1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Русија: Украина е на работ од граѓанска војна

ЖА/дпа/миа/афп/ртре14 мај 2014

Украинците во Киев се обидуваат да најдат решение за мир на национална кризна средба. На масата фалат некои важни политички играчи. Рускиот министер за надворешни работи Лавров: Украина е на работ од граѓанска војна.

Фотографија: Vasily Maximov/AFP/Getty Images

Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска изјави дека Украина е на работ од граѓанска војна, што го отежнува одржувањето на слободни и фер претседателски избори на 25 мај.

„Кога Украинци убиваат Украинци се смета дека е блиску граѓанската војна. Во источниот и во јужниот дел на Украина има вистинска војна со тешко оружје. Ако тоа е погодно за слободни и фер избори, тогаш не знам што значи фер и слободно“, истакна Лавров.

Тој оцени дека проруските сепаратисти треба да се вклучат во разговорите за „национално единство“, кои денеска почнаа во Киев. На разговорите учествуваат поранешни украински претседатели, актуелни украински владини претставници, пратеници, верски лидери и академици.

Тркалезната маса за „национално единство“ е прва во низата на планирани средби и се одржува по препорака на Организацијата за безбедност и соработка во Европа и се одвива без претставници на источните региони во Украина.

„Не знам кој точно учествува на тркалезната маса во Киев. Убедени сме дека за да биде успешен националниот дијалог, апсолутно е неопходно сите региони во Украина, не само јужните и источните, туку и западните рамноправно да учествуваат“, посочи Лавров.

Во Украина за 25 мај се закажани предвремени претседателски избори.

Германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнамајер до последен момент во Украина се залага за идејата на „национален дијалог“ меѓу прозападните и проруските табори, кои со недели тешко вооружени стојат едни против други.

Во меѓувреме пристигнуваат информации за нови борби во близина на источно-украинскиот град Славјанск. Проруските сили, според сопствени наводи, убиле најмалку осум војници на владините трупи, а повредиле уште седуммина. Се вели дека загуби претрпеле и сепаратистите.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми