1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Здравје

Русија: Слободна масовна вакцинација и бесплатен сладолед

Емили Шервин
12 февруари 2021

Бројот на случаи на Ковид-19 во Русија паѓа од крајот на декември и рестрикциите во земјата се ублажени. Во Москва, слободната вакцинација со Спутник V е „зачинета“ со бесплатен сладолед.

Russland Impfstelle im Moskauer Kaufhaus Gum
Фотографија: Pavel Golovkin/AP Photo/picture alliance

Кога ќе ги пројдете калдрмите на Црвениот плоштад и ќе зачекорите во легендарната стоковна куќа од времето на Советскиот сојуз - ГУМ, која сега е дом на луксузни модни продавници светкаво украсени, ќе го најдете пунктот за вакцинација, веднаш наспроти продавницата на Гучи.

Руската вакцина Спутник V тука е достапна од 18 јануари. Бесплатна е, не мора да закажете термин за да примите доза и да добиете бесплатен сладолед. Сето изгледа како совршена реклама за Спутник V, која - во духот на вселенската трка од Студената војна - беше наречена по првиот сателит во светот.

Вакцината стана достапна за некои ризични групи, вклучително и за медицинските и социјалните работници на почетокот на декември, а натамошни групи на население се додаваат постепено. Во јануари, рускиот претседател Владимир Путин најави започнување на програма за „масовно вакцинирање“. Минатата недела, градоначалникот на Москва објави дека 400.000 луѓе се вакцинирани во главниот град, во кој живеат најмалку 12 милиони жители. Околу 100 болници во Москва спроведуваат вакцинирање. Тоа се прави и на околу десетина пунктови за вакцинација, вклучувајќи неколку трговски центри и оперска куќа.

Фотографија: Emily Sherwin/DW

Во стоковната куќа ГУМ нема големи редови за вакцината, но приливот на луѓе е постојан - млади и стари пристигнуваат да ја примат вакцината, дури и во работен ден.

„Русија има најдобри вакцини и најдобри лекови“, изјави Екатерина Авонина за ДВ. Младата жена вели дека имала коронавирус пред шест месеци, но не сака повторно да се разболи. Таа никогаш не се сомневала во однос на Спутник V. „Вчера бев на прошетка тука со другарки и видов дека вршат вакцинација. Веќе некое време сакав да се вакцинирам и затоа дојдов тука денеска".

Интересно е што волонтерите и вработените кои помагаат при напорите за вакцинација во ГУМ проценуваат дека околу една третина од оние што примаат вакцина во стоковната куќа се странци, иако нема бројки што го потврдуваат тоа. „Не ни знаев дека во Москва живеат толку многу странци“, вели Софија Маркова, додека им дава сладолед на пациентите.

Музичарот роден во САД, Џош Ланза, е воодушевен што прима вакцина Спутник во „историски момент и среде прекрасната зграда веднаш на Црвениот плоштад“.

Џорџ Тјусон, Британец кој живее во Москва, дошол да прими вакцина заедно со сопругата, која е Русинка. Тјусон инсистира на тоа дека не се чувствува како да е дел од руската пропаганда. „Еден од начините за излез од ситуацијата во која се наоѓаме е преку вакцинирање на луѓето. Па ако имате можност да се вакцинирате, зошто да не го сторите тоа?' вели тој, објаснувајќи дека неодамна ги надминал првичните сомнежи во врска со Спутник. „Ова е за моја лична корист. Ако сакаат да ги политизираат работите - тогаш тоа е причината зошто политичарите се политичари“.

Фотографија: Sergei Bobylev/TASS/dpa/picture alliance

Трката за вакцината

За Русија, вакцинацијата е очигледно национална гордост. Постојат две регистрирани вакцини во земјата, а трета е на пат. Само оваа недела, Русија предаде апликација за добивање дозвола од ЕУ за Спутник V. Унгарија веќе ја одобри. Руската вакцина е достапна и во неколку земји кои не се членки на ЕУ, вклучувајќи ги Аргентина и Србија.

Минатата недела, истражувањето објавено во стручниот часопис „Лансет“ покажа дека вакцината е ефикасна 91,6%. Тоа ја зголеми довербата во руската вакцина по повеќемесечен скептицизам.

Но, досега се чинеше дека и самите Руси не ѝ веруваат на сопствената вакцина. Редовните анкети покажуваат дека над половина од Русите не сакаат да примат Спутник V (58% во декември).

Колективен имунитет?

И покрај раниот старт на вакцинацијата и фактот дека вакцината сега е достапна за речиси сите групи на население, кампањата за вакцинација во земјата е релативно бавна. Според една од компаниите што ја развија вакцината, Рускиот фонд за директни инвестиции, над 1 милион луѓе во Русија ја примиле вакцината. Властите неодамна објавија дека планираат да вакцинираат над 68 милиони луѓе или 60% од Русите оваа година - и само тоа ќе овозможи колективен имунитет.

Фотографија: Mikhail Voskresenskiy/dpa/picture alliance

Бројот на инфекции во земјата паѓа стабилно од скокот на 24 декември со 30.000 случаи. Во моментов има околу 15.000 нови случаи на ден, слично на нивото на инфекции што Русија го регистрирашпе во средината на октомври.

Повеќе:

-Вакциниран и заразен – што ми се случи по вакцинирањето со Спутник V 

-Лична приказна 2. дел : Како ја поднесов втората доза на Спутник 5

-Лична приказна: Моето искуство со Спутник 5, руската вакцина против Ковид-19

Назад во стоковната куќа ГУМ. Наталија Кузенкова, лекарката надлежна за во неколку пунктови за вакцинирање, вели дека падот на бројот на инфекции се должи на вакцината - но само делумно. „Се развива ниво на имунитет [кај популацијата], малку по малку. Постои имунитет затоа што луѓето биле болни, некои луѓе воопшто немале никакви симптоми, но имаат антитела“.

Михаил Костинов, раководител на Институтот за истражување за вакцини Мечиников, исто така смета дека падот на инфекции се должи на неколку фактори, вклучувајќи ги вакцините, општото ниво на бесплатна здравствена заштита во Русија и фактот дека властите воспоставиле „мобилни болници“ за справување со големиот прилив на болни луѓе. Тој додава дека Русија во целина е помалку густо населена од европските земји и луѓето имаат пократок животен век. „Во Русија има помалку стари луѓе, така што бројките се различни“.

Враќање во нормала

Падот на бројот на инфекции сигурно не се должи на строгите мерки. Всушност, владата никогаш не воведе втор локдаун по оној во минатата пролет. Наместо тоа, властите ги ублажија корона-рестрикциите. На пример, во Москва, носењето маски е сè уште задолжително нво јавниот превоз и во јавните згради, но музеите, рестораните, баровите, па дури и клубовите се отворени. Градоначалникот неодамна изјави дека работодавците повеќе не се обврзани да остават дел од својот персонал да работи од дома. Театрите, кината и концертните сали сега можат да работат со 50% капацитет на публика.

Во рестораните низ градот, старите налепници што ги предупредуваат луѓето да држат физичка дистанца се лупат од масите кои често се поставени блиску една до друга. Пријателите се прегрнуваат, а деловните партнери се ракуваат.

Софија Маркова на штандот за сладолед на пунктот на вакцинација во ГУМ смета дека би можело да има уште помалку рестрикции во Москва. Таа засега не планира да го прими Спутник V. „Не се плашам да се разболам. Имам добар имунитет“, и низ насмевка додава: „Но, ако дури и странци се вакцинираат, веројатно е добро!“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми