1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Рамноправност

Антициганизам во Германија

Гилда-Ненси Хорват
6 јули 2021

Независната комисија за борба против антициганизмот (УКА), основана од германската влада, во својот извештај ја потврдува континуираната дискриминација на заедниците на Ромите и на Синтите во Германија.

Antiziganismus Demonstration Banner Plakat Kundgebung Berlin
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во 2019 година, германската влада ја ополномошти Независната комисија за борба против антициганизам (УКА) да состави извештај за положбата на Ромите и Синтите во Германија. Извештајот под наслов „Промена на перспективите - надоместување на правдата - партиципација“ потврдува дека дискриминацијата на овие заедници во Германија продолжува, но и укажува на тоа како може да се сузбие антициганизмот.

Што УКА конкретно мисли со ова, е јасно објаснето во предговорот на извештајот: „Потребна е фундаментална промена на перспективата во општеството кое ја препознава релевантноста на антициганизмот, и кое критички ги рефлектира и се стреми да ги надмине структурните и институционалните односи на моќ и насилство.

Неопходна е политика на „надокнадување на правдата“, со цел да се компензира неправдата сторена по Втората светска војна против преживеаните и нивните потомци.

Препораки на УКА

УКА препорачува назначување на комесар за антициганизам, формирање независна советодавна група, создавање постојана сојузно-покраинска комисија, како и сеопфатно признавање на геноцидот на националсоцијалистите врз Синтите и Ромите. Покрај тоа, треба да постои комисија, која ќе се занимава со неправдите сторени против Синтите и Ромите во Сојузна Република Германија. Резултатите од извештајот се засноваат на три големи и неколку помали студии кои ги анализираат потребите, предизвиците и барањата на заедниците на Ромите и на Синтите, како и нивната самоорганизација во Германија.

Исидора Ранѓеловиќ е социјален педагог и социјален работник. Таа раководеше со студијата „Искуствата на Синтите и Ромите со расизмот“ и укажува на еден пример на доживотна траума забележан во студијата: „Жена која била родена во концентрационен логор, преживеала, а подоцна како девојка се грижела за своите болни родители, врз кои времето минато во заробеништво на нацистите оставило длабоки траги. Нивниот стан им бил одземен и не добиле никаков надомест. Тие живееле во бараки што им ги доделил градот по војната. Таму редовно ги контролирале социјални работници и полицијата. Во 80-тите години на минатиот век, кога таа и нејзиното семејство биле на одмор и  кампувале, ги нападнала една банда и пукала во нив.“

Повеќе:

-Фабрициус: Нема место за антициганизам

-Ромите и Синтите бараат признавање - сојуз против антициганизмот

-Антициганизмот, германските медиуми и азилантите од Балканот

Кога пристигнала полицијата, таа го испрашувала трауматизираното семејство што воопшто барало таму, наместо да трага по напаѓачите. Но, тука не е крајот: „Истата таа жена била жртва на расистичко насилство додека шетала во парк во 2000-тите. Еден маж ја удрил со нога по телото неколкупати. Поради лошите искуства што ги имала дотогаш, таа не побарала лекарска помош. Подоцна страдала од бубрежен напад и засекогаш го загубила едниот бубрег “.

Хајди Барц беше координаторка на „Студијата за оснажување на Синтите и Ромите“, универзитет Митваjда. Студијата ги наведува можностите за зајакнување и посилно вклучување на организациите на Ромите и Синтите во општествениот живот во Германија. Барц може јасно да наведе што навистина им е потребно на овие организации: „Политичката волја е издвоена како посебно поглавје во студијата, бидејќи е докажано дека голем дел од дискриминацијата се одвива низ структурите на државните институции. Ова конкретно значи: организациите не само што се борат против расизмот, туку и самите се погодени од него. Покрај тоа, припадниците на заедницата едвај се заштитени од говор на омраза и од физичко насилство“.

За нас без нас

Според Барц, дотолку поважно е Ромите и Синти да бидат вклучени во работата и донесувањето на одлуки за нив, со цел подобро да бидат разбрани нивните потреби: „За Синтите и за Ромите често се зборува и се одлучува без тие да бидат вклучени во тоа“. Така, смета Хајди Барц, се останува без многу знаење и компетентност за клучните прашања кои ги засегаат заедниците.

Фотографија: ERIAC

И улогата на медиумите се тематизира во студијата на УКА. Според Исидора Ранѓеловиќ, тие придонесуваат за зацврстување на стереотипите. „Една од причините за недостаток на знаење и создавање митови во колективната перцепција е медиумското засилување на стереотипите, изобличувањето на информациите и емоционализацијата на вестите во контекст на заедниците на Синтите и на Ромите.

„Прашање на сите нас“

За извештајот на Независната комисија за борба против антициганизам беше дискутирано на седницата на Бундестагот, во четвртокот, на 24 јуни 2021 година. Повеќемина пратеници ја истакнаа посебната одговорност на Германија во борбата против антициганизмот. Пратеничката од Социјалдемократската партија,  Хелге Линд посочи на фактот дека овој феномен не е тема само во радикално десничарските кругови: „Антициганизмот не е прашање на другите и на националсоцијалистите, туку е прашање на сите нас. И на нас демократите. Ако не го сфатиме тоа, никогаш нема да обезбедиме правда за Синтите и Ромите во оваа земја“.

Централниот совет на германските Синти и Роми ја поздрави дебатата во Бундестагот. Фактот дека сојузната влада и Бундестагот се занимаваа со извештајот на комисијата и нејзините препораки „е важен чекор за тоа малцинство, како и за демократијата на нашето општество“, се вели во соопштението на Централниот совет.

Дури за време на мандатот на новата германска влада ќе се види што навистина е спроведено од извештајот на Независната комисија за борба против антициганизмот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми