1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Новата неизвесност и европската одбранбена политика

Барбара Везел
10 март 2022

Војната во Украина се смета за закана на европската безбедност. Шефовите на држави или влади на ЕУ на самит во Версај разговараат за нова, поавтономна одбранбена стратегија.

Litauen | Bundeswehrsoldaten des Nato-Gefechtsverbandes in Rukla
Фотографија: Mindaugas Kulbis/AP/dpa

Домаќинот Емануел Макрон отсекогаш бара Европа да има поголема одговорност за сопствената одбрана и таа да биде поавтономна. Но, францускиот претседател досега имаше малку приврзаници за неговата визија. Сега пак во Версај ситуацијата се врти во негова корист, бидејќи војната во Украина наметна потреба од повторна ревизија на европската безбедносна стратегија.

Војната во Европа ги менува сите основи

Уште во јануари, за време на распоредувањето на руските трупи долж границата со Украина, пред инвазијата, мнозинството од европската јавност беше за тоа дека Европа мора да најде одговор на оваа закана за заедничката безбедност. Анкетата на тинк-тенкот ЕЦФР (Европски совет за надворешни работи) покажа дека граѓаните очекуваат и од НАТО, но и од  ЕУ да ја заштитат Европа.

„Оваа криза ќе ја стави на тест подготвеноста на Европејците да го одбранат заедничкиот безбедносен поредок,“ напишаа Марк Леонард и Иван Крастев. Тие исто така сметаат и дека подготвеноста за цената која треба да се плати за тоа варира кај земјите членки. Додека граѓаните во Полска се подготвени да прифатат големи ограничувања во корист на својата безбедност,  Германците и Италијанците не се толку расположени за длабоки резови.

Шефовите на држави или влади врз основа на ова ќе мора во Версај да договорат заедничка стратегија соодветна на новата безбедносна закана, но која ќе биде прифатлива за сите земји членки. Под притисокот на руската војна во Украина, долго подготвуваниот стратешки документ „Безбедноста и одбраната во ЕУ“ темелно е преработен, проширен од 34 на 41 страна и со видно заострен тон и фокус. 

Квантен скок во одбраната и безбедноста? 

„Враќањето на војната во Европа како и големите геополитички промени, се предизвик за нашата способност да ја преработиме нашата визија и да ги одбраниме нашите интереси,“ се вели во заедничкиот документ, кој стои на масата во Версај. „Сѐ поголемото непријателско опкружување од нас бара квантен скок напред, да го зголемиме нашиот капацитет и подготвеност за делување, да ја зајакнеме нашата отпорност и да обезбедиме солидарност и взаемна поддршка.“

Вака за прв пат ЕУ се заложува за  активна безбедносна политика  и заштита на своите земји членки, што во овој облик се манифестираше пред сѐ под притисокот на дел од источните земји членки. Во тој контекст и естонската премиерка Каја Калас повторно од Европскиот парламент побара јакнење на европската одбрана на ЕУ, покрај санкциите и одвојувањето од руските енергенси.

„Мораме да се фокусираме на способностите кои се прескапи за одделни земји членки. Целта да се издвојуваат до 2% од БДП (за одбрана) мора да стане апсолутен минимум“, порача таа.

Во заедничката изјава од самитот следи остра осуда за Русија – дејствијата на Москва се „непровоцирани и неоправдани“ и покажуваат подготвеност „да се користи огромна воена сила, без да се имаат предвид хуманитарните последици во комбинација со сајбер напади, манипулација на информации, мешање во странски земји, уцени со испорака на енергија и агресивна нуклеарна реторика.“ ЕУ очигледно ги „извади свилените ракавици“ во односот со Владимир Путин. 

Истовремено  Европејците остануваат посветени на своите меѓународни партнери, како Г7, ја потврдуваат соработката со НАТО и потсетуваат на безбедносните гаранции на сојузот. Притоа Русија се критикува и за нејзиното мешање во други меѓународни кризни жаришта како што е Либија, Мали или Сирија, кои Москва, како што се вели, ги користи за свои цели и употребува кампањи за дезинформации и ангажман на платенички групи како што е Вагнер групата. 

ЕУ едногласно ја осуди руската агресија врз УкраинаФотографија: Stringer/TASS/dpa/picture alliance

Што може да се заклучи од ударните зборови? 

ЕУ веќе скрши едно од нејзините табуа и од „европскиот мировен“ буџет алоцираше 500 милиони евра за испорака на оружје за Украина. Буџетот и во иднина треба да се користи ако во кризни случаи биде потребна воена помош. 

По драматичниот пресврт во сопствените издатоци за одбрана во Германија сега и во европски рамки се бара „трошење повеќе пари за подобра одбрана” и сето тоа да се координира меѓу земјите членки на ниво на ЕУ. До средината на годината Комисијата во Брисел треба да разработи форми за поттикнување на плановите за заедничо вооружување. Последен предлог беше да се укине данокот на додадена вредност за  воена опрема  која би се купувала во рамки на ЕУ. 

Европејците сакаат да ги подобрат и нивните способности во логистиката: транспортот и брзото  распоредување на војници, материјал и опрема преку границите, во соработка и со  НАТО.  Тоа се способности за кои малкумина во Европа мислеа дека на толку шокантен начин ќе станат неопходност.  

Ќе има кавга 

Досега, ривалството меѓу членките често ги кочеше плановите за  заедничко вооружување во ЕУ.  Повеќе се гледаше на тоа кој ќе ја има контролата над проектите и економските предности за сопствените компании, отколку за заедничката придобивка. И иако повеќето членки на ЕУ се и членки на НАТО, и таму има конкурентски односи. Силнито влијание на САД врз одлуки за набавка на одбранбени системи и определување стратешки приоритети мора да биде подобро усогласено со желбите на самите Европејци. Тоа ќе биде тешко бидејќи станува збор за проекти кои тежат милијарди и илјадници работни места.

И конечно: може ли Европа по успехот на Фондот за обнова по коронавирусот, повторно да спроведе масовно задолжување за да ги обезбеди потребните милијарди за одбрана и пресврт во енергетиката? Вообичаените контраши, пред сѐ Холандија, веќе го отфрлија ова и велат дека е прерано за такви идеи. Според нив, потребно е враќање на штедлив пристап во однос на заедничкиот буџет. Тука настанува нов фронт за интерни битки во ЕУ, бидејќи без дополнителни средства ќе биде тешко да се совлада оваа огромна задача. 

 

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми