1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рот: Историска шанса за решавање на спорот за името

Костадин Делимитов
11 мај 2018

Флексибилноста е клучна за надминување на спорот за името, вели во интервју за ДВ Михаел Рот, министер за Европа во германското министерство за надворешни работи. Германија го поддржува процесот.

Staatsminister für Europa - Michael Roth in Skopje
Фотографија: DW/K. Delimitov

ДВ: Г-не Рот, која е целта на Вашата посета на регионот?
Михаел Рот: Главната цел на мојата посета на Македонија и Албанија е да ја искажам силната поддршка на мојата влада. Ние сме задоволни што гледаме позитивен развој во двете земји. Од друга страна, би сакал да ги охрабрам политичките лидери, но и граѓанското општество да продолжат со реформскиот процес кој е екстремно важен, а понекогаш и исцрпувачки. Конечно, напорот ќе се исплати, знам дека луѓето мора да ја видат светлината на крајот на тунелот - работни места, стабилна држава, функционална, модерна јавна администрација,  владеење на правото и демократската култура. Тоа не е само во интерес на ЕУ, туку и во интерес на луѓето од вашите земји. 
 

И покрај позитивните сигнали од Македонија и Грција, прашањето за името продолжува да се одолговлекува. Кои се очекувањата во Берлин, може ли ова прашање да се реши во наредните недели?
Многу ја поздравувам динамиката во преговорите за прашањето за името и се надевам дека двете страни се подготвени и способни да изнајдат одржлив компромис.  Јас сум прилично оптимист. На крајот, тоа е во рацете на грчката и на македонската влада. Но, ова е историска можност и се надевам дека ќе се искористи.
 

Секој зборува за компромис, каков вид на компромис ни е потребен. Грција бара уставни промени, дали мислите дека ова е фер барање?
Она што е навистина важно е флексибилноста. Флексибилноста е клучна за надминување на спорот за името. Никој надвор од ПЈРМ и Грција не ја разбира комплексноста на прашањето за името. Имам впечаток дека двете страни се многу конструктивни за да најдат добро решение. На крајот, важно е да се убедат луѓето во двете земји и се надевам дека политичките партии ќе бидат обединети тоа и да го постигнат.
 

Што би значело решавањето на проблемот за Македонија? Дали има какви било гаранции дека доколку проблемот биде решен, Македонија би добила датум за почеток на преговорите со ЕУ и членство во НАТО за време на самитот во Брисел во јули?
Прво, дозволете ми да бидам многу јасен, дека сите реформи првенствено се во интерес на земјата и нејзините граѓани. Тоа не е подарок за Брисел. Дополнително, тоа ќе биде важен сигнал за добрососедство, за помирување и регионална соработка.  Грција и ПЈРМ се соседи и партнери  и ние сме многу посветени на европската перспективата на ПЈРМ и  перспективата за членство на Вашата земја во НАТО. Затоа, би бил важен чекор напред, ако двете страни најдат одржливо решение.

Повторно слушаме дека решението на прашањето за името е главен услов? Последно деновиве, од страна на генералниот секретар на НАТО?

Новата македонска влада постигна многу и би сакал да ѝ честитам за тоа. Точно е, процесот на пристапување кон ЕУ е долг пат. Но, на крајот вреди да се вложи напор. Земјата постигна многу, но има уште многу да се направи. Спорот за името е едно од најсложените прашања. Но, зајакнувањето на владеењето на правото, демократијата и почитувањето на етничките, религиозните и сексуалните малцинства, исто така се клучни на патот кон ЕУ.
 

Постои чувство на страв во Македонија дека доколку преговорите со Грција пропаднат тоа би можело да донесе уште една политичка криза во земјата. Дали има план Б, ако Скопје и Атина не успеат сега да го решат проблемот?
Мора да се има предвид дека процесот на трансформација бара многу, исто така и од обичните луѓе. Сакам да ја искажам мојата почит за луѓето од вашата земја. Како што реков, јас ќе останам оптимист, ова е единствена можност која треба да се искористи. Мојот впечаток е дека ситуацијата е многу подобра од пред една година.
 

Да, сите се оптимисти, особено премиерите на двете земји?
Тоа е предуслов за секој успех, што политичките лидери на двете земји се оптимисти. И ова може да има многу позитивно влијание врз преговорите. Затоа се чини дека има напредок. Германија го поддржува многу ваквиот развој и се надева на позитивен исход.
 

Кои би биле мотивите за грчкиот премиер Алексис Ципрас сега да го реши проблемот, земајќи ја предвид неговата слаба позиција во Парламентот и падот на поддршката во јавноста за неговата партија? 
Не сакам да коментирам за внатрешни работи. На крајот добрососедството и регионалната соработка се взаемен интерес не само за луѓето овде во ПЈРМ, туку и во Грција.
 

Дел од грчките медиуми неодамна шпекулираа дека Ципрас би добил помош од германската влада ако најде компромис со Скопје. Дали Берлин е заинтересиран да го помогне процесот на овој начин?
Решавањето на прашањето за името е во заеднички интерес на сите земји членки на ЕУ, вклучително и Германија. Но исто така и во интерес на земјите од Западен Балкан. Затоа сме согласни со сите партнери дека решението на прашањето за името ќе биде успешна приказна за сите нас.
 

Подготовките за претстојниот Самит ЕУ Западен Балкан во Софија повторно ги исфрлија на виделина несогласувањата во ЕУ. Проблемот на независноста на Косово го загрозува успехот на Самитот, но исто така ги покажува и поделбите во ЕУ. Дали овие внатрешни поделби во Унијата ги загрозуваат изгледите на земјите од Западен Балкан?
Претстојниот Самит на Западен Балкан под покровителство на бугарското претседателство со ЕУ ќе ја реафирмира ЕУ перспективата за сите држави од Западен Балкан. Тоа е добра можност за разговори со нашите пријатели и партнери од Западен Балкан, околу тоа што треба да направат за да го постигнат ова и каде ЕУ може да ги поддржи во овој напор, со пари и експертиза. Постојат два главни предизвици, зајакнување на владеењето на правото и борбата против корупцијата од една страна, и стабилизирање на системот на социјална заштита, вработување, позитивна перспектива за младата генерација, од друга страна. Се надевам дека во овој поглед од Самитот може да бидат испратени позитивни сигнали до луѓето од Западен Балкан. Но треба да се има предвид дека Западен Балкан не е хомоген блок. Во моментов во тек се пристапни разговори со Црна Гора и со Србија. Дискутираме дали има шанса да започнат преговори за членство со Албанија и со ПЈРМ. Ситуацијата во Косово и во БиХ е доста тешка. Ние остануваме посветени, но без фундаментални реформи ќе биде тешко да се рединамизира процесот за овие две земји. Но ова не треба да влијае на изгледите за земјите како БЈРМ и Албанија.


 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми