1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Целосно да се спроведе договорот за кризата во Македонија

Бенјамин Парган/З.Јордановски4 септември 2015

Јасни очекувања за избори „според демократски правила“. Перспективата за членство на Западен Балкан во ЕУ стои, без попуст за условите. Интервју со Михаел Рот, втор човек во германското министерство за надворешни работи.

Фотографија: DW/P. Kouparanis

ДВ: Актуелната бегалска криза уште еднаш го стави земјите од Западен Балкан во фокусот на вниманието во ЕУ. Сега уште повеќе се зборува за неопходноста од нивна европска интеграција. Но, досега тој процес оди бавно. На што се должи тоа?

Рот: Земјите од Западен Балкан се самоопределија дека сакаат да припаѓат кон ЕУ. Тоа го поздравувам и поддржувам, оти од интерес за нас сите е кога на крајот на пристапниот процес кон ЕУ ќе припаѓаат натамошни сигурни, демократски, социјално стабилни и економски успешни земји. Колку порешително ќе бидат правени неопходните реформи, толку побргу ќе напредуваат и преговорите. Перспективата за членство во ЕУ постои и натаму без никакви задршки. Но, важи и тоа, дека не смее да има попуст кај условите за членство. Јасно ми е дека честопати, првенствено за младите проевропски сили, ова не оди доволно брзо. Тие млади луѓе имаат потреба од шанси и перспективи во нивните татковини. Поради тоа, на пример, ја инициравме конференцијата за Западен Балкан. Со тоа покажуваме дека перспективата за пристапување е повеќе, отколку само просто ветување, но исто така и дека очекуваме конкретни резултати.

ДВ: На неодамнешната конференција за Западен Балкан во Виена стана јасно дека земјите од регионот, покрај другото, очекуваат и повеќе пари од Брисел. Дали се реални те очекувања?

Рот: На регионот му е итно потребен некој масивен социо-економски поттик. Тоа го покажуваат многумина млади луѓе, кои фаќаат „пат под нозе“. Премногу од нив и’ го вртат грбот на татковината, иако се таму итно потребни. За мене овде се две работи посебно важни: прво, земјите морат разумно да ги користат шансите од конкретната понуда за изградба на регионална инфраструктура. Тоа уште еднаш конкретно го предочи Комисијата на ЕУ на конференцијата минатата недела во Виена. Со ова конечно ќе добие замав итно неопходното економско поврзување. И второ, предуслов за приватни инвестиции и стопански пораст во прв ред е решително постапување против корупцијата, како и добро водење на владините работи.

ДВ: Според една студија на универзитетот во Ница, потребата од инвестиции во Западен Балкан до 2020 година изнесува околу 110 милијарди евра. ЕУ става на располагање само делче од таа сума. Прави ли Унијата премалку за политички и финансиски да ги поткрепи своите ветувања од самитот во Солун?

Рот: Ние правиме многу. Згора на тоа, покрај ЕУ, во Западен Балкан се активни и меѓународни финансиски институции, на пример, за да учествуваат во финансирањето на поврзувањето на регионот со сообраќајните мрежи на ЕУ. Сепак, севкупно таму мораме да бидеме уште повидливи. Се’ уште не е насекаде воочено дека ЕУ е најголемиот донатор во регионот. Но, се’ повеќе даваат плод европските посреднички напори, покрај другото и затоа што тие се преземаат и од високо политичко ниво, како од претставникот за надворешна политика Федерика Могерини во преговорите меѓу Србија и Косово.

Михаел РотФотографија: Silvera Padori-Klenke

ДВ: Проблемите во регионот се најголеми таму, каде со години најголемо влијание и фактичка одговорност има меѓународната заедница, а со тоа и ЕУ - на пример во Косово и Босна и Херцеговина. Зошто е така?

Рот: И таму, каде појдовната ситуација изгледа особено компликувана, во изминатите години доживеавме напредок во стабилизацијата и јакнењето на демократијата и владеењето на правото. Во политичкиот дијалог со Србија чекор по чекор се разјаснуваат односите меѓу Србија и Косово. Но, за сите држави на Западен Балкан важи дека одговорноста за унапредување на нужните реформски процеси е кај нив самите. Се разбира дека ние притоа и натаму енергично ќе ги поддржуваме.

ДВ: Македонија од 2005 година има статус на кандидат и дури шест препораки од Комисијата на ЕУ за почеток на преговори за прием. И покрај тоа Македонија уште нема датум за почеток на преговорите. Што може и мора да биде сторено, за воопшто да дојде до некои придвижување?

Рот: Во преден план сега стои надминувањето на тешката внатрешно-политичка криза, која ја оптоварува земјата од пред неколку месеци. Ме радува дека и во овој случај се успеа со европско посредување да се даде важен импулс. Сега е обврска на сите одговорни во политиката да ја продолжат соработката и целосно да го спроведат договорот за решение на кризата. Имаме јасни очекувања дека претстојните нови избори, но и предизборната кампања пред тоа, да се одвиваат според демократските правила.

ДВ: На интернет-страницата на германското министерство за надворешни работи односите со Македонија се оценети како задоволителни. Таа „оцена“ претходно беше подобра. Што е причина за влошувањето?

Рот: Зад пјР Македонија останаа мачни недели на тешка политичка криза. Ние и натаму опстојуваме на ЕУ-перспективата на пјР Македонија. Сега прво е битно надминувањето на критичната состојба.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми