1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Рускиот претседател Владимир Путин од вчера во дводневна посета на Турција, на која таму се гледа како на историска.

6 декември 2004

Посетата всушност требаше да се реализира уште пред три месеци, но беше одложена поради заложничката драма во Беслан. Сегашната, иако во скратена форма, предизвикува толкаво интересирање зашто е прва руска државна посета на Турција по цели 32 години. Последната, на Подгорни во 1972-ра година, беше од чисто церемонијален карактер, а сега треба да бидат потпишани шест договори.

Владимир Путин за време на посетата на музејот на Кемал Ататурк
Владимир Путин за време на посетата на музејот на Кемал АтатуркФотографија: AP

Вековен ривалитет ги карактеризираше односите на османлиското и руското царство. По нивната пропаст, Турција и тогашниот Советски сојуз се најдоа на фронтална позиција во студената војна: со децении Турција се дефинираше себе си како последна тврдина на Западот на границата кон “царството на злото”. По крајот на студената војна односите се подобрија и сега тоа се крунисува со посетата на рускиот претседател. Навистина, Путин, придружуван од голема делегација на претприемачи, доаѓа повеќе како трговски патник и сака да продаде борбени хеликоптери, повеќе гас и нафта, како и нов нафтовод.

“Басфор ни припаѓа нам и останува наш” – демонстрираше групичка екологисти во Истанбул против катастрофата што се заканува. Зашто, Русите повеќе од една четвртина од извозот на нафта го остваруваат преку Босфорскиот мореуз, низ кој на секои 7 минути минува по еден голем брод, а на секои 50 минути по еден транспорт на опасни материи – сите тие во буквална смисла на зборот среде низ градот. Не само екологистите, туку и владата постојано дава знак за аларм: “Мораме безусловно да преземеме мерки” – вели покрај другото министерот за трговија Курсад Тузмен.

И Русија се согласува со тоа и предлага изградба на нафтовод. Турците се за траса низ централна Анадолија кон Средоземното море, Русите преферираат насока кон запад, низ европскиот дел на Турција. Последниот заеднички гасовод, со кој се врши испорака на гас за Турција, е технички новитет: поставен е на дното на Црното море.

Инаку, меѓусебниот трговски волумен доживува експлозија – годинава порастот ќе изнесува повеќе од 60 насто и ќе достигне 11 милијарди долари. Русија стана еден од најважните турски трговски партнери, а милиони руски туристи летуваат на јужниот турски брег. Затоа проблемите – ривалитетот околу Грузија, Ерменија и Азарбејџан, како и руската војна против муслиманските Чеченци - паѓаат во втор план.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Прескокни го блокот Повеќе теми