Рускиот патријарх во посета на Бугарија
28 април 2012Серускиот патријарх Кирил пред зградата на владата во Софија бил пречекан од страна на бугарскиот премиер Бојко Борисов. Борисов му ја бакнал раката на патријархот Кирил Први, а според традицијата за овој период од годината по Велигденските празници, поглаварот на РПЦ на Борисов му подарил скапоцено велигденско јајце.
Претходно патријархот Кирил се сретнал и со бугарскиот претседател Росен Плевнелиев, како и со претседателката на Народното собрание, Цецка Цачева.
На средбата Плевнелиев и патријархот Кирил потцртале дека заедничкото културно и духовно наследство меѓу Бугарите и Русите е основата на која се развиваат односите меѓу двата народа. Патријархот Кирил посочил дека Бугарите и Русите споделуваат заедничко религиозно и културно наследство.
Росен Плевнелиев забележал дека во последните 20 години верата и христијанските вредности заземаат поголемо место во живото на секое бугарско семејство. И воопшто во општеството, при што неоспорен е придонесот на Бугарската православна црква.
Од двете страни била изразена надежта дека традиционалните добри односи меѓу двете православни цркви и зајакнувањето на христијанските добродетели ќе продолжи и во иднина.
Рускиот патријарх Кирил во Бугарија е придружуван од поголема духовна делегација на Руската православна црква, а на средбата со Плевнелиев присуствувале и претставници на Бугарската православна црква.