Русија исклучена и од Параолимпијадата во Пјеонгчанг
29 јануари 2018Меѓународниот параолимписки комитет (МПК) го следеше примерот на Меѓународниот олимписки комитет (МОК) и на одбрани руски атлетичари им дозволи учество на Зимските параолимписки игри во Пјеонгчанг од 9 до 18 март годинава. МПК денеска соопшти дека останува на одлуката за исклучување на Националниот параолимписки комитет на Русија (РПК), но оти спортисти од земјата кои докажано се чисти од допинг смеат да настапат под неутрално знаме. ИПК смета на учество на 30 до 35 руски спортисти во Јужна Кореја.
Повеќе на темата:
-Руските спортисти под неутрално знаме на Олимпијада
-Руските параолимпијци без учество во Рио!
-Русија обвинета за систематски допинг
Руските спортисти инаку беа целосно исклучени од летната Параолимпијада во Рио де Женеиро во 2016 година. Меѓународниот олимписки комитет исто така го исклучи Рускиот олимписки комитет од Зимските олимписки игри во Пјеонгчанг од 9 до 25 февруари, но досега покани 169 руски спортисти кои важат за чисти од допинг. Тие смеат да настапат под неутрално знаме и без химна.
„Значителен напредок“
ИПК, на чело со новиот претседател Ендру Парсонс исто така ја остави отворена оваа задна врата. „Иако РПК останува суспендиран, тие направија значителен напредок. Тоа мора да го признаеме“, изјави Парсонс.
Инаку, на претходните Зимски параолимписки игри во домашниот Сочи руските спортисти доминираа на листата на освоени медали. Со 30 златни, 28 сребрени и 22 бронзени медали, односно вкупно 80 места на подиумот за медали, тие го освоија првото место пред Германија.