1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Конфликти

Руската тактика во Украина е слична на онаа во Сирија

Михаил Бушујев
20 април 2022

Руската воена тактика во Сирија и Украина покажува впечатливи паралели, вели Нана Ноте од Виенскиот центар за неширење оружје и за разоружување. Споредбата може да биде корисна и за оценка на она што претстои во Украина.

Ukraine Krieg Zerstörung in Mariupol
Фотографија: Alexander Nemenov/Getty Images/AFP

Чеченија, Сирија Украина: од почетокот на војната во Украина, експертите повлекуваат паралели меѓу претходните руски војни и оваа сегашнава. Нана Ноте, стручњак од Виенскиот центар за неширење оружје и за разоружување (ВЦДНП), гледа пет големи сличности меѓу рускиот воен ангажман во Сирија и овој сега во Украина.

Првата сличност е во секвенциски начин на организирање на воените операции. Тоа значи дека  Русија настапува во одвоени фази.

Друга сличност е „тактиката на опколување, опсада и бомбардирање на градовите, а потоа воспоставување т.н. ‘хуманитарни коридори'. Притоа треба да се биде многу внимателен при користењето на овој  термин“, вели Ноте.

Трета паралела претставуваат странски војници. Тоа е сложено прашање, зашто Русија прво ја обвинува другата страна дека ангажира странски легионери, но тоа го прави и самата.

Паралелите четири и пет се однесуваат на  дезинформации.  Од една страна станува збор за тврдења дека противникот користи луѓе како штит. Русија порано често ги обвинуваше терористите дека користат луѓе како штит, а сега тоа го прави истото и за баталјонот Азов во  Мариупол.  А потоа тврди и дека противникот користи хемиско оружје.

Без оглед на сите паралели, важно е да се видат и разликите меѓу руските операции во Сирија и во Украина, како според целите, така и според големината, нагласува експертката.

Секвенциски организирана војна

Објаснувајќи во разговор за Дојче веле што подразбира под секвенциски начин на војување, Хана Ноте потсетува дека во Сирија, режимот на Асад и рсуката војска, која интервенираше во септември 2015, повеќе пати паузираа со нападите во некои делови од земјата за да преземат акции на други места. На почетокот на 2017 година создадоа т.н. „зони на деескалација“ во западна Сирија, допуштајќи му на режимот на Асад да ги здружи ресурсите за да ја освои територијата на истокот на земјата, но и за да се реорганизира и да ги пополни истрошените ресурси. Асадовиот режим, помогнат од Русија, во 2018 година се врати и повторно ги презеде овие „зони на деескалација“, со исклучок на Идлиб, кој до денес не е под контрола на сириската влада, вели Ноте.

Нана Ноте, стручњак за безбедностФотографија: Hanna Notte

Во Украина, Русија објави дека првата фаза од т.н. „специјална воена операција“ е завршена, па дека фокусот ќе се префрли на „ослободувањето“ на Донбас, како што тоа Русите го нарекуваат. И навистина, руските трупи се повлекоа од подрачјето на Киев и северна Украина.

Но, тоа не значи дека сирискиото сценарио ќе се повтори целосно, нагласува Ноте. Ова потсетување на Сирија сепак е важно, зашто не би било паметно препуштање на преуранет оптимизам – дека борбите во другите делови од земјата се дефинитивно окончани, само затоа што Русите рекоа дека сега ќе се фокусираат на Донбас.

Опасни „хуманитарни коридори“

И кога станува збор за обиди за воспоставување хуманитарни коридори од опколените градови, посебно Мариупол, примерот на Сирија покажува дека на таквите коридори треба да се гледа со крајна претпазливост, потсетува Ноте.

„Опсадата на  Алепо  во 2016 година траеше повеќе од шест месеци. И тука Русите најавија коридори, но многу цивили не им веруваа. Друг проблем е што руската војска сите оние луѓе, кои од страв не користат коридори, ги гледа како легитимни мети. Така беше во предградијата на Дамаск во 2018 година. Наративот беше: луѓето можеа да го напуштат градот. Оние кои останаа, се сметаа за ‘терористи'. Со оглед на тоа што се случува во Украина, тоа е загрижувачки“.

Кога станува збор за Мариупол и обидите таму да се воспостават коридори, уште е покомплицирано. Во Сирија, Русите обично нудеа барем некоја опција. Луѓето можеа да се предадат, да го положат оружјето и да останат или можеа да излезат. Мнозинството тогаш замина во Идлиб. Сега во Мариупол постои проблем што цивилите очигледно биле принудени да допуштат со автобуси да ги евакуираат во Русија Таму биле присилени лажно да сведочат за настаните во Мариупол, објаснува Хана Ноте.

Цивили во уништениот сириски град АлепоФотографија: Ameer Alhalbi/Getty Images/AFP

Хемиско оружје и „црвена линија“

Во врска со стравот дека руската војска би можела да употреби хемиско оружје, Ноте нагласува дека, гледано од позиција на меѓународната заедница, забраната за користење хемиско оружје значајно е ослабена поради случувањата во Сирија. Таму таквите напади од војската на Асад продолжуваа и откако Сирија тврдеше дека ги уништила сите арсенали на хемиско оружје, сето тоа со руска заштита пред меѓународните тела, како на пример Организацијата за забрана на хемиско оружје. Советот за безбедност на ОН и западните земји не успеаја повторно јасно да ја повлечат оваа црвена линија.

Буча: Сè повеќе докази за злосторства врз цивилите

01:44

This browser does not support the video element.

Масакрот во Буча  покажа дека Русија малку се осврнува на обвинувањата на меѓународната заедница. Прашање е меѓутоа, во која мерка употребата на хемиско оружје е ефикасна опција во воен судир? Асад користеше хемиско оружје оперативно и тактички тесно поврзано со други акции на војската. Подрачјата кои ги држеше опозицијата беа изложени на колективно казнување. Тоа се случуваше паралелно со опсади и други насилства, вели Ноте.

Кога станува збор за Украина, некои експерти сметаат дека веќе сега таму се води борба за исцрпување. Нејзина цел е  деморализирање на цивилното население.  Во тој контекст не е исклучена употреба на хемиско оружје, дотолку повеќе што трошоците за таква акција не би биле посебно високи.

Но, дури и ако Русија на крајот не употреби хемиско оружје, веќе и самото тврдење дека Русија се спрема да го користи, ѝ користи на руската влада. Прво, затоа што така се продолжува наративот, промовиран во Русија од руската пропаганда, дека Украина претставува закана со тоа оружје за масовно уништување. Второ, самата можност Русија сепак да користи хемиско оружје, создава страв и ја тероризира Украина. За Русија значи, тоа е прилично едноставна и комотна тактика која носи резултати, а малку чини, вели во разговор за ДВ Хана Ноте, експерт од Виенскиот центар за неширење оружје и за разоружување (ВЦДНП)

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми