Русија тагува по жртвите од авионската несреќа
26 декември 2016Рускиот претседател Владимир Путин за денеска прогласи ден на жалост во земјата, откако патничкиот авион од видот Тупољев Ту-154, сопственост на руското министерство за одбрана, вчера утрото (25.12.2016) се урна кратко по стартот во Сочи.
Во потрагата по жртвите учествуваат околу 3500 луѓе распоредени во 200 различни екипи, а во самата операција се вклучени министерствата за вонредни ситуации, одбрана, како и сојузната агенција за авиотранспорт.
Рускиот министер за сообраќај Максим Соколов изјави дека терористички напад не се рагледува како главна причина за падот на авионот, но истрагата се води во сите правци. Како поверојатни верзии, според медиумите, кои се повикуваат од извори во истрагата, се сметаат технички проблеми или грешка на пилотот.
Контактот со авионот бил прекинат кога авионот од стартната писта бил оддалечен само десетина километри. Остатоци од авионот се пронајдени во морето на место кое од брегот е оддалечено околу 1,5 километри. Вчера од морето се извадени телата на дванаесет патници. Рускиот премиер Дмитри Медведев изјави дека станува збор за страшна катастрофа. „Тупољев 154 е авион наменет за летови на средно долги дестинации и најмногу се користи во руската флота.
Во авионот се наоѓале 92 лица, меѓу кои 8 членови на посадата, 64 членови на хорот и ансамблот Александров, соработници на руската телевизија и воениот магазин, како и хуманитарни работници.
Членовите на воениот хор Александров летале за Сирија, каде во воената база во близина на Латакија требало да одржат новогодишен концерт. Овој воен хор има добиено бројни награди и е многу популарен во Русија. Основан е во 1928 година како Хор на Црвената армија, а неговиот основач Александар Александров во 1943 година ја компонираше националната химна на Советскиот Сојуз, чија мелодија денес е руска химна.