1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Избори во Русија: избор меѓу Владимир Путин или хаос?

Арон Тилтон
17 март 2018

Претседателот Владимир Путин изгради имиџ на политичар кој ја извлекол Русија од стагнација по колапсот на Советскиот сојуз. Тоа им остава мал избор на гласачите на претстојните избори во земјата.

Russland Wahlkampf Wladimir Putin
Фотографија: DW/A. Tilton

На неодамнешниот митинг на стадионот Лужники во Москва, со нетрпение се очекуваше настапот на високиот гостин. Море од транспаренти изразуваа поддршка за „силен претседател“ и за „силна Русија“.
Полицијата процени дека на митингот присуствувале 80 илјади луѓе, а уште 50 илјади биле во околината. На други места во светот ова би бил вообичаен митинг во предизборна кампања. Но во 2018 година, ова беше единствениот митинг на рускиот претседател Владимир Путин. Рускиот лидер кој де-факто ја предводи земјата веќе 18 години, никогаш не бил љубител на кампањи, но во актуелната изборна година во која неговата победа е одамна јасна, неговиот ентузијазам се чини, падна на најниско ниво.
Неговото обраќање до масата луѓе траеше едвај шест минути. И откако вети дека на Русија ќе и донесе нови победи, како олимпискиот хокеарски тим кој го придружуваше на сцената, Путин брзо исчезна. А со него и десетици илјади Руси, кои имаа мал интерес за настапите кои организаторите ги планираа за остатокот од вечерта. 

Повеќе на темата: - Претседателски избори во Русија: Путин и седумте џуџиња

Политичката империја на Путин

Митингот беше само една од грижливо планираните можности за фотографирање кои станаа белег на путиновата политичка империја: дизајнирана за да ја апострофира личноста, а не претседателот како кандидат. Факт што не го избегна вниманието и на оние во публиката. Откако луѓето масовно започнаа да ја напуштаат арената, една жена им дофрли на фотографите „Требаше да сликате на почетокот, додека сите беа тука“.
Веројатно и не е изненадувачки за поранешен агент на КГБ, што Путин е човек кој и придава голема важност на неговата приватност и строго контролира какви информации доаѓаат до јавноста. Во речиси дводецениското владеење, тој, од млад неискусен лидер се претвори во отелотворение на рускиот мачизам и на новооткриената политичка амбиција на неговата земја. А дел од таа политичка амбиција бара и нова интерпретација на историјата.
„Постои чувство на понижување поради распадот на Советскиот сојуз. Но на тоа повеќе не се гледа како на нешто што се случило поради тоа што Советскиот сојуз правел грешки. Или нешто за што тие самите се виновни. Туку, како нешто што им го направиле странски, а во некои случаи, и домашни непријатели“, вели Јенс Зигерт, политички аналитичар во Москва.
Таа желба да се редефинира руското минато се чини е коренот на растечкиот воинствен тон на Путин насочен кон Европа и САД. При неодамнешното обраќање до пратениците, Путин претстави цела серија нови нуклеарни платформи за кои тврдеше дека лесно можат да ги одбегнат одбранбените системи на САД. „Не нѐ слушавте тогаш. Ќе не слушате сега!“, порача рускиот претседател.

За неговите гласачи, Путин е човекот кој ја спасил РусијаФотографија: picture-alliance/dpa/TASS/M. Klimentyev

Излез од хаосот

Популарноста на Путин меѓу гласачите има основа и во хаосот од 1990-те. Распадот на Советскиот сојуз и економските и социјалните последици кои следуваа оставија длабоки траги кај многу руски граѓани. Во деветте години меѓу раѓањето на Руската федерација и доаѓањето на власт на Путин, руската економија доживеа неколку тешки кризи, бруто-домашниот производ се намали за 50 проценти, а падна и животниот век на населението.
„Доколку сакате куса верзија, тој ја спаси нашата држава“, вели за ДВ ѕвездата на социјалните медиуми Марија Катасанова, позната поддржувачка на Путин. Таа смета дека напорите на Путин за стабилизирање на економијата и дале нов живот на земјата. „Во 90-те многу луѓе не добиваа пензии, а бројни компании не исплаќаа плати... Откако дојде Путин почнавме да живееме“. 

Откако дојде Путин почнавме да живееме, вели Марија КатасановаФотографија: instagram.com/katasonovamaria

Повеќе на темата: - Избори во Русија: Путин бара спас во жените


Може да се дебатира за тоа колку политиките на Путин дадода придонес за зголемената економска стабилност на Русија во првите години од неговата администрација. Русија е сепак земја богата со многу ресурси која во секој случај би профитирала од бумот на пазарот на суровини кој се случи на почетокот на 21 век. „Економскиот раст одигра најважна улога за него. Тоа е основата на неговата моќ. Стравот од враќањето во хаосот на 1990-те“, вели Зигерт.
Последните анкети покажуваат дека Путин води пред останатите противкандидати со преку 50 проценти. А кога Русите в недела ќе излезат на гласачките места, тоа ќе биде прво гласање на една генерација која никогаш не ја видела Русија без Путин. Неговата целосна доминација во рускиот политички живот остави малку простор за развој на легитимна опозиција, вели Зигерт.
„Никој не може да замисли што ќе се случи после Путин. Тоа е интегрален дел на путиновата политичка стратегија, контрола врз политичкиот терен. Контрола која оневозможува било каква конкуренција. Токму затоа многу луѓе се чувствуваат принудени да бираат меѓу Путин и хаос или Путин и понижување“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми