1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија го врати проширувањето на агендата на НАТО

БГ/миа20 март 2014

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен потврди дека кризата во Украина го крена прашањето за проширување на НАТО повисоко на агендата.

Фотографија: Reuters

Спорот за името кој како проблем е исправен пред Македонија и прашањата со кои се соочуваат другите земјите кандидатки се‘ уште стојат на патот на проширувањето, а конечната одлука ќе се донесе од страна на министрите за надворешни работи на НАТО на крајот на јуни.

„Имаме четири партнери кои изразија аспирација да станат идни членки на НАТО. Тоа се Грузија, Црна Гора, Поранешната југословенска Република Македонија и Босна и Херцеговина. Како што знаете, овој процес е заснован врз критериуми, земјите аспирантки мораат да исполнат одредени критериуми пред да можат да се зачленат во нашата Алијанса. Во НАТО интерно се договоривме за процедурата како да пристапиме кон политиката на отворена врата и решивме одлуката да не биде донесена сега туку подоцна - министрите за надворешни работи да се сретнат на крајот на јуни и да донесат одлука. Така да сега е премногу рано да даваме проценки како ќе постапиме со секоја од четирите земји аспирантки. Јасно е дека процесот е заснован на критериуми и секоја одделна земја ќе биде оценета според своите успеси. Но, и покрај тоа, мојата позиција е многу јасна. Мислам дека на Самитот треба соодветно да се рефлектираме на напредокот кој тие го направија. Не е доволно само да се повтори тоа што го кажавме претходно дека имаме политика на отворена врата. Секако, тоа што го гледаме од руската страна исто така може да има влијание на конечните одлуки како ќе постапиме кон политиката на отворена врата. Да не ме разберете погрешно, мислам дека е суштински важно да им обезбедиме на земјите аспирантки јасна евроатланска перспектива“, изјави Расмусен на прашања поставени за перспективите за Македонија при вчерашното обраќање во институтот Брукингс во Вашингтон.

Со тоа Расмусен, кој претходно имаше средби со секретарите за одбрана и надворешни работи Чак Хејгл и Џон Кери, ја потврди најавата на Стејт департментот дека на Самитот на НАТО во Британија во септември годинава ќе се разгледа и прашањето на проширувањето.

Расмусен вчера не криеше дека, како што рече, агресивното руско однесување кон соседните држави влијае на размислувањето во Брисел. Генералниот секретар на НАТО ги повтори пречките кои стојат на патот на секоја од четирите држави кои се надеваат на напредување на нивниот пат кон НАТО во текот на годинава.

Нема пократок пат за Македонија

„Конкретно за Поранешната Југословенска Република Македонија, уште во 2008 година на Самитот во Букурешт решивме дека сме подготвени да упатиме покана за членство кога ќе се најде заемно прифатливо решение за спорот за името. Таа одлука уште стои. Кога ќе се реши прашањето за името, подготвени сме да почнеме преговори за членство. За жал, не видовме никаков напредок од 2008 година, за што јас многу жалам. Ова е само да подвлечам дека некои услови мора да се исполнат и нема пократок пат. Овие актуелни настани тоа нема да го сменат. Но, секако, сите ги имаме предвид стратегиските импликации од настаните во Крим и Украина, и соочени со агресивното руско однесување, од врвна важност е ние, во евроатланската организација, да им дадеме на нашите партнери реалистична и веродостојна евроатланска алтернатива на руските притисоци“, изјави Расмусен.

Фотографија: Georges Gobet/AFP/Getty Images

Како проблеми за другите држави – аспирантки, Расмусен кажа дека Црна Гора која, исто така, се надева на членство, мора да работи на борбата против корупцијата, Грузија треба да спроведе реформи во судството, а Босна не успеала да ги исполни, како што рече Расмусен, скромните барања во врска со обединувањето на армискиот имот.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми