо за да придонесат за развој и просперитет на ромската заедница. Но, тоа не смее да остане така. Со години ромското прашање не е отворено како што треба, ниту се постигнати видливи промени и резултати. И ние како граѓански здруженија исто така се боревме за социјална правда, за граѓанско општество, за општество еднакво за сите, сѐ со цел да почнат суштински промени. Истрпевме многу притисоци, закани, инспекции.., а имајќи го предвид социо-економскиот статус на Ромите, навистина очекувавме поголема партиципативност“, вели Шиковска.  

Поголема грижа за Ромите, бараат нивните претставнициФотографија: picture-alliance/dpa

Џабе и Ром, ако не работи на проблемите

Според потписниците на отвореното писмо, партиципативниот пристап за решавање на многуте проблеми со кои се соочуваат Ромите, подразбира и консултација со здруженијата на граѓани, активисти и интелектуалци од ромската заедница, но и именување на Роми/ ки на раководни места. Но, признаваат и дека партиципативноста по етнички клуч, не е секогаш гаранција за реализирање на потребите на заедницата. На тој аспект укажува Дехран Муратов, новинар и граѓански активист, потписник на отвореното писмо.

„Пожелно е да има Ром во извршната власт на значајна позиција, но тоа и не е најважно, ако именуваниот функционер вистински работи на проблемите што ја засегаат ромската заедница. Ако не работи, што е важно дали е Ром? Таков е случајот со Ибрахим Ибрахими, кој претходно беше заменик-министер во ресорот правда, потоа во ресорот труд, а во техничката влада беше и министер за труд и социјална политика. Но, тој не направи ништо кога на стотици Роми незаконски им беше укината социјалната помош, затоа што претходната година добиле пари преку 'Вестерн унион'. Не даде дури ниту изјава кога стотина Роми останаа без таа помош од 2.000 денари. Затоа, очекуваме суштински промени, а не задоволување со кадровски 'трошки'“, потенцира Муратов.

Некои од „бомбите“ што пред две години ги објави опозицијата, открија скандалозни сознанија за политичкиот третман на Ромите - од нивно погрдно ословување со „Цигани“, преку стереотипи, па сѐ до нивно третирање на крајно дискриминаторски начин. Во оваа етничка заедница има најголем процент на невработени, на сириомаштија, како и на деца бездомници или препуштени на питачење, кои се надвор од образовниот систем. Иако на хартија има многу позитивни политики за решавање на проблемите на Ромите, како што е Стратегијата 2014-2020 или стипендирањето на учениците, сепак недостига нивна поголема имплементација во практиката.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми