1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Руски напад врз Киев: „Дојдоа од небото!“

БГ /АФП
25 февруари 2022

Жители на украинскиот град Гостомел раскажуваат за падобранскиот напад на руските сили во близина на главниот град Киев. Западни разузнавачи проценуваат дека целта на Москва е да го освои Киев.

Ukraine Konflikt | Russischer Militärangriff
Напади на руски авиони врз ГостомелФотографија: AP Photo/picture alliance

Руските сили пукаа од отворените врати на хеликоптерите кои летаат над главите на луѓето во обид да ја преземат контролата врз стратешкиот аеродром Гостомел, во близина на Киев, раскажуваат локалните жители.

Според информации на украинскиот генералштаб, борбите на аеродромот Гостомел и натаму траат. Од украинска страна се тврди дека трупите пружаат отпор. 

Очевидци на агенцијата Франс прес, пак, велат дека руските падобранци успеале да ја преземат контролата врз аеродромот и околината откако пристигнале со хеликоптери и авиони од правец на Белорусија.

Последици од руското бомбардирање во околината на КиевФотографија: Efrem Lukatsky/AP/picture alliance

„Имаше војници кои седеа во хеликоптерите со отворени врати, и летаа директно над нашите куќи“, вели локалниот жител Серхиј Сторожук.

„Дојдоа хеликоптерите и почнаа битките. Пукаа од автоматски пушки, од ракетни фрлачи. Хеликоптерите најпрво бомбардираа, а потоа дојдоа Сухои и фрлаа бомби“, вели тој. 

Стратешка точка 

Аеродромот кај Гостомел, кој уште се нарекува и Антонов поради производството на тој тип авиони, ќе ѝ овозможи на Русија стратешка база за нејзините трупи да можат да пристигнат непосредно пред Киев. Оттаму потоа би можеле да го нападнат градот. 

Авион од типот „Антонов“ на пистата на аеродромот во Гостомел. фото: архиваФотографија: picture-alliance/dpa/V.Shevchenko

Очевидци велат дека базата е преполна со најмалку повеќе стотици руски војници.

„Тие пукаа врз мене. Не знам, можеби се обидуваа да ме исплашат. Два хеликоптери летаа зад мене и пукаа настрана од патот“, вели таксистот Микола Шимко.  „Видов најмалку 100 луѓе и сфатив дека нивните униформи не се нашите“.

Очевидците велат дека по првата офанзива следувала битка која траела три часа. Потоа следувале нови напади од авиони, по што хаосот продолжил.

Жителите на малото гратче веднаш до базата, како Људмила Климова, велат дека се во шок и страв по нападот.

„Од базата излегува чад, беше бомбардирана, а нашите куќи се веднаш до неа. Не знаеме каде да бегаме, моите родители се таму, мојата сестра“, вели таа додека се оддалечува од запалените полиња околу аеродромот.

Западни разузнавачки извори тврдат дека планот на руските сили е да го опколат и освојат Киев. Аеродромот Гостомел може да биде клучен за тие напори.

„Многу ќе зависи од тоа колкав отпор ќе пружат Украинците, но убеден сум дека Русите ќе се обидат да распоредат големи сили во главниот град“, вели разузнавачот. 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми