1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија би можела да предизвика кризни жаришта на Балканот

Михаела Кифнер
20 мај 2022

Русија развива „деструктивен потенцијал“ на Балканот, што може да ги дестабилизира земјите во регионот, предупредува високиот претставник за Босна и Херцеговина, Кристијан Шмит во интервју за ДВ.

Кристијан Шмит, висок претставник за Босна и Херцеговина
Кристијан Шмит, висок претставник за Босна и ХерцеговинаФотографија: DW

ДВ: Вие рековте дека Владимир Путин ја потпалува ситуацијата на Балканот. Што значи тоа?

Кристијан Шмит: Ситуацијата на Западен Балкан е генерално стабилна, но не е поштедена од влијанието на агресорската војна, која Руската Федерација ја води против Украина. Многу луѓе стравуваат од префрлање на воениот конфликт на ова подрачје, јас не, но гледам деструктивен потенцијал, потенцијал кој со лажни вести и со останати методи може да предизвика кризни жаришта, кои би можеле да ги дестабилизираат земјите во регионот, особено Босна и Херцеговина, и тоа кај мене предизвикува голема загриженост.

Голема загриженост владее и тука во Европа. Видовме дека канцеларот разговараше со претседателот на Србија и со премиерот на Косово. Се водат интензивни дипломатски разговори. Германската министерка за надворешни работи беше во регионот, како и министерката за одбрана. Колку би требалo Европа да биде загрижена поради губење на влијанието и кредибилитетот во поглед на трасирање на патот на овие земји во ЕУ?

Пред сѐ, можам да кажам оти сум многу благодарен на германската влада која интензивно води грижа за регионот. Овој регион, имено, станува еден од клучните во создавање на политичката клима. Таа ќе биде и по војната против Украина. Верувам дека со корисна и разумна примена на инструментите со кои располага ЕУ може да се делува стабилизирачки и смирувачки.

На крајот ќе мора да се прашаме: Може ли оваа држава, Босна и Херцеговина, и можат ли останатите земји во ЕУ? Тоа ќе отвори уште неколку прашања, а во меѓувреме мораме да работиме на стабилизирање на можностите. Тоа значи оти мораме да работиме на создавање доверба и да го користиме тој капитал. Бидејќи, луѓето очекуваат работите да не се влошат. Што значи да се влошат? Во Босна и Херцеговина, особено во Сараево, луѓето искусија што значи да се живее 3 години под опсада, да се живее во услови на брутална војна и на брутални конфликти. И никој, без разлика на која етничка група припаѓа, нема интерес веќе никогаш тоа да го доживее. Тие имаат голема доверба во меѓународната заедница и во Европа - тоа да го спречат. Тоа е всушност суштината на она што е наша задача, за да можеме на земјата да ѝ дадеме можност самостојно да се развива.

Новинарката на ДВ, Михаела Кифнер го водеше интервјуто со Кристијан ШмитФотографија: DW

Западен Балкан е на врвот на листата на приоритети, исто така, и тука во Берлин. Германската министерка за надворешни работи беше таму во посета. Претседателот на Србија и премиерот на Косово го посетија Берлин. Што со тоа досега се постигна?

Сметам дека, иако во моментов не можам да зборувам во име на ЕУ или на нејзината политика, од глобална гледна точка потребно е да се делува одмерено - во зависност од ситуацијата во земјите. Потребни ни се препознатливи чекори во тие земји, кои тогаш ќе бидат во состојба да го искористат вистинскиот момент за европска интеграција. Ако некој има впечаток дека ништо не се менува на подобро, оти правната држава е сѐ уште слаба, дека не може да се најде работа или адекватни услови за работа - тој реагира на тоа и заминува во други земји, во земјите од ЕУ. Затоа мораме да создадеме основа за доверба. Тоа не е лесно. Но, постојат инструменти кои би можеле да ги користиме.

Повеќе: Ковачевски: Русија сака конфликти на Балканот

Ако погледнете дека поминаа 27 години од Дејтонскиот договор, тогаш и самиот се чудам колку малку им успеа на хрватската, српската и на бошњачката страна да ги усогласат разликите во сеќавање на минатото и да ги претопат во заедничко разбирање за иднината. Сите се сеќаваат на тоа што беше, но не вадат некои сигурни заклучоци за тоа што не би требало да биде во иднина и до што би можело да дојде.

Како го проценувате претседателот на Србија? Тој зборува за еден компромис кој сака да го постигне по прашањето на досегашното непризнавање на Косово, како независна држава. Германија многу јасно го повтори барањето дека мора да дојде до признавање и оти тоа е услов за влез во ЕУ. Дали навистина очекувате некој исчекор во блиска иднина?

Тешко дека ќе се постигне исчекор. И тука, како набљудувач, можам да замислам оти постепено усогласување би имало смисла. Тоа за мене значи, што се однесува do признавањето на Косово, кое не следеше ни од страна на 5 членки на ЕУ, да се овозможи во секој случај прагматична соработка меѓу двете држави, Косово и Србија. Од каква земја доаѓаме ние Германците? Имаме искуство во соработката меѓу Источна и Западна Германија, иако немаше меѓусебно признавање. И таквиот прагматичен начин, кој секако не може да се пренесува исто - беа времиња на Студената војна и на комунизмот - но, јас би извлекол од тоа една мисла: никогаш нема да го направиме сето она што е можно, но тоа што го правиме - ќе го направиме со добра волја. За жал, тоа сега не е препознаено во односите меѓу Србија и Косово. И на тоа мора да се работи.

Европа сега во фокусот го има Западен Балкан. Како ја оценувате улогата на САД?

Пред сѐ, морам да констатирам дека Американците се повторно тука, повторно се вратија во смисла дека чувствуваат одговорност за регионот. Тие децидно ја поставија за цел соработката со ЕУ и таа мора натаму да се гради. Добро е што во САД веќе немаме расправа за размена на територии, која би довела до смирување на ситуацијата во регионот. На темел на Дејтонскиот договор, кој е најголем успех и едноставно донесе мир и запирање на огнот, мораме натаму да ја развиваме земјата. Може да се каже: тоа е многу доцна, но кога тоа го велам, не мислам дека е предоцна - за да се обидеме со американска поддршка сепак да дојде до јасна ориентација во насока на ЕУ.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми