1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија крвари од санкциите

Роман Гончаренко
3 март 2022

Санкциите од Западот ја погодија Русија посилно од кога било досега. Без разлика дали се работи за елити или обични граѓани - засегнати се сите. Некои бранши се пред изумирање.

Symbolbild Zange Sanktionen USA EU Russland
Фотографија: picture alliance/dpa

Една недела по руската инвазија на Украина, животот во Русија радикално се промени. Западните санкции без преседан ја погодија речиси секоја бранша: финансиите, транспортот, патувањето, културата, спортот. Секој ден – нови мерки, лесно може да се загуби прегледност. Сето тоа делува како таканаречената стратегија на илјада убоди, која веќе сега предизвикува тешко крварење на руската економија. Само што сега тоа не се убоди, туку ударни бранови.

Рубљата за само неколку дена загуби околу една третина од својата вредност, има информации за редици пред банкоматите и проблеми со платежните картички или платежните системи како Google Pay или Apple Pay. Постои закана од недостиг на апарати за домаќинство, но и западна облека и обувки, исто како што имаше во советско време. Некои експерти веќе предвидуваат двоцифрен економски пад оваа година, доколку продолжи сегашниот тренд.

Русија се подготви

Сепак, дотаму сѐ уште не е дојдено. Кремљ признава дека има проблеми и шири оптимизам: „Се разбира, руската економија чувствува силен притисок, силен удар, но има потенцијал за отпор, има планови, енергично се преземаат контрамерки. Нема да падне“, изјави во средата (2.03) во Москва портпаролот на претседателот Путин, Дмитриј Песков. Ставот на државниот врв: ситуацијата на пазарите наскоро ќе се смири.

Русија, најдоцна по анексијата на Крим во 2014 година, се прилагоди на западните економски санкции. Уште тогаш за тоа најдоа еуфемизам. Наместо „санкции“, руските медиуми претпочитаат да зборуваат за „нова економска реалност“. Но, сега ударот е многу пожесток. Новина е што сега постои де факто кризен центар, на чело со премиерот Михаил Мишустин, кој се обидува да ги држи турбуленциите под контрола.

Редица пред банкомат во Москва, 27.02.2022Фотографија: Victor Berzkin/AP/picture alliance

Забраните за прелет на руски авиони многу тешко го погодија рускиот воздушен сообраќај. И туристичките компании пријавуваат пад на резервациите до 70%. А Русите кои сепак ќе успеат да стигнат до плажа, мора да носат многу пари со себе. Причина за тоа е исклучувањето на некои руски банки од платниот систем Свифт. На пример, три болници во Тајланд им даваат медицински услуги на руските туристи само за готовина. Што се однесува до повратниот лет за Русија, тоа исто така е комплицирано.

Како што се очекуваше, Централната банка на Русија реагираше на падот на рубљата и ја удвои основната каматна стапка на 20 отсто за да се спротивстави на спиралата на девалвација и покачување на цените. Но, и самата Централна банка е под невиден притисок и изгледа изненадена од одлуката на Западот ефективно да замрзне две третини од нејзините резерви. Според новинската агенција Ројтерс, во видео за вработените, шефицата на банката Елвира Набиулјина изјавила дека се надевале на поблаго сценарио.

Централната банка на Русија двојно ја зголеми основната каматна стапкаФотографија: Natalia Seliverstova/Sputnik/dpa/picture alliance

Најтешко погоден е средниот слој

Кризата најмногу го загрижи средниот општествен слој, пишува економскиот весник Ведомости. Некои московски ресторани деновиве имаат околу 60 отсто помалку гости. Но, санкциите ќе ги почувствуваат сите граѓани, не само средната класа. „Русите порано ги доживуваа санкциите како еден вид 'казна за елитите'. Сега сфаќаат дека сите се погодени“, цитира весникот еден психолог.

Сергеј Уткин, познат московски економски експерт, во весникот „Комерсант“  предупредува на „гигантски економски загуби и уништување на начинот на живот на цели слоеви на општеството.“ Сето ова е резултат на воениот поход во Украина.

Она што во Русија очигледно ретко кој го очекуваше се санкции во областа на спортот и културата. Сѐ повеќе руски тимови добиваат забрана за учество на натпревари. Спортски настани, како што е финалето на Лигата на шампиони во Санкт Петербург, се преместуваат на друго место, што резултира со милионски загуби за локалната угостителска бранша.

Русите во очајна потрага по странски валути

01:24

This browser does not support the video element.

На руските кина им се заканува масовно изумирање

Руските уметници како популарниот диригент Валериј Гергиев, за кој се вели дека е поддржувач на претседателот Путин, ги губат своите ангажмани на Запад.

Но, една бранша во Русија е особено тешко погодена: кината. Кога денеска ширум светот ќе почне да се прикажува новиот филм за Бетмен, Русите за првпат по повеќе децении нема да имаат можност да го гледаат овој холивудски блокбастер. Тоа е една од трите најважни премиери годинава коишто американските продуценти одбија да ги прикажат во Русија. Последица: кино-операторите очекуваат загуби до 70% од приходите. Порано тие со западните филмови правеа повеќе од три четвртини од својот промет. Доколку ситуацијата не се подобри до мај, експертите очекуваат кината во Русија масовно да изумрат.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми