1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руска инвазија врз Украина, освоена и нуклеарката Чернобил

БГ /АП
24 февруари 2022

Русија во четвртокот започна масовна воена кампања против Украина, со воздушни напади врз повеќе градови и копнена офанзива на повеќе фронтови. Битки се водат околу главниот град Киев, но и кај централата Чернобил

Украина Војна Русија
Украински трупи во очекување на руски нападФотографија: Anatolii Stepanov/AFP

Руските воени сили попладнево ја освоија нуклеарната централа Чернобил- местото на најголемата нуклеарна катастрофа во светот, а се водат битки и на само неколку километри од главниот град Киев, како и околу други градови. Во повеќе градови одекнуваат големи експлозии, додека цивилното население се обидува да избега или да најде засолниште од руските напади. 

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенбер изјави дека мирот во Европа е потресен од „брутален акт на војна“, а во осудата на руската агресија му се придружија и бројни државници од целиот свет. Конфликтот сериозно ги потресува и финансиските пазари каде многу берзи сведочат на голем пад на вредноста на акциите, како и раст на цената на нафтата, гасот и храната.

САД и ЕУ најавија нови, пожестоки санкции кон Москва, а кон осудата на агресијата се приклучија и лидери, како унгарскиот премиер Виктор Орбан, кои важеа за блиски пријатели на Путин.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги прекина дипломатските односи со Русија и прогласи воена состојба. 

Последици од руски напад во КиевФотографија: Efrem Lukatsky/AP Photo/picture alliance

„Од денеска, нашите земји се на две различни страни на светската историја“, твитна Зеленски. „Русија тргна на патот на злото, но Украина се брани и нема да се откаже од својата слобода“. 

Битки кај Чернобил и Киев   

Земјите-членки на НАТО засилено мобилизираат трупи и опрема на западната граница на Украина, иако тврдат дека нема да се вмешуваат во судирот во Украина.
Претседателот на САД, Џо Бајден го свика националниот совет за безбедност додека неговата администрација подготува нови санкции. Две од предвидените мерки веројатно ќе се однесуваат на санкции кон најголемите руски банки, и забрана за извоз на материјали корисни за руската индустрија и армија. 

Најзагрижувачкиот развој се случи во четвртокот попладнето кога Зеленски соопшти дека руските сили се обидуваат да ја освојат нуклеарната централа Чернобил, додека неименуван украински функционер тврди дека руска граната погодила радиоактивен отпад и веќе било забележано зголемување на радијацијата во регионот. Нема потврда на овие информации од други извори.  Централата се наоѓа 130 километри северно од Киев и руските сили во меѓувреме ја презедоа контролата врз неа. 

Руски хеликоптери над КиевФотографија: AP Photo/picture alliance

Украинскиот воен командант Валериј Залужни соопшти дека неговите трупи се борат со руските агресори на само 7 километри од Киев, во близина на Хостомел, каде што се наоѓа воен аеродром.

Опрадувањето на Путин 

Во обид да го оправда нападот, Путин тврди дека „Непријателска анти-Русија се создава на нашите историски земји". 
„Донесовме одлука да извршиме специјална воена операција“, рече Путин, во де-факто објавата на војна. Тој тврди дека се работи за „демилитаризација и денацификација“ на Украина, повторувајќи ги лажните тврдења дека владата во Киев е контролирана од радикална десница. 
„Русија не може да се чувствува сигурно, развиено и да постои под постојаната закана која доаѓа од територијата на модерна Украина". 
„Не планираме да ја окупираме Украина“, рече Путин и испрати жестоко предупредување до други држави. 
„До оние кои размислуваат да се вмешаат однадвор: Доколку го сторите тоа, ќе се соочите со последици поголеми од било кои со кои сте се соочиле во историјата. Сите релевантни одлуки се донесени. Се надевам дека ме слушате", рече Путин. 

Протести против војната во Украина во БерлинФотографија: picture alliance / AA

„Дајте му шанса на мирот“

Додека одекнуваа зборовите на Путин, Советот за безбедност на ОН одржуваше итна седница со која раководеше токму Русија, како актуелен ротирачки претседавач. Седницата започна со настап на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кој апелираше:
„Претседателе Путин запрете ги вашите трупи од напади врз Украина. Дајте му шанса на мирот. Премногу луѓе веќе загинаа". 
Но, неколку часа подоцна, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг оцени дека е веќе предоцна: „Мирот на нашиот континент е уништен“.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми