1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Русија и Украина: Хроника на една необјавена војна

Роман Гончаренко
22 јануари 2022

Конфликтот помеѓу Русија и Украина има длабоки корени. Во суштина се работи за тоа дека Москва не ја прифаќа независноста на Киев.

Russland Militärübungen
Руски војник за време на воена вежба Фотографија: AP /picture alliance

Тензиите меѓу Русија и Украина датираат уште од средниот век. Двете земји имаат заеднички корени во источнословенската држава Киевска Русија, поради што рускиот претседател Владимир Путин денес претпочита да зборува за „еден народ“. Во реалноста, патиштата на двата народа беа разделени со векови, настанаа два јазика и култури - тесно поврзани, а сепак различни. Додека Русија политички се разви во царство, Украина не успеа да формира своја држава. Во 17 век, големи области на денешна Украина станале дел од руската империја. По нејзиниот распад во 1917 година, Украина стана независна, што траеше кратко, сѐ додека советска Русија не ја освои повторно.

1990-ти: Русија ја пушти Украина да си оди

Во декември 1991 година, Украина, заедно со Русија и Белорусија, беше една од трите сестрински републики кои го запечатија распадот на Советскиот Сојуз. Москва сакаше да го задржи своето влијание и Заедницата на независни држави (ЗНД) ја сметаше за инструмент за остварување на тоа влијание. Кремљ исто така веруваше дека со испорака на евтин гас може да ја врзе соседната земја за себе. Работите излегоа поинаку. Додека Русија и Белорусија формираа алијанса со блиски врски, Украина сè повеќе гледаше кон Запад.

Тоа го иритираше Кремљ, но во 1990-тите не дојде до конфликт. Москва делуваше опуштено, бидејќи Западот не сакаше да ја интегрира Украина. Самата Русија беше економски слаба и врзана со чеченските војни. Во 1997 година, со потпишувањето на т.н. „Голем договор“, Москва ги призна границите на Украина, вклучувајќи го и полуостровот Крим, каде мнозинството се етнички Руси.

Први пукнатини во постсоветското пријателство

Во текот на мандатот на Путин како претседател, дојде до првата голема дипломатска криза помеѓу Москва и Киев. Во есента 2003 година, Русија изненадувачки почна да гради брана во Керчкиот Теснец кон украинскиот остров Коса Тузла. Киев во тоа гледаше обид за прекројување на границата. Конфликтот ескалираше и беше решен дури по средбата лице в лице меѓу претседателите на двете земји. Изградбата беше стопирана, но декларираното пријателство меѓу двете земји доби пукнатини.

На претседателските избори во Украина во 2004 година, Русија му даде голема поддршка на прорускиот кандидат Виктор Јанукович. Но, „Портокаловата револуција“спречи негова фалсификувана победа, а победи прозападниот политичар Виктор Јушченко. За време на неговиот мандат, Русија двапати ја прекина испораката на гас за Украина, во 2006 и 2009 година. Прекин имаше и на транзитот на гас за ЕУ.

Станица за гас во близина на КиевФотографија: Sergey Dolzhenko/dpa/picture-alliance

Во 2008 година, тогашниот американски претседател Џорџ Буш се обиде да ги внесе Украина и Грузија во НАТО и да ги вклучи во формална подготвителна програма. Путин протестираше. Москва тогаш јасно стави до знаење дека не ја прифаќа целосно независноста на Украина. Германија и Франција ги спречија плановите на Буш. На самитот на НАТО во Букурешт, на Украина и на Грузија им беше ветено членство, но без датум.

Бидејќи работите со вклучување во НАТО не функционираа брзо, Украина се обиде да ја унапреди врската со Западот преку Договор за асоцијација со ЕУ. Во летото 2013 година, неколку месеци пред потпишувањето, Москва изврши огромен економски притисок врз Киев и го попречи увозот на Украина. Владата на тогашниот претседател Јанукович, кој победи на изборите во 2010 година, го стави договорениот договор во мирување. Јанукович со тоа предизвика протести на опозицијата, кои доведоа до негово бегство во Русија во февруари 2014 година.

Рускиот претседател Владимир Путин на самитот на НАТО во Букурешт во 2008 годинаФотографија: Vladimir Rodionov/dpa/picture-alliance

Анексијата на Крим како пресвртница

Кремљ го искористи вакуумот во владеењето во Киев за да го анектира Крим во март 2014 година. Тоа беше пресвртница, почеток на необјавена војна. Во истовреме, руски паравоени сили почнаа да се мобилизираат за бунт во регионот Донбас, во источна Украина. Во Доњецк и Луганск беа прогласени „народни републики“ – со Руси на врвот. Владата во Киев чекаше до претседателските избори во мај 2014 година, а потоа започна голема воена офанзива, која ја нарече „антитерористичка операција“.

Во јуни 2014 година, новоизбраниот украински претседател Петро Порошенко и Путин се сретнаа за првпат - со посредство на Германија и Франција - на прославите по повод 70-годишнината од Денот Д во Нормандија. Се роди таканаречениот Нормандиски формат.

Во тоа време, украинската армија успеа да ги потисне сепаратистите, но на крајот на август, Русија, според тврдењата на Киев, се вмешала воено. Москва го негира тоа. Украинските единици во близина на Иловајск, град источно од Доњецк, претрпеа пораз. Тоа беше пресвртница. Војната на широк фронт заврши во септември со потпишувањето на примирјето во Минск.

Прослава во Москва по повод седумгодишнината од анексијата на КримФотографија: Sergey Satanovsky/DW

Рововска војна во Донбас

Потоа започна рововска војна која трае до денес. На почетокот на 2015 година, сепаратистите повторно тргнаа во офанзива и, според Киев, повторно била ангажирана руска армија без ознаки. Москва и тоа го негира. Украинските воени сили претрпеа втор пораз, овојпат во стратешки важниот град Дебалцево, кој мораа набрзина да го напуштат. Во тоа време, со западно посредство е постигнат договорот Минск-2, договор кој и денес е основа за мировните напори и останува неисполнет.

Во текот на есента 2019 година, имаше трунка надеж. Во тоа време, на неколку места имаше повлекување на трупите од линијата на поделба. Но, од Нормандискиот самит во Париз, во декември 2019 година, веќе нема натамошни средби. Засега Путин не сака лично да се сретне со украинскиот претседател Владимир Зеленски, бидејќи, од руска гледна точка, тој не ги спроведувал договорите од Минск. Од декември 2021 година, рускиот претседател Путин отворено бара од САД Украина никогаш да не се приклучи на НАТО и да не добива воена помош. НАТО го отфрли ова барање.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми