1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија е против промена на договорот со НАТО

ЕМФ/дпа/ртр4 септември 2014

Москва решително ги отфрли барањата за промена на основачкиот акт на Советот НАТО-Русија. На самитот во Велс потврдена подготвеноста на Алијансата за нова мисија во Авганистан.

Фотографија: picture alliance/AP Photo/Mindaugas Kulbis

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска (4.09) изјави дека само сите страни кои се дел од договорот можат да го сменат основачкиот акт на Советот НАТО-Русија. Со документот се ограничува стационирањето војници на алијансата во Источна Европа.

Пред самитот на НАТО во Велс повеќе источноевропски политичари го ставија под знак прашалник договорот со Русија поради конфликтот во Украина. Американскиот претседател Барак Обама изјави дека условите се „јасно променети“ од периодот кога е склучен договорот, односно основачкиот акт. Со тоа Обама најави промена на размислувањата во односите на НАТО со Москва.

Лавров ги обвини САД дека му вршат притисок на раководството во Киев да заземе остар став кон проруските сепаратисти во источна Украина. Оној кој и‘ дава поддршка на воената страна во Киев го поткопува авторитетот на претседателот Петро Порошенко, тврди Лавров.

Инаку, Порошенко денеска (4.09), на маргините на самитот на НАТО во Њупорт, изјави дека Украина има намера да го прифати планот на рускиот претседател Путин за ставање крај на борбите меѓу сепаратистите и армијата на истокот на земјата. Порошенко изјави дека тој ќе нареди прекин на огнот од утре во 13 часот, доколку тоа биде потврдено на средбата во Минск околу договорот за примирје. Утре во главниот град на Белорусија се среќаваат преговарачи на Украина, Русија и ОБСЕ кои ќе разговараат за тоа.

Подготвеност за натамошно присуство во Авганистан

Генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Расмусен од самитот на НАТО во Велс соопшти дека алијансата е подготвена на продолжување на военото присуство во Авганистан. „Иако нашата воена мисија завршува на крајот на годинава, Авганистан и натаму ќе има потреба од нашата поддршка. НАТО е подготвен да ја игра својата улога“, изјави Расмусен на почетокот на самитот, на кој учествуваат 28 членки на НАТО и 33 други држави.

Новата мисија на НАТО, во која треба да бидат ангажирани максимум 12.000 војници за обука на авганистанските безбедносни сили, ќе почне дури тогаш кога идниот авганистански претседател ќе го потпише договорот за нивниот правен статус во земјата.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми