1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија: ЕУ не смее да го притиска Западниот Балкан да избира меѓу Унијата и Русија

СН/ам/фена12 јули 2014

ЕУ не би смеела да ги користи амбициите на земјите од Западен Балкан за приклучување кон Унијата за да ги принудува да избираат меѓу Европа и Русија, порача заменикот шеф на руската дипломатија, Алексеј Мешков.

Фотографија: picture-alliance/dpa

„Од земјите во регионот не би требало да се бара да изберат меѓу Европа и Русија“, рече заменик-министерот за надворешни работи на Русија Алексеј Мешков (на насловна фотографија десно), за потоа гласно да порача дека „интеграцијата на Западен Балкан не би смеела да создаде нова линија на разграничување во Европа“.

Во контекст на случувањата во Украина, Мешков на денешниот завршен ден на „9. Кроација Форум“ во Дубровник додаде дека ЕУ исто така не би смеела да ги притиска земјите од Западен Балкан да се придружат кон санкциите против Русија.

„Исто така е неприфатливо да ги притиска да ги признаат границите кои се со сила исцртани“, порача Мешков.

Истакнувајќи дека Русија е за интеграција и оти и таа е во процес на интеграција, Мешков рече дека „на сите ни треба повеќе интеграција и соработка со Европа“, потсетувајќи на идејата на претседателот Владимир Путин за „заеднички економски и хуманитарен простор“.

ЕУ интеграцијата е добра работа за земјите во регионот, призна Мешков и укажа дека состојбата во некои од земјите, меѓутоа, е „нестабилна и непредвидлива“.

„Која земја следна ќе влезе во ЕУ зависи од самата Унија и од аспирантите, но тешко сето тоа да се случи во блиска иднина“, оцени тој.

Заменикот на Сергеј Лавров не ја пропушти можноста, по вчерашната изјава на заменичката на американскиот државен секретар Викторија Нуланд дека Хрватска во подрачјето на енергетика треба да донесе „паметни одлуки“, да понуди и свое гледиште.

„Мислам дека тука никој не се сомнева во важноста да се воспостават дополнителни снабдувачки енергетски насоки од Русија кон Европа. Една од најважните задачи е развојот на прекугранични инфраструктурни проекти како Јужен тек“, кажа Мешков.

Тој изрази жалење дека се’ уште, како што кажа, постои политички пристап кон тој особено важен проект, потсетувајќи дека дијалогот ЕУ-Русија за правните и техничките аспекти за воспоставување на Јужен тек е буквално блокиран.

„Очекуваме од партнерите од земјите во регионот во поглед на Јужен тек да бидат поактивни во дијалогот со Европската комисија“, порача тој.

„Во спротивно, ќе загубат можност за големи вложувања и илјадници работни места“, истакна тој и потсети дека австрискиот ОМВ јасно се определи за Јужен тек.

На тркалезната маса за Западниот Балкан и ЕУ Мешков јасно стави до знаење дека Русија е „максимално отворена за соработка со земјите од Западен Балкан“ и оти Русија и ЕУ заедно би можеле да развиваат проекти во овој регион.

Со затворањето на „Кроација Форумот“, дипломатите, новинарите и претставниците на меѓународните институции не го напуштаат Дубровник кој во вторник ќе ги угости претседателите од земјите во регионот, членки на процесот „Брдо-Бриони“, со почесната гостинка, германската канцеларка Ангела Меркел.

Ден порано во Цавтат се одржува „Самитот 100“, собир на деловните лидери на југоситочна Европа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми