1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Смртна казна за заробениците од полкот Азов?

Александра Иванова
20 мај 2022

Во руската Дума сѐ погласни се барањата за смртна казна за борците од украинскиот полк Азов. Какви се размислувањата за тоа во Германија и какви би биле евентуалните последици за Русија?

Воените заробеници од челичарницата Азовстал се надеваат на размена
Воените заробеници од челичарницата Азовстал се надеваат на размена Фотографија: Leon Klein/AA/picture alliance

Повеќе од 1.700 украински војници кои ја бранеа челичарницата Азовстал во Мариупол од 16 мај беа одведени во руско заробеништво, соопшти руското Министерство за одбрана. Меѓу нив има и ранети, а некои од нив се пренесени на лекување во Новоазовск, област контролирана од самопрогласената „Народна Република Доњецк“.

Заменик министерката за одбрана на Украина, Хана Маљар, говореше за евакуација на војниците од челичарницата и увери дека тие ќе бидат вратени дома преку размена на заробеници. Претседателот Володимир Зеленски, исто така, изрази надеж дека ќе ги спаси животите на војниците. „На Украина ѝ се потребни живи украински херои“, нагласи тој.

Смртна казна за борците од полкот Азов?

Меѓутоа, руската страна не брза да преговара за размена на заробеници. Претседателот на руската Дума, Вјачеслав Володин, дури изјави дека затворениците, кои тој ги нарекува „нацистички криминалци“, не треба да ѝ бидат вратени на Украина. Врховниот суд на Руската Федерација на 26 мај планира да донесе одлука за класификација на полкот Азов како „терористичка организација“, а со тоа и за забрана во Русија. За претставката на руското државно обвинителство треба да се одлучува зад затворени врати.

Евекуација на бранителите на челичарницата Азовстал на 17 мај 2022 годинаФотографија: Valentin Sprinchak/Tass/IMAGO

Од своја страна, претседателот на Комисијата за меѓународни прашања во Думата и член на руската делегација на разговорите со Киев, Леонид Слуцкиј, предложи укинување на мораториумот на смртната казна, кој во Русија е во сила од 1996 година, конкретно за судскиот процес против војниците на полкот Азов. „На целиот свет треба да му се покаже дека украинските националисти заслужуваат само смртна казна“, се закани тој.

Меѓународно-правни гаранции

Според германскиот воен експерт и поранешен генерал на НАТО, Егон Рамс, осудувањето на украински затвореници на смртна казна во Русија би било јасно кршење на меѓународното право. „Војниците кои беа евакуирани од Мариупол, вклучително и ранетите, се воени заробеници. Тоа се заснова на Женевската конвенција од 1949 година. Кога ќе слушнам дека има пратеници на Думата кои одеднаш гласно велат дека ним им се заканува смртна казна, тогаш очигледно руските претставници уште еднаш погрешно ја толкуваат правната основа или пак почнуваат да вршат воено злосторство“, вели Рамс.

Повеќе: Пеколот на Азовстал: Сведоштво на евакуирана Украинка

Женевската конвенција за постапување со воените заробеници беше донесена во август 1949 година. Членот 13 вели: „Со воените заробеници треба во секое време да се постапува со човечност. Секоја недозволена постапка или пропуст на државата која држи воени заробеници, кои како последица имаат смрт или сериозно загрозување на здравјето на воениот заробеник, се забранети и претставуваат сериозно прекршување на овој договор“.

Андреас фон Арнолд,  продекан на правниот факултет на Универзитетот Кил, за ДВ изјави дека воените затвореници не смеат да се казнуваат за учество во конфликт, туку евентуално за воени злосторства. Тие имаат право на соодветно фер судење.

Како течеше евакуацијата на бранителите на Азовстал

01:25

This browser does not support the video element.

Постапка против Русија пред Европскиот суд за човекови права?

Кристина Биндер, професорка по меѓународно право на Универзитетот на германските вооружени сили во Минхен, за ДВ посочува дека иако Русија не го ратификуваше 13-от дополнителен протокол на Европската конвенција за човекови права, во кој државите се обврзуваат на целосно укинување на смртната казна во мирнодопски, како и во воени времиња, сепак има одредено соодветен мораториум.

„Генерално, Европа, во смисла на 47-те земји-членки на Советот на Европа, вклучително и Русија, со исклучок на Белорусија, важи и важеше, како простор без смртна казна. Денес, неизвршувањето на смртната казна е услов за прием во Советот на Европа“, вели Биндер.

Повеќе: Озлогласениот полк „Азов“ и неговата улога во војната во Украина

Според експертката, Русија „го напушти“ односно била исфрлена од Советот на Европа на 16 март 2022 година. Тоа подразбира и повлекување на Русија од Европската конвенција за човекови права, кое меѓутоа стапува во сила дури по шест месеци. „Затоа, прекршувањата на човековите права што ќе бидат извршени до средината на септември 2022 година и за кои е одговорна Русија, односно кои се извршени против поединци кои се наоѓаат 'под суверенитетот на Русија', би можеле да бидат изведени пред Европскиот суд за човекови права“, објаснува Биндер. Тоа би се однесувало и на тортурата, па дури и на егзекуцијата на борците од полкот Азов.

Последици од прекршување на Женевската конвенција

Сериозните прекршувања на Женевската конвенција, според експертката, се опишани во членот 130. Тие вклучуваат намерно убивање, тортура или нехумано постапување, вклучително и биолошко експериментирање, намерно нанесување големо страдање или сериозна повреда на физичкиот интегритет или здравјето.

Во случај на такви прекршувања, Русија би можела да одговара како држава, а поединечни сторители да одговараат кривично правно, нагласува Бидер, додавајќи: „Русија би го прекршила меѓународното хуманитарно право во случај на егзекуција без соодветна постапка. Меѓутоа, во меѓународното право нема задолжително спроведување на законот, нема 'полиција'. Значи, сето се сведува на санкции од други држави, на пример економски санкции“. 

Според експертката, поединци можат индивидуално да одговараат пред националните судови за сериозни прекршувања на Женевските конвенции. Меѓутоа, во овој случај Владимир Путин ужива имунитет како вршител на должноста шеф на државата. Може да се разгледа и јурисдикција на Меѓународниот кривичен суд. „Ниту Русија ниту Украина не се договорни страни на Римскиот статут, но Украина ја призна јурисдикцијата на Меѓународниот кривичен суд за прекршување на статутот, во овој случај - воени злосторства извршени на украинска територија по 2014 година. Евентуалниот имунитет на актуелните шефови на држави тука е нерелевантен“, нагласува Биндер.

Во меѓувреме, украинските активисти за човекови права загрижено ја следат судбината на своите сонародници. Во интервју за британскиот онлајн портал иЊуз, раководителката на Центарот за граѓански слободи во Украина, Олександра Матвијчук, ги повика ОН да обезбедат дополнителни гаранции дека Москва ќе ги почитува одредбите на меѓународното право и оти украинските воени заробеници ќе бидат достоинствено третирани. Според неа, приказната за бранителите на челичарницата Азовстал заслужува во иднина за неа да бидат напишани книги и снимени филмови. „Оваа приказна мора да има среќен крај“, рече таа.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми