1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Дали НАТО ќе ја брани Украина?

1 декември 2021

Министрите за надворешни работи на НАТО ја предупредија Русија да не презема натамошни акции против Украина. Но од нивниот состанок во Рига не произлегоа одговори за прашањето: Што ако тоа се случи?

НАТО Јенс Столтенбер Летонија
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер во посета на воена база во ЛетонијаФотографија: NATO

„Секоја идна руска агресија против Украина ќе има висока цена и ќе има сериозни политички и економски последици за Русија“, предупреди генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на НАТО во Рига.

Столтенберг постојано нагласуваше дека со оглед на тоа што Украина не е членка на НАТО, тоа не гарантира исто ниво на одбрана како за сојузниците во Алијансата. Сепак, тој рече дека министрите за надворешни работи дискутирале за „економски санкции, финансиски санкции, политички реакции“ против Русија, како и други иницијативи за „подготвеност“ за поддршка на Киев.

Летонскиот министер за одбрана Артис Пабрикс е незадоволен од дискусиите во Рига. „Се срамам што има само неколку земји кои во последните пет години беа всушност способни и подготвени да ја поддржат Украина и воено“, рече тој во ексклузивно интервју за ДВ, „бидејќи ова е нација која се залага за своите граници, за своите слободи“. 

Игра по мерка на Кремљ 

Оние кои, на пример, не би продавале воена опрема на Украина, веруваат дека така го зачувуваат мирот, што Пабрикс го оспорува. „Всушност, ние играме по мерка на Кремљ“, додаде тој. „Ова не е добра работа. Ова не нè приближува до безбедноста и мирот. Треба да ја поддржиме Украина“.

Повеќе: НАТО сака да демонстрира решителност во тензиите со Русија

Но, сојузниците во НАТО не беа во можност формално да се договорат за тоа што претставува руската воена активност, а уште помалку како да одговорат на тоа. Претпоставувајќи го најлошото сценарио, Густав Гресел од Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР) ги повика сојузниците да постигнат единство. „Руската војска сериозно подготвува и планира таква инвазија“, изјави тој за ДВ.

Дали Европа е виновна? 

Дали Москва ќе ја спроведе или не, тоа е друго прашање. Гресел верува дека рускиот претседател Владимир Путин е толку одбивен кон ризици, што би можел да биде спречен. Тој вели дека снабдување на Украина со смртоносна воена опрема во годините по анексијата на Крим можело да одигра голема улога во тоа. „Седум години изгубивме во бескрајни дебати дали треба да го правиме тоа или не“, се пожали Гресел. „Навистина морам да им префрлам огромна вина особено на Европејците што беа толкави кукавици во таа дискусија. Но, сега, се разбира, ситуацијата е таква каква што е. И што правиме сега?“

Гресел вели дека само „декоративни санкции“ не се доволни. „Мораме да бидеме похрабри со санкциите“, вели Гресел, додавајќи дека негов „инстант одговор“ би бил  итно откажување на проектот за гасоводот Северен тек 2 со Русија, а потоа распоредување на големи сили во земјите посебно изложени на ризици од можна војна во Украина, како што се Полска, Романија и Словачка. 

Значајната воена мобилизација на Путин 

Од другата страна на Атлантикот, Јан Бжежински го дава практично истиот совет. „Оние кои се обидуваат да го припишат ова офанзивно трупање воени сили на стратегијата за сигнализирање и влијание, го користат истото рационализирање кое ги доведе до тоа да бидат изненадени од руската инвазија на Грузија, потоа на Крим, а потоа и на источна Украина“, изјави тој за ДВ. „Ова е значајна и скапа воена мобилизација нарачана од Путин, кој тврди дека украинската независност е навреда за руската историја. Да се ​​отфрли можноста за нов напад врз Украина значи да се биде неодговорен“.

Бжежински, поранешен заменик-помошник секретар за одбрана на САД за Европа, а сега во Атлантскиот совет, се угледува на својот татко, поранешниот советник за национална безбедност Збигњев Бжежински и на тогашниот претседател Џими Картер. Тој се согласува дека треба да има зголемување на силите  на источната граница на НАТО, истовремено обезбедувајќи ѝ на Украина повеќе оружје и воени вежби за да се одбрани и да ги зголеми евентуалните материјални и човечки трошоци на евентуалната инвазија на Русија. 

Прашање за политичка волја 

Од друга страна, Елизабет Броу, соработничка во Американскиот претприемачки институт, има сосема поинаква препорака. Броу не се согласува со тоа на натрупувањето на руски воени сили на границата со Украина да се одговори со демонстрација на сила - дури и ако Алијансата може да ги убеди сите членки што не сакаат да го сторат тоа. Нејзиниот став за ситуацијата е дека „Русија очигледно веднаш ќе алармира за тоа и веројатно ќе добие доста голема поддршка во светската јавност“.

Броу предлага владите на НАТО да го „нападнат“ овој проблем на поинаков начин - со тоа што ќе бидат подготвени веднаш да ги укинат сите визи и дозволи за престој на руските граѓани доколку Путин преземе какви било дополнителни чекори против Украина. „Очигледно ќе треба да вежбате и тоа е административна вежба. Но ако го погледнете влијанието што би го имала, тоа би било катастрофално“.

Броу вели дека притисокот врз претседателот Путин од страна на неговите богати пријатели, кои милуваат да патуваат ширум светот, би бил доволен „да го натера да ја промени пресметката на трошоците и на придобивките“ без ризик за жртви на теренот.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми