1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија отфрли вмешаност во глобални сајбер напади

СН/ агенции
4 октомври 2018

Велика Британија и Австралија ја обвинија руската воена разузнувачка служба ГРУ за серија глобални сајбер напади. Москва говори за „големи измислици“.

Symbolbild Cyberattacke Russland
Фотографија: picture-alliance/chromorange/C. Ohde

Министерството за надворешни работи на Русија денеска ги отфрли тврдењата на британските и австралиските власти дека руската воена разузнувачка служба ГРУ стои зад новиот бран глобални сајбер напади.

Портпаролот на руското министерството за надворешни работи, Марија Захарова, ги отфрли овие обвинувања како „големи измислици“. Британски и австралиски официјални лица ја обвинија денеска руската воена разузнувачка служба ГРУ за бран глобални сајбер напади.

Британскиот Национален центар за сајбер безбедност (НЦСЦ) утврди дека хакерите зад бројните напади се идентификувани оти работат за руската воена разузнувачка служба.

Според британските владини извори ГРУ е поврзана со повеќе хакерски групи, кои често се претставуваат како блиски на руските власти, како што се „ Fancy Bear“, „Sandworm“, „Strontium“, „APT 28“, „CyberCaliphate“, „Sofacy“, „Black Energy Actors“, а овие разни имиња понекогаш означуваа една иста група. Британскиот министер за надворешни работи, Џереми Хант, рече дека ГРУ е одговорна за „неселективни и непромислени“ напади на политички и спортски институции, на фирми и на медиуми ширум светот.

Повеќе:

-Руски хакери ја пробиле германската владина мрежа

-Руските хакери - Путинови „слободни уметници“

-Руски хакери напаѓале системи за регистрација на гласачи во САД

Хант рече дека пораката на Британија е јасна, оти со своите сојузници ќе открие и ќе одговори на „обидите ГРУ да ја подрие меѓународната стабилност“.

Џереми ХантФотографија: Getty Images/AFP/L. Neal

Овие напади погодија граѓани во бројни земји, вклучувајќи ја и Русија, и „ја чинат националната економија милиони фунти“, наведе Хант.

Тој изјави дека нападите врз светската антодопинг агенција ВАДА,  врз украинскиот сообраќаен систем, врз американската претседателска трка во 2016 година и други напади е веројатно дело на рускиот ГРУ.

Австралискиот премиер Скот Морисон и министерката за надворешни работи Марис Пејн издадоа заедничко соопштение во кое се наведува дека австралиските разузнувачки агенции се сложиле оти ГРУ е одговорна за оваа шема на злонамерни сајбер активности.

Тие наведоа дека Австралија не е погодена во голема мерка, но оти овие сајбер напади предизвикаа економска штета и ја нарушија цивилната инфраструктура во други земји.

Британски официјални лица и порано ја обвинија ГРУ за напад со нервен агенс во март на поранешниот руски шпион Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија во Солсбери. Русија отфрла каква било вмешаност во овој напад.

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми