Параолимпијадата во Пекинг без Руси и Белоруси
3 март 2022На руските и белоруските спортисти им е забрането учеството на претстојните Зимски олимписки игри во Пекинг поради руската воена интервенција во Украина, соопшти денеска Меѓународниот параолимписки комитет (МПК).
МПК го соопшти ова за помалку од 24 часа откако наведе дека Русија и Белорусија како неутрални екипи, без државни симболи и химни, ќе учествуваат на Зимските игри кои започнуваат во петок во Пекинг.
МПК поради оваа одлука доби остри критики, а одлуката е наречена и предавство кое испратило погрешна порака до руското раководство.
Во соопштението се наведува дека е јасно оти многу спортисти ќе одбијат да се натпреваруваат против колегите од Русија и од Белорусија, што ќе „направи хаос на Параолимписките игри и ќе нанесе штета на репутацијата“.
Претседателот на МПК, Ендру Парсонс, вчера, кога соопшти оти Русија и Белорусија ќе учествуваат на Игрите, изрази поддршка до украинскиот народ, но рече дека и неговите постапки се ограничени со правила на организацијата и оти постои страв од правна постапка. Тој денеска го кажа спротивното.
Повеќе: Русија крвари од санкциите
МПК со тоа се приклучи на бројни спортски федерации во исклучувањето на руските и белоруските спортисти од натпреварите. Зимските параолимписки игри ќе траат до 13 март.
Меѓународниот олимписки комитет (МОК) во понеделникот ги повика сите спортски организации да ги исклучат Русија и Белорусија од натпреварите поради руската воена акција во Украина. МОК наведе, во случај ако тоа не биде можно во кус рок или поради правни причини, дека на релевантната организација ќе ѝ препушти самостално да донесе одлука.