Русија најави ново повлекување од украинската граница
18 февруари 2022
Руските воени власти денеска соопштија дека ги повлекуваат тенковите распоредени во близината на украинската граница и оти тие се враќаат во своите гарнизони.
Во соопштението се додава дека се „поместуваат бомбардерите од припоениот црноморски полуостров Крим“, среде стравот на Западот од руски напад врз Украина.
„Уште еден воен воз со персонал и со опрема на тенковските единици се врати во постојаните бази“ во областа Нижни Новгород, на повеќе од 1.000 километри од Украина, се наведува во соопштението на руското Министерство за одбрана.
Овие сили се враќаат во своите гарнизони откако ја завршиле планираната вежба за обука, додаде руското министерство.
Како што пренесува агенцијата Интерфакс, портпаролот на руската флота, Алексеј Рулјев, изјавил дека 10 бомбардери Су-24 кои се лоцирани на Крим го напуштиле полуостровот и се префрлени на други аеродроми во Русија во рамки на вежбата.
Русија, според САД, распоредила над 150.000 војници во близината на Украина, што предизвикува страв од инвазија на Москва на земјата.
Русија негира каков било план за напад, а неодамна најави серија повлекувања на своите војници покажувајќи фотографии на возови натоварени со опрема. Меѓутоа, западните земји и натаму не се убедени дека нема да има руска инвазија на Украина.
Опасноста од инвазија е „многу висока“, изјави американскиот претседател Џо Бајден во Вашингтон и истакна дека тоа би можело да се случи „во следните неколку дена“. „Сето укажува дека Русија е подготвена да ја нападне Украина“, рече Бајден..
Според американскиот претседател, исто така, постои причина да се верува дека Москва е вклучена во таканаречена операција под лажно знаме - термин што се користи за опишување на измислиците кои се користат за создавање на вештачки изговор за напад. Истовремено, Бајден нагласи дека сѐ уште постои можност за дипломатско решение.