1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија е изолирана во Советот за безбедност

ЕМФ/ард/ртр14 април 2014

Нема приближување на ставовите за Украина ниту по итната седница на СБ на ОН. Амбасадорите на Украина и Русија меѓусебно се обвинуваа за ескалацијата на состојбата. Ултиматумот што им беше даден на сепаратистите - истече

Фотографија: Getty Images

На седницата на Советот за безбедност на ОН, свикана по барање на Москва, САД ја обвинија Русија дека е одговорна за крвавите борби на истокот на Украина. „Факт е дека оваа форма на нестабилност е најлоша, таа е целосно вештачки создадена. Ваквата нестабилност е идеја и конструкција на Русија“, изјави американската амбасадорка во СБ на ОН, Саманта Пауер, на вонредната седница во Њујорк.

Рускиот амбасадор Виталиј Чуркин ги отфрли обвинувањата. Во жешката дебата тој тврдеше дека безредијата ги потпалува самата Украина. Тој ја повика соседната земја да не ја вклучува армијата. „За само неколку часа работите може да станат полоши“, рече тој.

Ниту една од останатите 14 земји на Советот за безбедност во текот на дебатата не застана на страната на Русија. Москва не доби поддршка ниту од Кина. Кинескиот претставник само апелираше до сите страни да бидат воздржани.

Советот за безбедност има одржано неколку вонредни седници околу кризата во Украина, но сите без видлив резултат. Предлог резолуцијата со која се осудуваше референдумот на Крим беше блокирана со вето од страна на Русија.

Киев зборува за „војна на Русија“

Украинскиот преоден претседател Олександер Турчинов им даде ултиматум на проруските сепаратисти да го положат оружјето и да ги нaпуштат окупираните административни згради до денеска (14.04) до 8 часот. Ултиматумот истече, а според информациите од Украина, повлекување не се случило. Турчинов, во својот телевизиски говор, ја обвини Русија дека води војна против неговата земја. „Во војната што Русија ја води против Украина се пролеа крв“, рече тој. Преодниот претседател најави „голема антитерористичка акција“ за да се стави крај на безредијата на истокот на земјата. Притоа треба да биде ангажирана и армијата. „Нема да дозволиме Русија да го повтори кримското сценарио и во источните региони на Украина“, рече тој.

Руското министерство за надворешни работи реагираше со гнев на ваквите најави. Ангажман на армијата е „криминално дејство“, се вели во едно соопштение на Министерството, во кое Русија од Западот бара да ги стави под контрола своите сојузници во Украина. „Во рацете на Западот е спречување на граѓанска војна во Украина“, се вели во соопштението.

#big#

Мртви во Славјанск

Прозападното раководство во Киев претходно нареди акција на специјалните единици откако вооружени групи во источноукраинскиот град Славјанск и други градови зазедоа повеќе административни згради. Во Славјанск имаше судири меѓу полицајците и проруските сепаратисти, во кои има и повеќе загинати и повредени.

„Се носат сили од сите делови на земјата“, напиша на својата Фејсбук страница украинскиот министер за внатрешни работи Арсен Аваков. На страната на владините сили е убиен најмалку еден офицер, а пет други лица се повредени. За жртви на другата страна нема информации. Аваков ги обвини сепаратистите дека користат цивили како „жив штит“.

Украински тенк на патот меѓу Луганск и СлавјанскФотографија: picture-alliance/dpa

Припадници на Беркут на проруската страна?

Детални независни извештаи за судирите засега нема. Според информации на дописникот на првата германска телевизија АРД, Норберт Хан, воени хеликоптери транспортирале специјални единици во градот, каде потоа се воделе жестоки борби со сепаратистите. Според Хан, на проруската страна наводно се борат и припадници на паравоените специјални единици Беркут на екс украинскиот претседател Виктор Јанукович.

Според изјави на очевидци, Славјанск е во чад. Демонстрантите палеле барикади од гуми. Жителите на градот (околу 100.000) се повикани да останат во домовите и да се држат подалеку од прозорците. Портпарол на сепаратистите за руската телевизија изјави дека нема да се предадат. Проруската страна, според агенцијата Ројтерс, зборува за еден загинат во нејзините редови и двајца повредени.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми