1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија покажува сила, НАТО исто така

Бернд Ригерт/ Жана Ацеска1 ноември 2014

Русија постојано го држи НАТО буден со изведување воздушни маневри на границата на воздушниот простор. Летовите не се илегални, ниту го загрозуваат воздушниот сообраќај. Москва сака да покаже сила, НАТО исто така.

Фотографија: Reuters/Norwegian NATO QRA Bod

Главниот воен штаб на НАТО во своето соопштение во врска со руските воздушни маневри над Северното, Црното и Балтичкото Море, очигледно малку претера. Портпаролот Џеј Џенсен соопшти дека тие се можна опасност за цивилниот воздушен сообраќај, зашто руските борбени авиони ги имале исклучени апаратите за радио-контакт и не можеле да бидат идентификувани. „Германската воздушна безбедност“, државната служба за надгледување на воздушниот простор и цивилниот воздушен сообраќај, го побива приказот на НАТО, истакнувајќи - летовите на Русите биле целосно легални. Според меѓународните правила за летови, воените авиони кои летаат во меѓународниот воздушен простор не мора да достават ни планови за лет, ни да ги стават на располагање апаратите за радио-контакт за своја идентификација на радарските екрани на цивилните воздухопловни власти.

Портпарол на европската агенција за воздушна безбедност „Еуроконтрол“ во Брисел за Дојче веле потврди - руските авиони не „исчезнале“ од радарите, како што се велеше во некои извештаи. Тие биле видливи, но без да се идентификуваат. Експертот за воздушна безбедност Хајнрих Богарт за Дојче веле потврдува: цивилните воздухопловни власти, ако руските авиони се најделе на патеки на патничките авиони, би имале доволно време за да пресметаат нови рути за цивилните авиони.

Без повреда на воздушниот простор

И НАТО во соопштението истакна: руските борбени авиони забележани и пресретнати минатите денови, не го повредиле воздушниот простор на некоја членка на НАТО, туку постојано се наоѓале во меѓународниот воздушен простор. Полетувањето на џетовите на НАТО и пресретнувањето на руските авиони заради идентификација е „стандардна процедура“ кога се приближува непознат авион кон воздушниот простор на Алијансата, вели портпаролот. Тогаш, зошто целата возбуда?

Јенс СтолтенбергФотографија: Reuters/Alkis Konstantinidis

Невообичаена била зачестеноста на руските летови во близина на воздушниот простор на НАТО, изјави новиот генерален секретар на Алијансата Јенс Столтенберг. Од почетокот на годинава биле регистрирани околу 100 вакви летови, значително зголемување во однос на претходната година, значи пред почетокот на украинската криза.

„НАТО останува буден и подготвен на одговор“, истакна тој. Алијансата, по руската анексија на Крим, ја зајакна т.н. „воздушна полиција“ на источната граница. Во Полска и во Балтикот се стационирани дополнителни авиони, меѓу кои и четири германски воени, кои беа во акција оваа недела. Пресретнување на авиони значи паралелно летање заради идентификување на руските авиони во меѓународниот воздушен простор, а не нивно принудување на промена на курсот. Тоа смее да се направи само ако руските авиони влезат во воздушниот простор на НАТО.

Непријатна демонстрација на сила

Воен функционер на НАТО, кој сака да остане анонимен, вели дека руската воена авијација со „робустни“ акции го принудува НАТО на постојано дејствување, што не го смета за негативно, зашто овозможува подобро вежбање отколку во секој маневар. Опасност од воена конфронтација не постои. Русите сакаат да ги демонстрираат своите способности. Слично мисли и германскиот ополномоштеник на владата за Русија, Гернот Ерлер.

„Тоа е шоу на авијацијата, демонстрација на сила во време на конфликт, кое е непријатно, зашто секогаш е поврзано со загриженоста од евентуални инциденти“, изајви Ерлер за Дојчландфунк. Но, се‘ е во рамките на меѓународно дозволеното. Германската канцеларка Ангела Меркел деновиве реагираше опуштено и истакна дека не е загрижена од можна повреда на воздушниот простор.

НАТО: Нашиот одговор е силата

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг исклучи споредби со Студената војна, кога воените блокови на Исток и Запад стоеја еден наспроти друг вооружени до заби.

Руски борбен авион СУ-27Фотографија: picture-alliance/AP Photo/Joint Staff Office of Defense Ministry of Japan

„Не сме во ситуација како во Студената војна, но однесувањето на Русија предизвика губење големо количество доверба. Многу од она што се обидовме да го изградиме по крајот на Студената војна и падот на Ѕидот, повторно е разградено.“

Столтенберг е загрижен од новите тензии меѓу Русија и НАТО поради украинската криза и анексијата на Крим. Поради тоа го смета за правилно зајакнувањето на единиците на НАТО во источна Европа.

„Ова засилување е одговорот кој е потребен за справување со Русија и за одговор на зголемувањето на воените активности од страна на Русија“.

Еден воен советник во Москва пак се обиде да ги минимизира зголемените летови како разбирлива сама по себе реакција:

„Порано нашите авиони не летаа. Сега тие го прават тоа“, изјави Игор Короченко, член на Советодавниот штаб на руското министерство за одбрана за новинската агенција Франс прес.

„Се враќаме на воената пракса на земја која размислува околу својата одбрана и способност за акција. Авијацијата врши маневри и извидувачки летови за да разбереме што планираат нашите колеги од НАТО“, изјави Короченко.

Не е само за влакно

При последните летови на Русите не е повреден воздушниот простор на НАТО, но понекогаш се случува и тоа. Во септември претставник на Алијансата соопшти дека руски џетови кратко време влегле во балтичкиот воздушен простор. Финска и Шведска, кои не се членки на НАТО, во септември пријавија зачестени повреди на нивниот воздушен простор од страна на руски авиони. Руската воена авијација при своите летови во близина на странските воздушни простори не се ограничува само на Европа, туку руски борбени џетови се лоцирани, пресретнати и идентификувани и пред канадскиот и американскиот западен брег. А обратно, НАТО не изведува вакви летови на границата на рускиот воздушен простор, велат од кругови на Алијансата за Дојче веле.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми