1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Станбени објекти и ТВ кули нова цел на Русија во Украина

БГ /АП
1 март 2022

Руските сили ги засилија нападите врз населени места во Украина во вторникот, бомбардирајќи го плоштадот во Харков и телевизиската кула во Киев. Зеленски оцени дека се работи за кампања на терор.

Ukraine | Krieg | Fernsehturm in Kiew
Фотографија: Carlos Barria/REUTERS

Според украинските власти, пет лица загинале во попладневниот напад врз ТВ кулата, на неколку километри од центарот на Киев и во близина на бројни станбени објекти. Неколку ТВ-канали не емитуваа програма. Ракетaта паднала во близина на музејот на жртвите во Холокаустот, Бабин Јар. 

Конвојот руски воени возила долг речиси 64 километри и натаму бавно се доближува до Киев, а проценките се дека се подготвува вистинска опсада на градот од сите страни. 

Големи битки се водат и околу стратешките пристаништа Одеса и Мариупол на југот.

Во руски напад со крстосувачка ракета врз административната зграда во Харков, утрото, загинаа најмалку 6 луѓе. Во текот на денот, спасувачките служби извлекуваа жртви и преживеани од под урнатините на зградата. 

Уништената административна зграда во ХарковФотографија: Ukrainian Emergency Service/AP Photo/picture alliance

Претседателот Володимир Зеленски го оцени нападот како „државен тероризам на руската федерација“.  

Москва ја менува тактиката   

Воени експерти се загрижени дека Русија ја менува тактиката. Стратегијата на Москва во претходните војни во Сирија и Чеченија беше да уништува цели градови со артилериски напади и со тоа да го крши отпорот на бранителите. 
Хјуман рајтс воч соопшти дека е документиран најмалку еден руски напад со користење на касетни бомби во Украина. Локалните жители сведочат дека такви напади имало и во Харков и на други места. Кремљ негира дека користи касетни бомби. 

Руски воен конвој во близина на КиевФотографија: Maxar /AP/picture alliance

ОН соопштија дека досега евидентирале 136 цивилни жртви, но сметаат дека вистинската бројка е далеку повисока. Над 500.000 Украинци, претежно жени и деца досега успеаја да избегаат од руската агресија во соседните земји. Во Киев и други градови, болниците мораа да ги префрлат болните во подрумите поради постојаните руски ракетни напади. 

Во нападнатите градови, Украинците користат се што ќе им се најде при рака за да се одбранат од руската агресија.

Барикади во центарот на Киев, на плоштадот МајданФотографија: Vadim Ghirda/AP Photo/picture alliance

На автопатот меѓу Одеса и Миколаив во јужна Украина, мештаните поставија тракторски гуми наполнети со песок и ги покрија со вреќи со песок за да ги сопрат конвоите. Слични акции се преземаат и во Киев и други градови, како што може да се види и од ова видео. 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми