Русија „непосредно“ пред државен банкрот
9 март 2022Рејтинг агенцијата „Фич“ ја намали својата оценка за кредитната способноста на Русија уште подолу, во областа на т.н. „безвредна“ или „ѓубре“, која се доделува за висок ризик. Оценката за бонитетот на Русија „Фич“ синоќа ја симна од „Б“ на „Ц“, сметајќи дека „непосредно претстои“ ризик Русија да не може веќе да ги плаќа своите државни долгови.
Претседателските декрети и санкциите шират страв од банкрот
Како образложение, „Фич“ се повикува на „развоите кои натамошно ја поткопаа подготвенооста на Русија за враќање на државните долгови“. Со тоа аналитичарите од агенцијата алудираат на претседателскиот декрет потпишан на викендот, кој на Русија ѝ овозможува на доверителите од одредени земји да им плаќа во рубљи наместо во странски валути.
Рејтинг агенцијата укажува и на објавената забрана во САД за увоз на гас и нафта од Русија: „Гледано во целина, заострувањето на санкциите и предлозите кои можат да доведат до ограничување на трговијата со енергенси, ја зголемуваат веројатноста од политичка реакција на Русија, која содржи барем селективно неплаќање на нејзините државни обврзници.“
Претседателот на ДИВ гледа висок ризик од платежна неспособност
Во оваа проценка американската рејтинг агенција не е осамена. И Марсел Фрачер, претседател на Германскиот институт за економски истражувања (ДИВ) во Берлин, смета дека е многу веројатно идните месеци да дојде до платежна неспособност на руската држава.
Врз основа на западните санкции воведени поради руската војна против Украина, постои висок ризик Русија да не може да ги подмирува долговите кај меѓународните инвеститори, изјави Фрачер за германската новинска агенција ДПА. Зашто, Русија веќе нема слободен пристап до своите резерви од злато.
Уште во понеделникот американската инвестициска банка Морган Стенли ги предупреди своите клиенти: „Платежната неспособност ја сметаме за најверојатно сценарио“. А поранешниот хеџ фонд менаџер Џеј Њуман во интервју за Блумберг недамна изјави: „Би бил шокиран, апсолутно шокиран, ако подоцна овој месец воопшто направат напори за извршување на нивните плаќања."
Само техничка платежна неспособност?
Според финансиската новинска агенција Блумберг, Русија актуелно има отворени 49 милијарди долари во државни обврзници во долари и евра. Веќе по една недела, на 16 март, Русија треба да изврши плаќања од преку 100 милиони долари. На 4 април достигнува уште една сума од преку две милијарди долари.
Доколку идната недела изостанат плаќањата на каматите, тоа меѓутоа нема да значи дека Русија директно ќе банкротира. По првите неисплати започнува рок на толеранција од вообичаено 30 дена, така што фактичкото отпаѓање би се случило дури во април.
Освен тоа, поради вонредната ситуација предизвикана од санкциите, првично може да стане збор само за техничка или делумна платежна неспособност, значи не за државен банкрот во фактичка смисла.
Разлики со државниот банкрот во 1998 година
Актуелните случувања будат спомени на август 1998 година. Тогаш руската влада, поради испразнетите каси се откажа од намирување на внатрешните долгови и ја девалвираше рубљата.
Но, сегашната појдовна позиција, 2022 година, многу се разликува од ситуацијата во 1998 година: тогаш Русија имаше високи државни долгови и ниски девизни резерви. Денес пак руската државна каса е полна. Руската централна банка располага со резерви од околу 640 милијарди долари. Меѓутоа, поради западните санкции, земјата веќе нема пристап до голем дел од своте девизни резерви. Тоа сега може да биде погубно за Русија.