1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија под меѓународен притисок

АТ/афп/ројтерс/миа/ард/дв3 март 2014

Подготовките за Г8 средбата во Сочи се прекинати. Причина за ова е руската интервенција на полуостровот Крим во Црното Море. Канцеларката Меркел оцени дека Русија го прекршила маѓународното право.

Фотографија: REUTERS

Украинската гранична служба утрово соопшти дека на руската страна на границата односно на тесниот морски премин што ја дели Русија и украинскиот регион Крим се регистрирани голем број оклопни возила.

„Поголемиот број од тие возила се наоѓаат во близина на пристаништето на руската страна на каналот Керч, спроти истоимениот украински град“, изјави портпаролот на украинската гранична патрола. Тој наведе дека руски бродови доаѓаат и заминуваат од пристаништето Севастопол, поморската база на руската Црноморска флота, како и дека руските власти го блокирале сигналот на мобилната телефонија на одредени места на границата.

Индустриските земји бараат политичко решение на кризата на Крим

Сите седум водечки индустриски нации ги прекинаа подготовките за планиранта средба на Г8 во Сочи, поради руската интервенција на украинскиот полустров Крим. Ова произлегува од заедничкото соопштение на Г7, кое го објави американскиот претседателски кабинет.

Седумте водечки индустриски земји во светот (САД, Германија, Јапонија, Канада, Франција, Италија и Велика Британија) во заедничкото соопштение ги осудуваат чекорите на Русија на полуостровот Крим како „јасна повреда на украинскиот суверенитет и територијален интегритет“ и кршење на меѓународните обврски.

„Ние сме подготвени, да помогнеме во овие напори“ се вели во соопштението. Меѓутоа поради тоа што постапките на Русија ги кршат принципите и вредностите на групата се прекинати подготовките за планираниот самит во јуни годинава во Сочи - „сѐ додека повторно не се создаде атмосфера, во која Г8 ќе биде во состојба за значајни дискусии“.

Г7 државите и ЕУ ја повикаа Москва, доколку има забелешки во однос на безбедноста или човековите права да ги регулира директно во Киев или да прифати посредништво од ОН или ОБСЕ.

Меркел телефонираше со Путин и Обама

Германскaта канцеларка Ангела Меркел и американскиот претседател Барак Обама во телефонски разговор постигнале согласност, преку контакт група да бараат решение за кризата во Крим. Постигната е согласност дека таа група би можела да биде под раководство на ОБСЕ, соопштии портпарол на германската влада.

Претходно канцеларката телефонираше и со претседателот Владимир Путин. Тој го прифатил предлогот за контакт група, пренесе портпаролот. Канцеларката, според него, му префрлила на Путин дека со „неприфатлива интервенција на Крим е прекршено меѓународното право“. Путин исто така го прекршил и договорот за Црноморската флота од 1997 година.

Германската канцеларка Меркел разговараше со претседателот ПутинФотографија: Guido Bergmann/Bundesregierung-Pool via Getty Images

Според податоци од Кремљ, Путин во разговорот ја бранел можната руска вона интервенција во Украина и појаснил дека случувањата на полуостровот Крим и во Украина претставувале опасност за животот на руските граѓани и населението што говори руски. Чекорите кои ги има преземено Русија биле соодветни.

Кери се заканува со исклучување на Русија од Г8

Британскиот министер за надворешни работи Вилијам Хејг оцени дека кризата во Украина е досега најголемат криза во Европа во 21 век. Тој истовремено ја повика Русија да ги повлече своите воени трупи назад во базите.

Американскиот министер за надворешни работи Џон Кери во меѓувреме упати невообичаено остри зборови кон владата во Москва: Тој ја предупреди земјата дека ќе го загуби членството во Г8. Утре (04.03.) Кери треба да допатува во Киев за на новото украинско раководство да му даде поддршка.

Германскиот министер за надворешни работи Франк Валтер Штајнамајер меѓутоа за првата програма на германската телевизија изнесе поинакво мислење од неговиот американски колега. Тој смета дека Г8 групата била „единствениот формат, во кој ние од Западот сѐ уште непосредно зборуваме со Русија“. Во овој форум би можело да се придонесе за деескалација. „Сега би морале да бараме можности, да се избегне натамошна ескалација“.

Остра критика од НАТО - Кина и Русија со слични гледишта на ситуацијата

Исто така и НАТО силно ги критикуваше чекорите на Русија. „Една воена интервенција на силите за безбедност на Русија против Украина е кршење на меѓународното право“, изјави генералниот секретар на НАТО Андерс Фог Размусен по кризната седница на НАТО- Советот во Брисел. „Ја повикуваме Русија да ги намали тензниите“, рече Размусен. Во соопштение на Советот се вели, НАТО стои на страната на Укриана како „ценет партнер“.

Генералнитот секретар на НАТО РазмусенФотографија: Reuters

Кризата во Украина денеска е тема на вонредната седница на европските министри за надворешни работи, што треба да се одржи во Брисел.

Со оглед заканите и силната критика од Западот Русија во конфликтот во Украина се погрижи да добие поддршка од Кина. Гледиштата на министерот за надворешни работи Сергеј Лавров и Ванг Џи на ситуацијата, која се одвива во земјата и околу неа, во голема мера се поклопувале, соопшти денеска руското министерство за надворешни работи по телефонски разговор на двајцата први дипломати.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми