1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

„Имунолошки долг“ ги прави децата неотпорни на вируси

БГ
9 јули 2021

Веста дека десетици деца во повеќе градови низ С. Македонија се болни од непозната респираторна инфекција ги загрижи експертите. Слични случаи се множат во светот, а експертите тоа го припишуваат на ткн. имунолошки долг

Weltspiegel 10.02.2021 | Corona | Brasilien Sao Paolo | Schule
Фотографија: Andre Penner/AP Photo/picture alliance

Здравствените власти во Нов Зеланд, Австралија, Велика Британија и САД јавуваат за драматичен раст на бројот на деца заболени од респираторни вируси со многу слични индикации како и оние забележани деновиве во Северна Македонија. Експертите велат дека епидемијата се должи на зараза со РСВ вирус, а на таквиот можен развој се предупредуваше уште пред неколку месеци. 
Во болницата во Велингтон, Нов Зеланд во изминативе денови се хоспитализирани 46 деца со здравствени проблеми кои произлегуваат од ткн. респираторен синцицијален вирус или РСВ. Голем дел од хоспитализирани бебиња и деца се на кислородна поддршка. 
Во американската сојузна држава Минесота од мај досега имало 52 хоспитализации на деца со РСВ. За споредба, минатата година немало ниту еден таков случај, а во 2019 имало вкупно 15. Податоците на ниво на САД покажуваат дека Минесота не е изолиран случај, туку дека бројките растат на национално ниво. Педијатрите велат дека забележуваат раст на бројот на зараза со РСВ, бронхитис и други болести кои вообичаено се поврзуваат со есенските и зимските месеци. 
РСВ е вообичаена респираторна болест која кај возрасните предизвикува само лесно симптоми, но кај децата може да има потешки, па дури и фатални последици.  

Имунолошки долг
Педијатрите сметаат дека ширењето на болеста кај децата се должи на ткн. имунолошки долг- состојба во која луѓето не развиваат имунитет на други вируси поради заштитата која ја наметна пандемијата на Ковид-19.
Феноменот на имунолошкиот долг се случува поради тоа што мерките како карантини, редовно миење раце, социјално дистанцирање и маските, не се ефективни само во спречување на Ковид-19. Тие исто така го спречуваат ширењето и на други болести кои се пренесуваат на сличен начин, вклучително и обичната настинка, и помалку познатите респираторни болести како РСА. 
Во Нов Зеланд на пример, карантинот во текот на минатата зима доведе до намалување од 99,9% на случаите на грип, и 98% намалување на случаи на РСВ. 
„Овој позитивен колатерален ефект е добредојден на кус рок, затоа што спречува натамошно оптоварување на здравствениот систем“, објавија група француски научници во студија во мај годинава посветена на имунолошкиот долг. Но на долг рок, како што пренесува весникот Гардијан, тоа може да предизвика поинакви проблеми: доколку бактериските и вирусните инфекции не циркулираат меѓу децата, тие не развиваат имунитет, што пак понатаму доведува до поголем број на случаи. 
„Недостатокот на имунолошка стимулација... доведува до имунолошки долг кој може да има негативни последици кога пандемијата ќе се доведе под контрола и кога јавните ограничувања ќе бидат подигнати“, оценија француските доктори. „Колку што се подолги периодите на ниска бактериска или вирална изложеност, толку е поголема веројатноста за идни епидемии“. 

Пиковите на РСВ на кои сега се изложени повеќе земји не значат дека ќе се зголеми вкупниот број на заразени од вирусот, туку може да значи дека сите случаи се групирани во еден покус период, наместо да бидат раширени преку неколку години. 

Американскиот Центар за контрола и превенција на болести уште минатиот месец издаде упатство во кое наведе дека „поради намалената циркулација на РСВ во зимските месеци 2020-2021 година, постарите доенчиња и бебиња можат да бидат пред зголемен ризик од тешко заболување со РСВ затоа што не ја добиле вообичаената изложеност на РСВ во изминатите 15 месеци“.
„Фактот што овие деца не биле изложени на никакви вируси во нивните куси животи може да доведе до тоа да бидат во ризик од зараза со повеќе од еден вирус истовремено или потешко да се разболат“, вели Мариса Хендриксон, директор на педијатрискиот оддел на Универзитетската болница во Минесота, САД. 
Децата заразени со РСВ најчесто развиваат само лесни симптоми, но кај некои тие можат да бидат далеку потешки. Кај бебињата РСВ може да предизвика гадење, одбивање храна, треска и летаргија. Кај децата типични симптоми се течење од носот, намален апетит, кашлање и отежнато дишење. Но, кај многу млади доенчиња и предвремено родени, вирусот може да предизвика отекување на малите дишни патишта во белите дробови. На бебињата кои ја развиваат оваа состојба, наречена бронхиолитис, може да им биде потребна хоспитализација и третман со кислород или респиратор. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми