1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

РСМ е за мирно решeние на тензиите околу Украина

25 јануари 2022

По завршувањето на престојот на македонската влада во Софија, бугарските власти итно ќе заседаваат за жешката тема - Украина. РСМ се залага за мирно решение

Седиштето на македонското министерство за надворешни работи
Седиштето на македонското министерство за надворешни работиФотографија: DW/P. Stojanovski

Следиме и сe координираме. Ова е позицијата на мaкедонските институции во однос случувањата околу Киев, поврзани со поставувањето на руските вооружени сили на границата со Украина. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, вчера телефонски разговарал со Дерек Чолет, советник во Стејт департментот на САД, за актуелната безбедносна состојба во Европа и актуелните случувања околу Украина.

„Беше изразена заемна поддршка за суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите на Украина, подвлекувајќи ја важноста од заштита на човековите права. Воедно, ја истакнаа значајноста од заеднички пристап кон актуелните безбедносни предизвици и упатија повик за деескалација на состојбите во интерес на европската сигурност. Во тој контекст, ги поздравија напорите на меѓународните партнери и заложбите во рамки на НАТО и ОБСЕ за смирување на состојбите и зачувување на мирот“, соопшти МНР.

Не е исклучено мислења за оваа тема да бидат разменети и на маргините на средбите во Софија, каде македонскиот премиер Димитар Ковачевски од вчера е во дводневна официјална посета со владина делегација. Особено, што по денешната меѓувладина седница, и средбата на Ковачевски со претседателот Румен Радев и претседателот на Народното собрание, Никола Минчев, неговите бугарски домаќини ќе се посветат токму на прашањето со Украина. Веднаш по заминувањето на македонската делегација од Софија, премиерот Кирил Петков заминува на седница на Советот за безбедност, на која ќе се разговара за плановите на сојузниците во НАТО за зајакнување на источното крило на Алијансата во контекст на тензиите Русија-Украина.

Фотографија: Reg. Nordmazedonien

„Бугарската јавност ќе биде целосно запознаена. Ќе заземеме одговорен национален став и ќе го презентираме. Овој став ќе биде конзистентен и ќе го оптимизира бугарскиот интерес“, изјави Петков.

За таа тема утре ќе расправа бугарската влада, а попладнето ќе се одржи и вонредна седница на Народното собрание, на која ставовите ќе ги образложат премиерот, министерот за одбрана, министерот за надворешни работи, како и и шефовите на Државната агенција за национална безбедност (ДАНС), на Државната агенција за разузнавање (ДАР) и на военото разузнавање.

Го поддржуваме територијалниот интегритет на Украина

Русија деновиве побара повлекување на силите на НАТО (странски војници, оружје и опрема) од сите земји коишто не биле членки на НАТО во периодот пред 1997 година. Овие безбедносните гаранции што Русија ги бара од НАТО важат и за Романија и Бугарија, каде е планирано распоредување на воени бродови во Црно Море и присуство на борбени aвиони од земји партнери во НАТО. РСМ не е во тој круг на т.н. адаптирано предно присуство, па затоа и очекуван е одговорот на министерката за одбрана, Славјанка Петровска, дека „нашата држава досега од Русија нема добиено никакви барања“, како оние што се однесуваат на Бугарија и Романија.

„Ги следиме случувањата во и околу Украина, кои се поврзани со поставувањето на вооружени сили од страна на Руската федерација долж границата со Украина. Во целост ги поддржуваме напорите на НАТО и ОБСЕ за надминување на ситуацијата. Ова поставување на вооружените сили сметаме дека е провокативно и дестабилизирачко дејствување, коешто всушност ја намалува безбедноста на европскиот континент, а тоа, впрочем, не е целта за којашто сите се залагаме“, изјави таа за ТВ „24".

Македонското и знамето на НАТОФотографија: picture-alliance/dpa/D. Perkovksi

Петровска потенцира дека РСМ „целосно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина". Тој став беше потврден и во август минатата година, кога претседателот Стево Пендаровски присуствуваше на големата прослава на 30-годишнината од независноста на Украина, што се одржа на плоштадот на независноста во Киев. Во таа прилика, Пендаровски присуствуваше и на прием во палатата „Маријински“, приреден од украинскиот претседател Зеленски, каде пристигнаа над четириесетина делегации од земји и меѓународни организации, со стотици странски гости, вклучително и шефови на држави, претставници на странски влади и парламенти.

Дипломатски преговори

Во интерес на стабилноста на Украина и безбедноста на европскиот континент, РСМ се залага за дипломатско решавање на актуелните тензии, вели Петровска.

„Како земја членка на НАТО, ја поддржуваме и се залагаме за политиката на отворени врати и правото на секоја земја, вклучително и Украина, за самоопределување. Од она што и ние по нашите канали на комуникација во рамки на НАТО структурите го добиваме и од она што се информира јавноста, е дека во тек се дипломатски преговори за мирно решавање на овој спор. И апсолутно како држава таквиот тек на настаните го поддржуваме, односно, пред сѐ, се залагаме за дипломатско решавање на овој спор", изјави Петровска за ТВ „Телма“.

Тензиите растат: Украински војник во пограничниот регион кон РусијаФотографија: Anna Kudriavtseva/REUTERS

Таа претходно нагласи дека нашите институции во целост ги преземаат сите мерки за заштита на македонските граѓани.

„Во координација сме со релевантните институции задолжени за безбедноста на граѓаните во државата и надвор од неа. Наша цврста позиција на која стоиме е дека недвосмислено го почитуваме Вашингтонскиот договор и сите фундаментални договори кои ја гарантираат безбедноста на Европа,“ порача Петровска.

Вашингтон веќе предупреди да не се патува во Украина и Русија. Стејт департментот ги повика семејствата на вработените во американската амбасада во Киев, како и американски граѓани кои се наоѓаат во Украина -да ја напуштат земјата, по што ист чекор направи и Британија. Од Кремљ повеќепати досега негираа дека Русија има намера да ја нападне Украина.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми